Во чест на крајот на месецот октомври посветен на борбата против ракот на дојка, во Градскиот парк во Скопје поставени се уникатни цветни композиции во форма на розова панделка.
Оваа иницијатива е реализирана од страна на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и служи како последен апел до жените да се грижат за своето здравје и редовно да прават прегледи.
Денес директорот Јетон Бучи заедно со претставнички од здружението Езра и тимот на претпријатието засадија хризантеми оформувајќи ја цветната панделка во Градскиот парк, место кое секогаш не потсетува на Розовиот месец.
Симболично давајќи поддршка на борбата на жените кои се справуваат со оваа болест, розовите цветови даваат посебен сјај на цветната форма во паркот.
Преку оваа цветна инсталација, целта е да се подигне свеста за раното откривање на болеста и важноста од превенција, потсетувајќи ги сите на значењето на заедничката борба против ракот на дојка.