Антизападниот БРИКС оставен во македонскиот орман

Имаше некаква симболика во фактот дека министерот за надворешни на Русија – Лавров лани, на денот кога се слави годишнината од Октомвриската револуција, го пушти повикот за „запишување“ на ново членство во БРИКС, организација која е од стартот антизападна по концепцијата. Зошто човек може да помисли дека малата Македонија е една од земјите каде треба да ја слушнат неговата порака?

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Како што се приближува времето кога треба да се отвори дебата околу промената на Уставот на земјава, како предуслов да ги продолжиме преговорите со Брисел за влез во Унијата, така расте сè похистеричното јавно колнење на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да отстапат од бојкотирањето на влезот на бугарското малцинство во највисокиот македонски правен акт.

Видливо е дека во целата таа атмосфера која ја создава врвот на партијата на Мицкоски никаде нема алтернатива – одговор за тоа каде треба да одиме ако едноставно го отфрлиме членството во ЕУ? Бидејќи, сосема е јасно дека нашите европски перспективи без никаков рационален одговор за судбината на земјата која може да отиде во неврат.

Факт е дека убедувањето на десницата во земјава, кое постоеше како противтежа на напорот за нашето членство, најпрвин во НАТО, кое се случи, а сега и како контра-тег на многу старото барање да влеземе во ЕУ, сè помалку се потпира на шарената лага за „изгубениот рај“ кој нè очекува на другата страна, на Истокот, во организацијата наречена БРИКС.

Но факт е и дека ако не се споменува, таа солуција лебди во воздухот.

„Што сме добиле од Западот“ – праша без срам градоначалникот Јакимовски во неодамнешната дебата со проф. Нано Ружин во „Само вистина“ (16.05.2023). Ружин само ја спомена последната инвестиција од Тајван, вредна над 200 милиони долари.

Идејата за членство во БРИКС

На еден типичен вмровски аргументум без факти, БРИКС стои сокриен, разголен, во орманот, како некој ненадеен љубовник. Истиот во мигот е надвор од доменот на било какви дебати, откако Левица доста го „трошеше“ во оние улични, крвави бунтови во протестот против т.н. француски предлог за разрешување на спорот со бугарското вето. Левица излегуваше со тезата дека алтернатива на Западот постои таму на Истокот, без да дава никакви додатни перформанси на својот „пат на свилата“.

КОЈ СЕ КРИЕ ВО ОРМАНОТ Како и луѓето кои не треба да се видат, така и некои определби треба да се појават кога ќе им дојде времето

Факт е дека на 8 ноември минатата година, на денот кога се славеше годишнината од Октомвриската револуција, рускиот министер Лавров го пушти повикот за „запишување“ на ново членство во  БРИКС, организација која е од стартот антизападна по концепцијата.

Зошто човек може да помисли дека малата Македонија е една од  земјите каде што треба да се слушне неговата порака? Па токму заради тоа што Македонија тогаш правеше чекор напред во однос на својата позиција кон Брисел, кога тврдиот историцизам на бугарските факти почна да се руши и немаше никаков политички reason d’etre да се става камен на сопнување на патот до нашата иднина.

МАМЕЦ Лавров го спомена БРИКС како мамец за солидарност, кога руската војска заглави во украинската кал

Покрај овој повик, даден додека руските тенкови тонеа во украинската кал и беше јасно дека Русија заглави во своја нова „авганистанска“ реприза и меѓународна изолација; и таа држава која стана дел од НАТО Алијансата требаше да се сопре додека е време – од една страна пристигнуваа лажни аларми за дестабилизација на Македонија со заканите со лажни бомби, од руско-ирански адреси, а од друга страна требаше да се пуштат кон небото некакви лампиони кои, се разбира, бргу ќе исчезнат од хоризонтот. Како во прослава на кинеската Нова година.

БРИКС како антизападна конструкција

Во пребарувањето на она што е напишано на оваа тема кај нас, нема многу текстови кои би пропагирале некакви наши азиски перспективи, но нема ни многу текстови кои би биле опозит на таа опција.

