Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски и Ахмети си ги мерат силите, реториката мириса „изборно“

Си ги мерат ли силите партиските водачи на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети, пред локалните избори кои треба да се одржат догодина? За граѓаните реториката „мириса“ на избори.

„ДУИ да се подготват за одговорност, а за избори кога ќе дојде време ќе се подготвуваме, е пораката што Мицкоски, ја испрати до Ахмети кој вчера пак, рече Мицкоски „добро да се подготви за догодина“ доколку има предвремени парламентарни избори.

Мицкоски уште еднаш потенцираше дека граѓаните само пред неполни шест месеци им дале над 600 илјади гласови и затоа во план им било во наредните четири години да го испорачаат тоа што го ветиле.

„Јас разбирам дека раководството на ДУИ не сака да биде во опозиција, исплашени дека конечно ја чувствуваат и тие одлучноста на Владата за борба против криминалот и корупцијата. Знаат сè што имаат правено во изминатите 20 години, свесни се и знаат дека полека но сигурно доаѓа денот кога ќе треба да бидат одговорни. Како резултат на тој страв, тие непринципиелно се храбрат и мислат дека на тој начин ќе магнетизираат повеќе гласачи“, рече Мицкоски.

Мицкоски во четвртокот, (31 октомври) на првите пратенички прашања за неговата Влада од собраниската говорница прв го отвори прашањето за предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните во октомври следната година. Тој ова го кажа откако лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, повика Владата да си поднесе оставка.

„Мицкоски на власт и Мицкоски во опозиција очигледно не се познаваат, буквално го плукнавте секое ветување… Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете Северна. Ајде премиере, еве сега е шанса, во Собранието да го вратите мандатот. Наместо тоа, вие и вашите министри на мала врата почнавте да го користите уставното име, а некои богами тоа и со гордост го изговараат“, рече Филипче од собраниската говорница на 31 октомври.

По ваквата собраниска комуникација меѓи Филипле и Мицкоски, се јави му возврати со се јави и Ахмети.

„Самиот Мицкоски вчера изјави дека ќе имаме предвремени парламентарни и локални избори по една година. Македонската опозиција мора да биде храбра затоа што немаат што да загубат, нека се подготват добро по една година на терен на избори со ВМРО, а ние на избори со сите оние кои не мислат како нас и се претставуваат како претставници на Албанците во институциите на државата“, изјави синоќа Ахмети на средба со граѓани во Боговиње.

Видете и ова:

Од историски криминал до историски проект за ВМРО- ДПМНЕ

Од коалицијата Вреди (ВЛЕН), која е дел од Владата, пак, реагираше првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити велејќи дека ДУИ треба да се подготви да биде уште долго време во опозиција.

„Наместо да се претставува како некој голем фактор на политичката сцена, ДУИ би било подобро да се врати на внатрешните реформи и да ги исчисти своите редови од организираниот криминал и корупцијата“, порача Меџити.

Последните парламентарни избори се одржаа на 8 мај, а по нив ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ ја формираа новата Влада на Северна Македонија.

СДСМ и ДУИ, по седумгодишно владеење, заминаа во опозиција.

Зачлени се на нашиот е-билтен