По меѓусебните прозивки меѓу власта и опозицијата, денеска нова тура надмудрувања. Повторно се огласија функционерите од Вреди. Според министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, нема потреба од предвремени парламентарни избори, бидејќи Владата има речиси двотретинско мнозинство, а нема потреси, ниту пак, кризи меѓу коалициските партнери за изборно соочување. Муртезани вината за подгревање на предизборна атмосфера, ја гледа кај ДУИ. Според него изјавите на Али Ахмети, дека интегративците се подготвени за избори на кои граѓаните ќе го дадат последниот збор, „за кој пат се“, се зборови со кои се бара внимание бидејќи не научиле како да се опозиција.
Ден пред тоа на тема: „Предвремени парламентарни избори“, се огласи и министерот за животна средина, Изет Меџити, од редовите на Вреди, изјавувајќи дека не е време за дополнителни трошоци.
„За државата и за граѓаните, кога имаш мнозинство од 80 пратеници непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа е само трошок за државата и губење време. Бидејќи секое прогласување на избори значи 6 месеци пред и по изборите запирање на сите постапки, сите јавни набавки, вработувања“, изјави првиот вицепремиер, Изет Меџити.
Од друга страна пак, нивниот шеф, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски не мисли така. Тој на првите пратенички прашања на новата Влада, кои се одржаа на 31 октомври, од собраниската говорница повика заедно со локалните избори да се одржи и парламентарно соочување. Ваквата изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дојде, откако лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, повика Владата да си поднесе оставка.
„Ако сте сигурни дека сакате да одиме на избори, да одиме, да се провериме. Еве, заедно со локалните да направиме и едни парламентарни, па да одиме. Ако сакате, јас немам проблем, еве сега да ја договориме работава“, рече Мицкоски во Соранието.
На повикот на Мицкоски, денеска стигна одговор од претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Во одговорот адресиран до Мицкоски тој рече дека неговата партија е подготвена за изборно соочување.
„Тоа што има таква најава на само пет месеци од формирањето на Владата е доказ дека на владата навистина не и оди“, рече Филипче кој најави дека во секој следен чекор на избори ќе бидат посигурни и поуспешни.
Повикот на Мицкоски, Филипче го гледа и како кокетирање со ДУИ, но пред се како порака до коалицијата Вреди и до ЗНАМ, кои сооред него веќе имаат маргинализирана улога и преполовена поддршка.
Во мај годинава се одржаа парламентарните избори, по што ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ формираа Влада.