Срѓан Захариевски до денес не е шеф на стручниот штаб на ФК Вардар.
Информацијата претпладнево ја објавија „црвено-црните“ на својот профил на социјалната мрежа Икс.
-АД ФК Вардар и шефот на стручниот Срѓан Захариевски утрово спогодбено ја раскинаа соработката.
АД ФК Вардар му благодари за несебичниот ангажман, максималниот вложен труд и голема желба за успех.
За личности како Срѓан Захариевски вратите на АД ФК Вардар се секогаш отворени, стои во објавата на „црвено-црните“.
Захариевски беше третиот тренер на Вардар од почетокто на сезоната. Пред него тимот го предводеа Горазд Михаилов и Горан Петрески.
Вардар по 13 кола е последен во поредокот на Првата македонска фудбалска лига со само осум освоени бодови.
Фудбалската јавност веќе се прашува дали Вардар е последен на табелата во Првата лига со само осум освени бодови поради тренерите или поради нешто друго?
Можеби одговорноста е кај оние кои беа задолжени да донесат засилувања, а летово ги имаше многу. Дури шест странски играчи го облекоа дресот на најтрофејниот македонски тим, а резултатите се полоши од минатата сезона, кога клубот имаше тешки финансиски проблеми и играше најчесто со домашни играчи и на хартија имаше послаб состав.
Очигледно е дека во зимскиот преоден рок ќе бидат потребни сериозни и темелни промени за Вардар да излезе од дното на табелата во Првата лига.