Пензискиот систем во Македонија има потреба од нова формула која подобро ќе го вреднува работниот стаж и придонесите што граѓаните ги уплаќале во текот на работниот век, смета директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов.
Во гостување во „Топ тема“ на Телма, Мемов посочи дека не може на ист начин да се третираат лица кои во системот уплаќале 15 години и оние кои имаат 40 години работен стаж.
Според него, идните реформи треба да обезбедат поголема правичност и да ја зачуваат врската меѓу висината на уплатените придонеси, должината на стажот и пензијата што на крај ја добива осигуреникот.
Мемов оценува дека сегашниот систем мора постепено да се приспособува за да остане финансиски одржлив, но и да не создава чувство дека долгогодишното плаќање придонеси не е соодветно вреднувано.
Пензискиот систем веќе подолг период е предмет на дебати поради растот на расходите, демографските промени и потребата сè поголем дел од средствата за пензии да се обезбедуваат со поддршка од државниот буџет.
Паралелно се разгледуваат и други реформи, меѓу кои промени во вториот пензиски столб, воведување мултифондови и можност за откуп на стаж за дел од граѓаните кои немаат доволно години за да го остварат правото на пензија.
Мемов и претходно нагласуваше дека реформите не значат дека исплатата на пензиите е доведена во прашање. Според него, државата ја гарантира исплатата, но потребни се долгорочни решенија кои ќе го направат системот постабилен.
Во актуелниот модел, висината на пензијата зависи од повеќе фактори, меѓу кои должината на пензискиот стаж и основицата на која биле плаќани придонесите. Разликата меѓу осигурениците со минимален и со долг работен стаж повторно се наметнува како едно од клучните прашања во идната реформа.

