Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Родовите злосторства на талибанците против човештвото

Дури и под зголемена репресија од страна на талибанскиот режим, многу авганистански жени и девојчиња остануваат пркосни, посетувајќи тајни школи и барајќи високо образование на интернет. Трагично, пак, глобалната поддршка за нивната кауза е недоволна, особено кога се работи за мобилизирање на ефикасни правни одговори.

Пишува: ГОРДОН БРАУН / Project Syndicate

Родовото прогонување претставува сериозно злосторство против човештвото. Воспоставувајќи родов апартхејд со тоа што им се негира пристапот до образование на девојчињата и жените, многу членови на талибанскиот режим во Авганистан можат и треба да сносат одговорност според Римскиот статут  на Меѓународниот кривичен суд.

На втората годишнина од повторно освојување на талибанците, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд треба да преземе правни дејства против поединците одговорни за невидените, грозоморни и одмазднички злоупотреби на човековите права систематски и злобно наметнати врз девојчињата денес. Доколку се дозволи да продолжат без постојано меѓународно противење, овие злоупотреби ќе постават невиден преседан за други режими каде дискриминацијата врз жените останува ендемична.

Право време е да се стори тоа: по две години на сé поинтензивна репресија, се чини дека има поделба во режимот во Кабул, кој што премногу случајно спроведе низа наредби од верските свештеници во Кандахар. За да се надополнат на независните активности на Меѓународниот кривичен суд, меѓународната заедница може да преземе неколку иницијативи сега што може да додадат притисок за промена на политиката.

Лидерите од земјите со мнозинство муслиманско население треба да формираат делегација и да го посетат Авганистан и да се сретнат не само со талибанците, туку и со повозрасните верски членови на земјата. Но, дури и пред тоа да се случи, овие лидери и нивните Западни колеги мора да ги засилат нивните напори.

Соединетите држави, Обединетото Кралство и други глобални сили треба да го следат водството на Европската унија во санкционирањето на оние кои се директно одговорни за негирање на образованието на девојчињата. Треба да стават на располагање ресурси на интернет платформите за да се обезбеди образование од далечина и да сторат повеќе за финансирање на „илегални“ училишта за сите авганистански деца, машки и женски, за да може школувањето да продолжи дури и за време на сегашната забрана. Ваквите иницијативи би можеле, исто така, да го помогнат пристапот на авганистанските девојчиња до образование и надвор од границите на земјата во Пакистан и да помогнат да се одржи барем мал дел од прогресот постигнат во двете децении пред Август 2021 година. Истовремено, доколку талибанците сепак го сменат курсот и се согласат да им дадат на девојчињата постојан и неограничен пристап до образование, светот мора да биде подготвен да понуди финансиска поддршка.

Правните препораки произлегуваат од исцрпниот преглед предводен од научници во кој детално се опишува страшната состојба на авганистанските девојчиња и кршењето на меѓународните договори за човекови права од страна на талибанците. Нивните напори макотрпно документираат колку далеку отишол режимот во исклучување на жените и девојчињата од средното и високото образование и колку Авганистан не успеал да ја поддржи Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW).

Талибанскиот режим, исто така, ги игнорираше и своите обврски според Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права (ICESCR), како и Конвенцијата за правата на детето (CRC). Нејзините дискриминаторски практики против жените и девојчињата очигледно ги кршат овие конвенции и со право имаат предизвикано широка осуда. Комитетот за Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, Комитетот за Конвенцијата за правата на детето и други истакнати личности ги осудија регресивните политики на талибанците. Ричард Бенет, Специјалниот известувач на ОН за човекови права во Авганистан му рече на Советот за човекови права на ОН дека „тешката, систематска и институционализирана дискриминација врз жените и девојчињата е во срцето на идеологијата и владеењето на талибанците, што исто така ја зголемува загриженоста дека тие можеби се одговорни за родов апартхејд“.

Секако, Авганистан ги нема ратификувано инструментите што се суштински за спроведување на CEDAW, ICESCR, или CRC. Сепак, меѓународната заедница може да бара одговорност на други начини, вклучувајќи ги барањата за известување и механизмите за мониторинг кои се воспоставени со овие договори. Овие дозволуваат тела како што се Комитетот за Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените да ангажира известувачи чии истраги би одржале континуирано набљудување на активностите на Талибанците.

Меѓународното кривично право нуди уште поширок прозорец низ кој може да се санкционираат талибанците. Обединетите нации го имаат признато образованието како „овозможувачко право“ кое е клучно за остварување на други човекови права, а образовните забрани на талибанците јасно сочинуваат родово заснован прогон. Според Политиката на Меѓународниот кривичен суд од декември 2022 година за кривичното дело родово прогонство, дејствија кои ги лишуваат поединците од нивните основни права – вклучувајќи и од образованието – спаѓаат во оваа категорија.

Многу земји би можеле, исто така, да влијаат на своите домашни правни рамки во насока да го осудат и да одговорат на талибанската супресија на правата на жените и девојчињата, вклучувајќи, потенцијално, преку таргетирани санкции.

Сите овие опции треба да бидат на маса, бидејќи потребата да им се помогне на авганистанските девојчиња станува сé поитна. Од 80-те наредби издадени од страна на талибанците меѓу август 2021 година и минатиот јануари, 54 се насочени кон жените и ги укинуваат нивните права. Неодамна, режимот издаде дополнителни забрани за учество на жените и девојчињата на универзитетски медицински испити, посета на гробишта и други активности. Министерството за пропагирање на доблест и спречување на пороци и авганистанската Независна комисија за човекови права се укинати, додека законодавството што гарантира родова еднаквост стана неважечка. Министерството за женски прашања стана застрашувачкото Министерство за пропагирање на доблест и спречување на пороци, а Авганистанската независна комисија за човекови права е распуштена, додека законодавството што гарантира родова еднаквост е неважечко.

Дури и под интензивна репресија од талибанците, многу авганистански жени и девојчиња остануваат пркосни, посетувајќи тајни училишта и барајќи универзитетско образование преку интернет. Трагично, пак, глобалната поддршка за нивната кауза е недоволна.

Се разбира, многу влади, вклучително и други земји со мнозинско муслиманско население имаат изразено приговори за талибанската политика, цитирајќи верски списи кои не одобруваат таква дискриминација. Нивните осуди треба да бидат поздравени, но заштитата на правата на авганистанските жени и девојчиња исто така бара поголема меѓународна мобилизација.

Како што ние во меѓународната заедница одговараме на овие проблеми, мораме да го повикаме Меѓународниот кривичен суд да ја искористи годишнината од враќањето на талибанците на власт за да се отвори истрага за нивните сериозни кршења на правата. Очигледното непочитување на меѓународните договори од страна на режимот, а особено неговото исклучување на жените и девојчињата од образованието, повеќе не смее да биде игнорирано.

Духот на авганистанските луѓе ги издржува дури и најстрогите казни што талибанците можат да ги спроведат. Авганистанските жени и девојчиња продолжуваат да се борат за нивните права и покрај реалноста од речиси сигурна одмазда. Светот мора да застане со нив.

Гордон Браун е поранешен премиер на Обединетото Кралство, специјален пратеник на ОН за глобално образование.

Превод: Наташа Цветковска

(Извор:  FRONTLINE)

Треба да знаете
Moже да ве интересира