Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Претседателката не е знајала, или…  

ДРАГАН МИШЕВ

Во обид да го ублажат напливот од негативни критики од меѓунаредната заедница по бурата што ја предизвика новата претседателка на Република Северна Македонија, Гордана Сијлановска – Давкова, предложена од ВМРО – ДПМНЕ, која наместо уставното име при давањето на претседателската заклетва го користеше само името Македонија, од нејзиниот кабинет, високи претставници од партијата која ја предложи, а и таа самата сега излегуваат со серија соопштенија и изјави дека  во иднина ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, па во тој дух претседателката во наредните обраќања, државата на која е претседателка почна да ја нарекува „нашата земја“ и „нашата држава“.

Во неколку последователни изјави, новата претседателката, како искарано учениче, постојано се правда дека понатаму ќе го почитува Преспанскиот договор, како правен факт, иако (сепак мора да напомене) е критичар на неговата содржина.

Но, Силјановска – Давкова оди и чекор понатаму, па служејќи се со манипулации (или од незнаење и неинформираност, или можеби тенденциозно), ќе каже:

Јас мислам дека сите кои биле во Грција можат да видат дека токму името што од нас бараат да го почитуваме, тие никаде не го истакнале. Сè уште има Скопје, Скопиа…

Не знаемe дали, и кога преседателката била последен пат во Грција, но пред да jа даде оваа изјава требала подобро да се информира кај тимот од советници каква е праксата при истакнување на имињата на државите на сообраќајни знаци – патокази, која важи подеднакво, и во светот, и кај соседите, и кај нас.

Така, тоа што во Грција на патоказите е истакнато името Скопје, Скопиа (ако возите на патот кон граничниот премин Евзони/Богородица кој води кон главниот град Скопје), а не името на државата, Северна Македонија (кое токму таа избегнува да го изговори) е воспоставена практика.

Исто така, доколку се движите по патот кој преку граничниот премин води до Битола, на патоказот ќе го пишува името на градот, Битола, а не на државата.

Истата пракса се спроведува и од оваа страна на границата, во Северна Македонија, или како што сега ја нарекува претседателката – „нашата земја“ и „нашата држава“. На патоказите на автопатиштата стојат имиња на градови: Атина, Белград, Софија , Истамбул…

Како и Солун, Лерин, Воден, а не и имињата на државите каде се наоѓаат тие градови.

Сега се поставува прашањето, дали се работи за превид на претседателката Силјановска – Давкова која навистина не била запознаена со ваквата пракса, па направила своевиден гаф, како кога на митинг во Неготино присутните граѓани ги поздрави како „кавадарчани“, или е во прашање смислена активност од нејзиното поблиско опкружување, особено ако се има предвид дека за советници именуваше познати и признати антизападни пропагатори, особено што во последно време сообраќајните табли и ознаки се користат за дезинформации и малициозна анти ЕУ и анти НАТО пропаганда, која ја шират токму поддржувачите на Претседателката и политичката опција која ја кандидираше на позицијата.

Таква една дезинформативна содржина разобличи Мониторинг тимот на Цивил, откако на профил на социјалната мрежа Х (Икс) беше објавена фотомонтажата на која се гледа наводно поставување на сообраќајни табли со името Република Македонија и знамето со Сонцето од Кутлеш (Вергина), проследено со коментар: „Борбата за Македонија продолжува…“. , што потоа триесетина профили ја споделиле на Х мрежата, а дел од граѓаните поверувале дека оваа фотомонтажа е вистинита.

Со дезинформации за патоказите се манипулираше и во предизборието, со цел да се оцрни Преспанскиот договор, да се поттикне анти – ЕУ расположението во јавноста и да се предизвикаат негативни коментари, како што е објавата на социјалната мрежа Threads во која лажно се тврди дека Грција поставила нови табли на патиштата на кои повторно стои ФИРОМ.

„Грците ставија нови табли, таман да не потсетат какви идиоти испаднавме со понижувањето на сопствениот народ“, стои во објавата, каде се споделува и фотографија од наводно поставената нова табла, иако  патоказ во Грција не бил поставен сега, како што тоа сака да го прикаже објавата, туку барем пред две години, што покажуваат објавите на некои портали во 2022 година, а слични на него се поставени и пред потпишувањето на Преспанскиот договор, за што поранешниот премиер Зоран Заев за грчките медиуми уште лани изрази очекување дека грчката страна ќе го исполни делот од Договорот кој се однесува на сообраќајните патокази „затоа што е време пет години по потпишувањето да се сменат патоказите во Грција кои упатуваат кон држава која не постои со кратенка ФИРОМ“.

Ете, можеби следна активност на претседателката во насока на смирување на страстите и на „пеглање“ на односите со соседна Грција, е да појде во посета на нејзинaта грчка колешка, (секако согласно својата цврста увереност, како што се изјасни во инаугуративниот говор, дека силните жени може на поинаков начин да ги решаваат проблемите), и тоа со автомобил, за по пат самата да се увери во фактичката состојба. (ЦивилМедиа)

Треба да знаете
Moже да ве интересира