Во весникот „Нова Македонија“ се чини дека се најчести или барем како да се забележува некаков напор таа тема да се држи отворена, да се грее на ринглата. Впрочем, во портал изданието на овој весник ја гледаме постојано рекламата на Макстил, фирма која  го задржува името од времето кога главен газда беше Минчо Јорданов, кој ја продаде компанијата на онаа кинеска фирма која претходно ја држеше смедеревската железарница. Ова може да е оправдување за тој интерес, иако во тие текстови, форсирањето на БРИКС е повеќе присутно како идеја која треба да се подгрева, ама не и оправдува со некои „непобитни“ аргументи. Ако дојде пригода, орманот ќе се отвори за сокриениот аџамија, а ако не, тогаш неговиот костур сам ќе падне нанадвор.

Во текстот „Државите од БРИКС нудат алтернатива на Западот“, голем, ама не и потпишан текст, се цитира често  Гинтер Мајхолд, заменик-директор на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања (СВП), кој смета дека земјите од БРИКС го доживуваат својот геополитички момент(!).

Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка се обидуваат да се позиционираат како претставници на глобалниот југ, обезбедувајќи алтернативен модел на Г7. Се споменува и Џим О’Нил во излагања од 2001 година, кога беше главен економист на мултинационалната инвестициска банка „Голдман Сакс“. Во тоа време, четирите земји (Русија, Кина, Индија и Бразил) имале одржливи стапки на висок економски раст и ознаката БРИК претставуваше економски оптимизам за иднината на тие нации.

Противниците на етикетата рекоа дека земјите се премногу разновидни за да бидат вака групирани заедно и дека тоа е навистина само маркетиншки трик на „Голдман Сакс“. Корисна идеја за да се обезбедат инвестиции во овие четири земји. Но, во 2009 година, четирите нации се состанаа на нивниот прв самит во руски Екатеринбург. Во 2010 година, Јужна Африка беше поканета да се приклучи на групата, додавајќи го „С“ во БРИКС.

Дружина на политички автократи

Но една понова анализа, од неодамна, која ја објавува Иван Радановиќ во НИН, сликата за БРИКС е сосема поинаква. Според индексот на фондацијата Бертелсман, земјите на БРИКС, покрај тоа што се движат од „тврдокорни“ и „умерени“ автократи до „неисправни“ демократии, немаат спектакуларни успеси. Висок економски раст имаат само Индија и Кина кои, повторно, имаат деликатна меѓусебна врска: не се мирисаат многу или – не си веруваат. Заедничка цел им е – да се спротивстават на политичкиот Запад.

Со потреба да се привлечат помали земји како членки, се понуди основање на сопствена развојна банка и фонд за поддршка на ликвидноста, како противтежа на ММФ со по 100 милијарди долари капитал.

Првиот фонд, Инвестициониот, досега има финансирано 96 инфраструктурни и енергетски проекти со околу 33 милијарди долари, укажува белградскиот професор.

„Овие инвестиции се од интерес и за трети земји, особено за оние кои се ’изгореа’ кај ММФ. Тоа е дел од намерата на БРИКС да придонесе за развој на инклузивен модел на поддршка за Глобалниот југ“, пишува Радановиќ.

Но оваа сума е напросто мизерна во однос на она што западните инвеститори го остваруваат и во неразвиените земји. За тоа какви се кинеските инвестиции знаеме ние со катастрофалното градење на автопатот кој се „ѕида“ девет години и сè уште нема абер да се доврши, иако е долг само 60 километри!

Или да го земеме случајот со автопатот граден во Црна Гора („од ниџе до ниџе“) кој е недовршен, го градат кинески инвеститори и кој лани беше пуштен во употреба на само еден кус дел во должина од 41 километар, а се „тегнел“ цели седум години.

Долгот на Црна Гора за изградбата на ова џаде нараснал на едногодишниот џи-ди-пи на оваа мала земја: практично ја фрла Црна Гора во безизлезно должничко ропство!

Светот е поделен на два нееднакви делови

Инаку, според податоците на Светска банка, во однос на вкупниот БДП, БРИКС ја надмина групата Г7 (најразвиените земји на Западот) во 2022 година – 31,5 до 30,7 отсто од светскиот БДП, односно 47 до 45 трилиони меѓународни долари. Додека се планира заедничката валута, уделот на доларот во размената меѓу Москва и Пекинг падна од речиси 90 отсто на помалку од 30 отсто во последните седум години.

