„Како држава сме подготвени да го додадеме својот придонес на сето она што претставува вредност. Тука сме заедно со нашите сојузници за да ја потврдиме нашата посветеност, како и досега, така и во иднина, дека ќе го промовираме мирот, стабилноста и владеењето на меѓународното право“.
Оваа изјава на Мицкоски е единствената порака којашто пристигна од Вашингтон.
Клучната порака на Мицкоски од САД е дека сме подготвени како држава да дадеме свој придонес и дека сме заедно со нашите сојузници. Нема ниту збор за најавеното подобрување на позициите на земјата во однос на Бугарија ниту пак за закајнување на македонската позиција во однос на Грција. Од бугарска и грчка страна слушнавме јасно повторување на позициите во однос на Македонија.
Мицотакис порача дека селективната примена на Договорот од Преспа е неприфатлива, додека бугарскиот премиер Главчев рече дека обврските на Северна Македонија кон ЕУ остануваат исти. Се чини дека Мицкоски не се снајде во Вашингтон.
Така, освен селфи фотографиите на министрите од делегацијата македонските граѓани ниту видоа ниту слушнаа за некоја значајна средба или порака од Мицкоски важна за позицијата на земјата на меѓународен план и за прашањата со соседите.
Освен веќе чуените пораки за свиткана кичма, кои не помагаат во меѓународната политика, други конкретни пораки немаше. Мицкоски не успеа ниту да наметне ниту да постави некакво барање за подобрување на македонските државни позиции во однос на Бугарија. Уште повеќе што Мицкоски не успеа да ги побие ниту пораките од Грција ниту пораките од Бугарија.
За средбата со бугарскиот премиер Мицкоски со доцнење од 14 часа објави протоколарен пост и нема никаква официјална информација од македонска страна, иако Главчев на долго и широко раскажа детали од нивната средба. Дали причината за тоа е лошиот исход од таа средба јавноста може само да претпоставува. Силните зборови од опозициското време на ВМРО-ДПМНЕ, ветувањата дека нешто ќе се подобри, дека ќе се промени преговарачката рамка, Преспанскиот договор и многу други, многу брзо стивнуваат. Првиот дипломатски настап на македонската Влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нема капацитет ниту за подобрувања ниту за промени. (НоваТВ)