Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Европската Унија не планира да се откаже од новиот систем за гранична контрола

Голем број туристи се загрижени за новите системи за влез во ЕУ, но дилемата околу системот ЕЕС е решена, а неговата имплементација официјално е одложена. Новиот датум се уште не е објавен, а се верува дека системот ETIAS, кој ќе стапи на сила во мај 2025 година, може веднаш да биде поместен.

Системот ETIAS ќе бара издавање патна дозвола која ќе чини 7 евра.

Тое ќе бидат услов за влез на граѓаните без виза, а е поврзан со патен пасош. Ќе важи до три години или до истекот на пасошот, кое и да е прво.

Европската Унија не планира да се откаже од новиот систем за гранична контрола за да се справи со стотиците милиони луѓе што го посетуваат блокот секоја година, иако не е јасно кога ќе ги спроведе новите аранжмани откако нивното лансирање веќе се одложи. Од ЕУ велат дека системот за влез/излез, или ЕЕС (EES-Entry/Exit System), ќе ја автоматизира регистрацијата на посетителите, зголемувајќи ја безбедноста, и на крајот ќе доведе до пократко чекање на точките за контрола на пасоши.

Планот беше отфрлен во октомври, откако некои земји членки предупредија дека не се подготвени да го исполнат рокот до 10 ноември. Официјалните претставници на ЕУ сега размислуваат за фазен пристап, иако за да се случи тоа, може да биде потребно ново законодавство.

Неколку туристички здруженија предупредија на избрзаното воведување на новиот систем, што може да доведе до хаос на аеродромите и на другите гранични точки.

ЕЕС ќе се применува за сите државјани на земји што не се членки на ЕУ а се примени во безграничната шенген-зона за патување најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена. Системот ќе ги опфати и имателите на виза и патниците на кои не им е потребна виза.

Блокот ќе собира податоци, вклучувајќи отпечатоци од прсти, фотографии од лицето и информации од патните документи, при првото влегување. Следните патувања во период од три години ќе бараат само биометриска потврда.

Патниците што влегуваат во 29-те земји од шенген-зоната (кои вклучуваат 25 земји на ЕУ, заедно со Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија) ќе бидат упатувани на терминали за саморегистрација за да ги достават биометриските податоци и да одговорат на неколку прашања.

Секој што ќе пристигне преку големите аеродроми, возовите на „Евростар“ од Лондон или услугите на „Евротунел“ од Фолкстоун во југоисточна Англија ќе биде упатен до специјализиран киоск за таа намена пред да се сретне со службениците за пасошка контрола.

Оние што патуваат преку пристаништето Довер во Обединетото Кралство со автомобил или со автобус ќе користат киосци или таблети што ќе им се дадат во возилото за да го завршат првиот чекор.

Патниците на крајот би биле поттикнати, наместо тоа, да ги користат мобилните апликации веднаш штом ќе бидат достапни.

Тоа нема да влијае на патниците што пристигнуваат во Кипар и во Ирска, единствените две земји од ЕУ што се надвор од шенген-зоната и кои ќе продолжат рачно да ставаат печат во пасошите.

Исто така постојат исклучоци за одредени категории патници, вклучувајќи и државјани што не се членки на ЕУ а кои поседуваат дозвола за престој во ЕУ, или тие што патуваат поради истражување или студии.

Од земјите членки се бараше да ја известат комисијата за тоа дали се подготвени. Земјите на ЕУ со најпрометните аеродроми, Германија, Франција и Холандија, кои колективно заземаат 40 проценти од патничкиот сообраќај погоден од ЕЕС, ја информираа извршната власт на ЕУ дека системот не работи правилно, дека се потребни тестови што инаку не може да се завршат навреме до планираното официјалното лансирање. Холандија рече дека централниот компјутерски систем на ЕЕС не е доволно стабилен, информира портпаролот на холандското министерство за азил и миграција.

Неколку туристички бизнис-асоцијации исто така предупредија на проблеми од пребрзото воведување на ЕЕС и се пожалија на недостиг од јасност околу новите аранжмани.

Портпаролката на аеродромот во Франкфурт рече дека дефект на ЕЕС може да го наруши целиот европски и глобален систем на воздушен сообраќај. Исто така постои и ризик од нарушување на трансатлантската индустрија за крстосувања, која е особено чувствителна на доцнења на границите, со оглед на илјадниците туристи што се симнуваат за кратки посети на крајбрежните градови во Португалија, Италија и на други места.

Безбедноста е главниот двигател. Иако претставниците на ЕУ рекоа дека системот треба да го рационализира процесот на пристигнување, неговата главна цел е да го одврати криминалот, да ги идентификува луѓето на кои им е истечена визата, да се бори против измамата со идентитети и да се обиде да ја намали илегалната миграција, што е растечка грижа за владите во регионот.

Според податоците на Фронтекс, европска агенција за управување со границите, бројот на нерегуларни гранични премини минатата година достигна околу 380.000. Тоа е најмногу од 2016 година, кога Европа се соочи со дотогаш невиден прилив на бегалци и мигранти.

ЕЕС се очекува да биде проследен со воведување европски систем за информации и овластувања за патување, или ЕТИАС, програма за граѓани што не се од земји членки на ЕУ а се ослободени од визи и кои влегуваат во шенген-зоната, за која ќе биде потребно претходно да извршат онлајн прелиминарна авторизација. Пропусницата ќе биде валидна три години и ќе чини седум евра, а ќе биде слична на системот за електронско овластување за патување, или ЕСТА, управуван од САД. ЕТИАС ќе важи за повеќе од 60 земји ослободени од визи и ќе покрива краток престој во 30 европски земји.

Имателите на овластување ЕТИАС ќе бидат евидентирани во ЕЕС секојпат кога ќе ја преминат надворешната граница на која било шенген-земја. Според плановите, ЕТИАС ќе биде лансиран во 2025 година, но сега веќе и тој рок може да пропадне.

Обединетото Кралство воведува своја програма за електронска авторизација за патувања, ЕТА, чија цел е да ги модернизира своите гранични процедури. Патниците мора однапред да аплицираат онлајн за дозвола за патување. Пропусницата чини 10 фунти (13,3 долари) и е валидна за повеќекратен престој до максимум шест месеци во период од две години. Минатата година системот ЕТА беше применет за патници од неколку земји од Блискиот Исток. Системот ќе биде отворен на 27 ноември за сите националности, освен за тие со ЕУ пасоши, а по краткиот тест-период ќе стане задолжителен веќе на 8 јануари. За граѓаните на ЕУ (освен тие од Ирска) ќе стане задолжителен почнувајќи од 2 април, а апликациите ќе бидат отворени на 5 март.

Зачлени се на нашиот е-билтен