За време на состанокот во март, руската страна изразила надеж за „многукратно зголемување“ на обемот на трговијата до 2030 година.

Војната во Украина ги повлече линиите на разграничување, сметаат аналитичарите. Покрај очекуваното одбивање на членовите на БРИКС да ја санкционираат Москва, немаше таква реакција кон војната во поголемиот дел од светот.

АМБИЦИЈА Кина сака својата доминација во БРИКС да ја искористи за наметнување на јуанот како меѓународно платежно средство

Впрочем, мултиполарниот светски поредок, сепак, не значи дека двата пола ќе бидат подеднакво силни. Самиот БРИКС е нерамномерен: од 2008 година, економскиот раст на Русија, Бразил и Јужна Африка е под светскиот просек – само 2,5 проценти. Тоа значи дека нивниот удел во светското производство опаѓа. Кинеската економија е два и пол пати поголема од сите други земји-членки заедно, а во однос на паритетот на куповната моќ е поголема од американската. Дедоларизацијата е де факто јуанизација.

Русија најде засолниште за прогонетите стоки и капитал, а Кина полигон за тестирање на политиката на јуанот како меѓународна валута. Денес взаемна корист, утре унилатерален ризик…

САМИТ НА БРИКС Оваа организација е формирана во 2009 година, а до сега дала инвестиции од мизерни 55 милијарди долари

Што би барала Македонија во БРИКС?

Во контекст на овие анализи да се вратиме на дилемата – што би барала Македонија во БРИКС? На оваа дилема се обидел да одговори и екс-амбасадорот во Бразил, еднаш и портпарол на владата на Груевски и „интелектуалецот“ кој жолто-црните поприлично го „трошат“. Во „текст во Нова Македонија“, Ивица Боцевски поголем дел од писанието го троши во објаснување на „катастрофалните договори“ на земјава со Грција и Бугарија, за недовербата на нашите граѓани кон европските институции, па пишува за разочарувањето кон неговите пријатели од интелектуалниот свет во однос на актуелните негови политички ставови.

Боцевски констатира и дека „злорадоста на владејачките партии поради влошената слика на западните меѓудржавни институции во јавното мислење и нивното кукање и за помагање по западните главни градови секако дека нема да им донесе нов мандат. А ни игнорирањето на чувствата на најголемиот дел од македонскиот народ, исто така, нема волшебно да го подобри јавното мислење во земјата.“

И со ѓаволот тикви ќе садат, само СДСМ да падне од власта

Ова како размисла открива дека отпорот кон евроатланските перспективи на својот народ се дел од практичната потреба актуелната коалиција да не ја освои власта и понатаму, што нели – толкуваме – треба да значи дека Македонија е подобро да нема никакви јасни хоризонти, ама само СДСМ да се симне од власта?!

Можеби би помислиле дека сега Боцевски и неговите ќе го извлечат џокерот од ракавот, кога се говори за иднината на сопствената земја; и навистина, по доста потрошен „материјал“ за текстот, го спомена БРИКС како дилема која сè уште стои отворена пред земјава! Па вели дека лаконскиот одговор е дека „Македонија не може да стане членка на БРИКС“, по што следуваат географско-историски објаснувања за таквата позиција, за сепак да се заврши со она – дека Македонија не треба да го изгуби интересот за БРИКС!

„Апсолутно НЕ! Светот на утрешнината ќе биде драматично поразличен од светот на ’крајот на историјата’, кој траеше од падот на Берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989 година, па сè до 24 февруари 2022 година и почетокот на руската инвазија врз Украина. Земјите од БРИКС веќе го преобликуваат тоа што досега се нарекуваше ’глобален поредок, втемелен на правила’, па глобалната економија и глобалната политика се неповратно променети“ – заклучува Боцевски.

Сепак, имаме мотив да си ѕирнеме во орманот.

Извор: CivilMedia

Треба да знаете
Moже да ве интересира