Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Наместо тензии потребен е мир и дијалог – порачаа од Скопје лидерите на НАТО сојузниците од регионот

Не постои директна воена закана кон некоја од земјите во регионот, но постојат причини за загриженост за состојбите. Западниот Балкан е стратешки важен за НАТО, а Северна Македонија е ценет партнер и фактор на стабилност во регионот. Нашата задача е да продолжиме да работиме посветено до целосно интегрирање во ЕУ, како што тоа го направивме со интегрирањето во НАТО.

Ова беа главните пораки од неформалниот состанок на лидерите на НАТО сојузниците од регионот, што вчера се одржа во Скопје. Домаќини на состанокот беа премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенбер, а учествуваа Еди Рама, претседател на Владата на Албанија, Зоран Миловановиќ, претседател на Хрватска, како и Милојко Спајиќ, претседател на Владата на Црна Гора.

Еден од предлозите на состанокот беше да се создаде формат на НАТО – Западен Балкан на кој ќе учествуваат не само земјите членки на Алијансата од регионот, туку и Белград, Приштина и Сараево. Предлогот беше на албанскиот премиер, а поддржан од претседателот на Хрватска.

Пораката на Столтенберг е дека за Западниот Балкан е важно да ги избере дијалогот и дипломатијата пред конфликтот и војната.

-Западниот Балкан е стратешки важен за НАТО и иако нема директна воена закана кон некоја од земјите во регионот, сепак има причини за загриженост за состојбите поради зголемување на тензиите.  Гледаме закани за сецесионизам во БиХ, кревка безбедносна состојба во Косово и застој во преговорите меѓу Белград и Приштина, а авторитарните држави како Русија го загрозуваат нашиот демократски интегритет со кибер закани, рече на прес-конференција Столтенберг по вчерашниот состанок.

Тој нагласи оти дијалогот меѓу Белград и Приштина е суштински за нивниот мир и просперитет, при што последните предлози за формирање на Заедницата на општини со мнозинско српско население ги оцени како чекор напред. 

Првиот човек на Алијансата додаде дека на средбата станало збор и за руската агресија врз Украина, при што упати апел до двете страни за прекин на конфликтот, поздравувајќи го придонесот на сојузниците од НАТО на тој план, особено во услови на тешка ситуација на бојното поле. 

Премиерот Ковачевски е на ставот дека безбедносна ситуација во државата е стабилна и не постојат индиции за нарушување. Според премиерот, системот на превенција, системот на заедничко работење со централата на НАТО во Брисел преку нашата претставничка мисија функционира на беспрекорно ниво.

-На состанокот разговаравме за безбедноста на регионот во детали. Регионалната безбедност ја обезбедуваме во целост преку земјите членки на НАТО. Оваа безбедност и стабилност на земјата и на регионот со себе носи и економски просперитет за кој што исто така разговаравме со соговорниците, рече Ковачевски.

Тој напомена дека Северна Македонија е пример за соживот и за мирно решавање на спорови преку дијалог, преку реформирање и практицирање на демократијата и инклузивност во носењето на одлуки.

-Нашата домашна задача е да продолжиме да работиме забрзано и посветено до целосно интегрирање во ЕУ, како што тоа го направивме со интегрирањето во НАТО Алијансата. Членството во ЕУ е наша цел и ние немаме друга алтерантива, рече Ковачевски вчера по состанокот.

Претседателот на Хрватска Зоран Миловановиќ  оцени дека на состанокот имале квалитетен и содржаен разговор каков што обично нема од разни причини на вистинските самити на НАТО. 

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, пак, потенцираше дека Западен Балкан е од стратешко значење за Алијансата. Тој потврди дека на состанокот била нагласена долгорочната безбедност и стабилност во регионот.

-Црна Гора како земја со нула проблеми во однос со своите соседи ќе почне да игра конструктивна улога и да придонесува во подобрување на регионалната соработка за одржување на стабилност, рече Спајиќ.

Премиерот на Албанија Еди Рама потенцираше дека на состанокот укажал на неопходноста да се зголеми бројот на силите на НАТО во Косово и неопходноста да се гарантира границата меѓу Косово и Србија, за која како што рече, е во служба на многу нелегални активности.

Скопје беше домаќин на првиот неформален состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот.

Зачлени се на нашиот е-билтен