Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Десно бесно обран бостан

ВМРО-ДПМНЕ и таканаречената „Левица“ се најочигледниот пример на ултрадесно кјуанонско парадоксирање: Големо срце – за омраза… Тие би ги згазиле сите што не се партиски определени за нив, од „пркос”, „достоинство” и други кинџурии од ултрадесничарската продавница

Емилија ЦЕЛАКОСКА

На интервју на Big Think насловено со: „Драги леви, што се случува ден после револуцијата?”, Славој Жижек вели, парафразирам, дека токму социјализмот како идеја која успеала да го канализира бесот на масите, и тоа, токму затоа што се однесува на борба за подобрување на положбата на големи општествени категории, сега, во услови кога многу од тие општествени барања се исполнети во добар дел од светот, одеднаш не може да го прибере бесот на народните маси. Не е единствениот од кој сум го чула тоа, но колку и да чекам да се каже бес за што, со оглед дека е јасно оти денес се живее подобро од било кога во минатото – нема одговор. Еве, се обидувам да погодам и си мислам, можеби треба да ја проценуваме острината на бесот според нивото на потребите од пирамидата на Абрахам Маслов. Тој концепт се среќава и во источната филозофија (концептот на чакрите е на истата линија – физички опстанок најдолу, итн.), но и во западната традиција (тука има повеќе елементи, но дека се зборува за истото, можеби е најочигледно од компонентите на католичката причест). Значи зборуваме за констатирана вистина, а не некаков теоретски изум на Маслов, иако немаме сосем рационално образложение. За физичката сигурност како базичен слој на пирамидата, од директната физичка безбедност до обезбеденост со доволно храна за себе и семејството за опстанок, јасно е дека бесот историски веќе се изразувал и изразувал остро, затоа што имало основа за тоа – глад имало многу.

Капитализам + одлична социјала барем стимулира да се користи префронталниот кортекс на мозокот за сметање/планирање и веднаш со тоа дава предност над корисниците на исклучиво лимбичкиот систем на мозокот, оној кој го лулка рептилскиот, односно над оние на кои бесот им беснее од кои и да е причини.

Така, колку и да има пропаднати комунистички држави, сепак социјалистичката човечка идеја (да не се заменува со сталинистичкото заробување) е таа која конечно го направи светот помирен и понахранет. Таа е последното постигнување кое треба да се усоврши во имплементацијата и да се адаптира постојано, секогаш да биде во состојба на фино прилагодување, а не малку-малку нешто ни чкрипи, па ќе ја фрламе во бездна. Западниот свет предничи во имплементацијата на социјалистичката идеја и тоа не е парадоксално: Вештачки ни е наметнато да замислуваме дека капитализмот е спротивен со неа. Токму основите на капитализмот се нејзиниот овозможувач. Ако не за друго, основи на капитализам + одлична социјала барем стимулира да се користи префронталниот кортекс на мозокот за сметање/планирање и веднаш со тоа дава предност над корисниците на исклучиво лимбичкиот систем на мозокот, оној кој го лулка рептилскиот, односно над оние на кои бесот им беснее од кои и да е причини.

Секако дека има во светот места каде што ни физичката сигурност ни храната не се стабилна работа. Проблемот е што настанаа места кадешто тие основни потреби биле исполнети дури и на високо ниво, а потоа се нарушиле. Сега некој ќе рече – еј, до таму ли само ќе одиме, да имаме засолниште и леб? Што е со повисоките идеали? Како што е и логично и природно, во пирамидата на Маслов повисоките цели (потреби) навистина се повисоко, но да не се заборави дека тие цели стојат на најосновниот темел – сигурна физичка егзистенција. Да не излезе „Барала шута рогови – ги изгубила и ушите “. Сега можеби може појасно да се види зошто за интервјуто на Жижек се прашувам што друго освен физичката егзистенција би имало основа да го збесне народниот бес толку жестоко во рептилската срж. Што тоа центристите и вистинските леви „не сфатиле“ според теоријата за „неопфаќање на бесот“, а истовремено, врз која основа трампорбановите десни го употребуваат рептилот во човекот – врз човекот? 

