Сарачини: Мејнстрим медиумите да се вклучат во борба против дезинформациите, нивниот опстанок зависи од тоа

Потребно е проширување на борбата против дезинформациите во мејнстрим медиумскиот простор – на традиционалните медиуми, телевизија, радио и печат, како и во највлијателните онлајн медиуми, истакна претседателот на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, Петрит Сарачини на панел-дискусијата „Верификацијата на изворите и информациите во борбата против дезинформациите и медиумските манипулации“, организирана од Центарот за развој на медиуми.

Сарачини посочи дека единствен ваков пример во земјата и регионот е неделната ТВ емисија „Полиграф“, која ИМА ја копродуцира со ТВ Алсат, со поддршка на Амбасадата на САД.  Во овие две сезони, „Полиграф“ е меѓу трите најгледани емисии на телевизијата. „Мејнстрим публиката е заинтересирана да открие кој тоа ги мами или ги лаже граѓаните преку објава на медиумски манипулации и дезинформации“, рече Сарачини.

Сарачини потенцираше дека треба да се пофалат активностите на неколку граѓански организации коишто се борат против дезинформациите, како Метаморфозис, ЦИВИЛ, МОСТ и други. Но, според него, нивното влијание и содржини имаат ограничен ефект. „Нивната публика сепак не е толку голема колку што е голема публиката на мејнстрим медиумите“, вели тој.

Објаснувајќи зошто мејнстрим медиумите треба да се вклучат во оваа битка и да бидат нејзини предводници, Сарачини нагласи дека индустријата на дезинформации го нарушува токму нивниот опстанок. Светски истражувања укажуваат дека дел од публиката бега од мејнстрим медиумите и губи доверба во нив, и од разни причини се префрла на непрофесионални медиуми, кои често шират дезинформации и манипулации.

„Кога вие ја губите публиката, ги губите огласувачите. Кога ги губите огласувачите, ги губите парите со коишто ги плаќате вашите вработени. Значи, се доведуваат мејнстрим медиумите, коишто имаат консолидирани редакции и скап производ, да биде доведен во прашање нивниот опстанок“, укажа Сарачини.

Затоа, според него, „борбата против дезинформациите не е борба на неколку граѓански организации, не е борба ниту само на институциите, иако дезинформациите се безбедносно прашање…ја нарушуваат безбедноста на земјите, ја поткопуваат довербата во институциите, предизвикуваат омраза па и насилство, коешто се случува не само во виртуелниот свет, туку и во реалниот свет“.

Панел – дискусијата на Центарот за развој на медиуми  е дел од проектот „Проверка на факти пред објавување во борбата против дезинформациите“, поддржан од Амбасадата на САД. На неа учествуваа искусни новинари и практичари во областа на проверката на факти и разоткривање на дезинформациите. На настанот се промовираше и македонскиот превод на „Прирачникот за верификација на дезинформации и медиумски манипулации“, издание на Европскиот новинарски центар (European Journalism Centre). (СМК)

Треба да знаете
Moже да ве интересира