Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЗНМ: Да се санкционираат сериозните напади врз новинарите

Итно решавање на сите отворени процеси во кои врз новинари се применува насилство, реформи во регулативата за слеп тужбите и сериозен одговор од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство на вербалното насилство што се случува сѐ почесто преку онлајн платформите се барањата на Здружението на новинарите на Македонија по повод Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите – 2 ноември.

На денешната прес-конференција на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) што се одржа во Клубот на новинари се дискутираше за сериозни напади врз новинарите, решавање на нерешените случаи на напади врз медиумските работници, заштитата на јавниот интерес преку слободата на говор, транспарентноста на надлежните институции и соработката помеѓу еснафските здруженија со МВР и ЈО, како и заштитата на новинарите и казнивоста на заканите и нападите врз нив.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, истакна дека оваа година се регистрирани четири посериозни прекршувања на правата на новинарите, заедно со бројни онлајн закани и осум слеп тужби. 

– Безбедноста на медиумските работници и борбата против неказнивоста на злосторствата против нив е директно поврзана со демократските вредности на едно општество. Бараме итно решавање на сите отворени случаи во кои врз новинари се применува насилство. Вербалното насилство и малтретирањата, преку онлајн платформи, бара сериозен одговор од МВР и Обвинителството. Граѓаните бараат од нас верно да им служиме. Да не потклекнуваме на насилниците, да не шуруваме со политичките партии, да информираме за злоупотребите на бизнис моќниците. Затоа ни треба целосна поддршка, транспарентни и фер постапки, за да обезбедиме медиумски простор ослободен од страв и закани, рече Чадиковски.

Зачлени се на нашиот е-билтен