Одговорот, всушност, е едноставен – се чита од наредното ниво на пирамидата на Маслов. Се работи за љубовта, односно чувството на припадност, но овојпат колективно, не само поединечно. Односно, тоа е и наредниот стремеж на надоградба на цели народи, па сѐ до човештвото како целина, во состојба кога физичката егзистенција и храната се веќе обезбедени. Забележете дека само од таа позиција може да се бара таа „погача“ преку лебот. Ако треба револуција, како што се резонира праволиниски, тогаш можеби како во старите времиња потребен е бес за гориво. Но, тој бес не е веќе за социјалистичките идеи за обезбеденост за живот. Тој бес би бил за исполнување на потребата за припаѓање. Безусловената љубов од секого, за секого кон сите, а ваму – војувана преку бес. Тоа е многу сомнително. 

Во обезбедениот свет во кој може да се бира сѐ и сешто, трампистите, орбанистите, путинистите и сличните ултрадесни кјуанони, успеаа да си направат продавница „на припадности“ од оваа ситуација. Тој дел од крајната десница, колевката на автократите, тука вешто се „снајде“- понуди секакви категории на поделби: Сакаш да припаѓаш на раса, на нација, на што сакаш, повели, се плаќа со глас. Меѓутоа, гласот во крајно-десничарските валути не е веќе само глас како што бил во минатото. Гласот, според нивните про-авторитарни механизми, е веќе удел, акција (share) во базата на пирамидата на основните потреби! Плаќаш за повисокото ниво – чувството за припадност (односно купишта расни и наци-бајки на припадност коишто и сами не ги разбираат) – со физичката егзистенција. И згора, таквата трансакција, уште, според маркетингот на продавачите, мора да си ја сметате и за доблест!

Со купувањето на наци-поделба, на пример, од ваша страна се очекува да ставите рака на срце и да се заколнете дека ќе јадете корења за неа или дека подрага ви е смрт. Ова е под нивото и на рептилството дури, не верувам дека постои ни амеба на која не ѝ е основно да живее, а камоли рептил. Да се стремиш кон повисока потреба, жртвувајќи ја базичната сигурност и опстанок не се вика „храброст“, „достоинство“ или „пркос“, туку се вика – поведување по манипулатор. Но, да помислиме – во услови на војна, не само што веќе не постои базната физичка сигурност, туку тогаш групите се посебен колективен организам и затоа таму се евтини саможртвувањата на поединците – тие тогаш се разбираат себеси како клетки од колективниот организам. Ова кажува дека, со цел лесна контрола, основен интерес на автократот е да обезбеди услови за формирање слични колективни тела лојални нему, а тоа е, да ја рони најосновната база на пирамидата од човекови потреби – физичката сигурност. Ако нема војна, тогаш да се направи. Или, барем состојба слична на неа.

ВМРО-ДПМНЕ и таканаречената „Левица“ се најочигледниот пример на ова ултрадесно кјуанонско парадоксирање: Големо срце – за омраза, со кое, ем при таква емоција не се достига наредното ниво на човекови потреби, онаа за возвишена припадност, туку се троши и најосновното ниво на физичката егзистенција. На пример, НАТО системот на колективна одбрана е прилично базичен за нас, но нашиве квази-десни продавачи и ултрадесни под маската на леви, ќе го прекинеле Преспанскиот договор, а нејќеле ни Охридски рамковен. Па тие би ги згазиле сите што не се партиски определени за нив, од „пркос”, „достоинство” и други кинџурии од ултрадесничарската продавница. (Ако не избегаат прво во гепек). Ако сега во таа продавница ни се продава некаков тип на „припадност”, ама на сметка на зајакнатата одбрана на земјата со НАТО, тогаш тоа е ограбување на тешко освоената основа, тоа е побетер отколку купување змиско масло, тоа не е никаква „Македонштина“ – тоа е искорнување на македонското. За гаранција за остварување на оваа лажна трансакција, ни мачкаат очи со „подарок“ – дупнати лонци на сметка на постоење и на најмалите малцинства. Односно, ако сте го купиле наци-производот за отприлика 20%-но малцинство, „добивате“ гратис  (т.е. ве влечат за нос бесплатно) наци-производ и на 0.15%-но малцинство. А трансакцијата уште од почетокот е лажна, затоа што не можеш да достигнеш никакво возвишено чувство, вклучувајќи го и чувството на припадност – преку наци-омраза. А точно за тоа служат реквизитите од нивната продавница – лага за припадност преку омраза.

