Алармантна е бројката на невработени жени во државата. Резултатите од анализата на Институтот за економски истражувања и политики, „Фајнанс тинк“ покажува дека околу 250.000 жени во Македонија се домаќинки и се надвор од пазарот на труд. Причини за тоа се ограничена поддршка за детска грижа, домашни обврски, недостапност на флексибилни работни места и културни бариери. Вредноста на работата на домаќинките е проценета на 8 отсто од БДП. Неплатениот труд на домаќинките ако се претвори во пари изнесува над милијарда евра годишно.
Анализата на Институтот за економски истражувања и политики, „Фајнанс тинк“ покажува дека секоја втора работоспособна жена не е вработена и не бара работа, и дека тоа пред се се должи на ограничената поддршка за детска грижа, недостапност на флексибилни работни аранжмани, културни бариери и домашни обврски.
Во анализата уште пишува дека ваквата ситуација води до неисполнет економски потенцијал, што негативно влијае врз економскиот раст и продуктивноста.
Според последните податоци објавени од Агенцијта за вработување, невработени се 51.874 жени, наспроти 47.268 невработени мажи.
Меѓу невработените лица, најбројни се оние со завршено средно образование.