Театарска рецензија: Како актерите ја бараа(т) драмата изгубена во времето во велешкиот театар

Со целиот дијапазон од постапки, „Драма изгубена во времето“ на Сашко Насев, во режија на Деан Дамјановски, со актерите Талија Настова и Самоил Стојановски, е „медиум“ низ кој се преиспитува(ме)

Пишува: Стојан СИНАДИНОВ

Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ во Велес минатиот петок, 10 ноември, премиерно ја изведе претставата „Драма изгубена во времето“ на Сашко Насев, во режија на Деан Дамјановски. „Драма изгубена во времето“ на Насев е работена според мотиви од расказот „Темносино, речиси црно“ на грчкиот писател Танасис Валтинос.

Структуирана како колаж од теми сконцентрирани околу двата лика, Таа (ја игра Талија Настова) и Тој (Самоил Стојановски), и означени како актери кои ја преиспитуваат меѓусебната и професионалната врска, претставата не внесува во триаголник поставен на две нивоа. Едниот е емоционалниот, меѓу ликовите, каде што дознаваме дека врската меѓу нив е (веќе) распадната бидејќи Тој има љубовна врска и со сестрата на Таа. Впрочем, и поднасловот на претставата гласи „Љубовен триаголник“.

Второто ниво е естетското, во кое како што се удвојува дејствието – актерите играат по четири улоги во четири приказни – се „удвојуваат“ и медиумите. „Драма изгубена во времето“ е театар во филм и филм во театар, па така мултимедијалноста во писателската/режисерската постапка дополнително ја деконструира играта. Како што реминисценции на Таа и Тој за нивниот претходен живот, искуства, очекувања и желби ја претопуваат реалноста на сцената – и обратно, ја внесуваат сценската игра во реалниот живот на актерите – така на подиумот на Малата сцена на Велешкиот театар уште појасно се исцртува тој триаголник меѓу театарот, филмот и актерите.

Нема да заборавиме да напоменеме дека повремено се јавува и гласот на „реалниот“ режисер како своевиден брехтовски „демиург“, креаторот на претставата кој коментира, и му овозможува на гледачот да го стори истото – да коментира. Сцената на дејствието е главно во полузатемнета атмосфера, и затоа гледачите имаат чувство како да присуствуваат на некое снимање на „реално шоу“. А кога ќе обрнете внимание на името на актерката во улогата на Таа – Талија, како музата на комедијата, но и општо на театарот – тогаш сте сигурни дека споменатиот демиург одлично си ја завршил работата.

Со целиот тој дијапазон од постапки, „Драма изгубена во времето“ е „медиум“ низ кој се преиспитува(ме). Листата е богата: првата љубов, семејни односи, брак од љубов, брак од интерес, несреќен брак, љубомора, разделба, омраза, страст, губиток на саканата личност… Кога, пак, велиме дека се користи филмот како медиум, треба да се напомене дека во претставата тоа е медиумот на нашето време – видео снимките (reels), толку присутни во нашите животи со современите средства за комуникација какви што се смартфоните.

Токму нивната проекција на поделениот екран, како повеќе од „просто“ сценографско решение, ја брише не само илузијата за можен заеднички живот на некогашниот пар, туку е сосема јасен сценски „знак“ за деконструкцијата на класичните постулати на аристотеловата драма кои почиваат на специфичноста на времето и просторот. И така сè до расплетот, кој во „Драма изгубена во времето“ е совршена метафора на насловот на филмот „Пејзажи во магла“ на Тео Ангелопулос, чиј сценарист е Валтинос. И во двете дела се работи за долго патување низ емоционалните „пејзажи“ на паметењето – до самоспознавањето.

На тоа патување Талија Настова и Самоил Стојановски се креативни во нивната игра и измената на перспективите и медиумите, водени низ прецизната режисерска постапка на Дамјановски, со сосдветниот креативен фидбек на сценографот Филип Коруновски, видео дизајнот и фотографијата на Данчо Стефков, аудио дизајнот на Сашко Костов, и дизајнот на светлото на Марјан Тодоровски.

„Драма изгубена во времето“ во нејзините естетички преокупации го има оној добар дух што со децении лебдел над Младиот отворен театар (МОТ), а кој неделава по 48-ми пат се одржува на скопски театарски сцени. Можете да проверите на следната изведба на „Драма изгубена во времето“, вечерва (15 ноември) од 20 часот во велешкиот театар.

Треба да знаете
Moже да ве интересира