Добро, продавањето бајки не е непознато кога се бара седнување на некое удобно фотељиче, иако не е правило, но сѐ некако изгледа дека денешните бајки, сепак ја условуваат тврдоста на столчето. Настрана што на лагата ѝ се кратки нозете, преговорите со ЕУ ќе продолжат, бидејќи нашава квази-десница моментално само си седи во обран бостан, а тоа, пак, е затоа што ниту може да се сили со лажните „пркоси“ т.е. посилен маркетинг на својата продавница за поделби, ниту да си плука сега на своите наци-производи, па да вети наше вклучување во ЕУ. Се надевам, гледаме, не сме слепи и не оставаме да го оберат и нашиот бостан! Најпосле, ќе бидат испрашани на наредниов Конгрес на Европската народна партија да си ја поправат единицата добиена за орбанското производство во вмровската продавница овде. И шутнати, ако се покажат како предавници на интегритетот на сопствената земја, т.е. ако продолжат да ја сервираат Македонија на интересите на Орбан. Интегритетот на Македонија е компатибилен со ЕУ заедно со нејзините принципи со кои различностите се интегрираат без да се допрат, а не како орбановци, (и путиновци и трамповци) што газат микроменаџирано до поединец.

Проектот ЕУ како благородна цел, која ги зачувува просперитетот, физичките основи на своето постоење, економија, социјала, а и одбрана кога се комбинира со колективен систем на одбрана  – станува и урнек за следното ниво на човечки потреби, како потребата за припадност. Но, како благородна и возвишена увереност, а не дефинираност на припадноста преку омрази.

И до овој момент некој би помислил дека продавницата за поделби и дискриминации е обид, океј, неуспешен, но барем квази и ултрадесницата се обидува, додека центристите и левите не се ни обидуваат да ја достигнат човековата потреба за припадност. Но, тука, како да се заборава нешто: Проектот ЕУ како благородна цел, која ги зачувува просперитетот, физичките основи на своето постоење, економија, социјала, а и одбрана кога се комбинира со колективен систем на одбрана  – станува и урнек за следното ниво на човечки потреби, како потребата за припадност. Но, како благородна и возвишена увереност, а не дефинираност на припадноста преку омрази. Припадноста во ЕУ со хуманите принципи на ЕУ суштински е повеќе од „припадност во ЕУ“ – таа е цивилизирање, исполнување на човековите потреби како органско знаење на сопственото добро, а не сурогат од свеста за диференцираноста на сопствениот колектив.

Така, сите со теоријата за бес како кислород или гориво за револуција – сметам дека не се во право. За револуцијата која е во тек, бесот е само ултрадесничарско-автократско назадно копирање на раѓањето на социјализмот, слепо препишување на методите на тие борци за основната човечка потреба за физичка егзистенција. Во револуцијата за припадност, бесот е спротивност од потребата што се сака да се постигне – припадноста подразбира взаемна емпатија без ограничувања во колективи, тоа е сосем поинаков квалитет, надвор од рептилскиот мозок, на мостот меѓу емоциите и повисоките когнитивни вештини. Всушност, Жижек многу убаво притоа прашува за денот после револуциите за егзистенција. Го живееме тој ден, кога веќе е почната наредната револуција, но не за социјалистички придобивки – тие се достигнати на многу места, барем се јасни како алгоритам. Ако проценуваме каде сега се случува најобемната инфилтрација, појасно станува дека за оваа револуција клучот се науката, образованието, постојаната едукација и нивното фино прилагодување во реалноста, чекор по чекор напред. А не старовремскиот бес.

Треба да знаете
Moже да ве интересира