На 3 јули, во 14 часот во хотел Александар Палас – Скопје, ќе се одржи јавната расправа во рамки на постапката за издавање на новата А-интегрирана еколошка дозвола за ТИТАН Усје.
Јавната расправа претставува единствена можност институциите, компанијата, стручната јавност, граѓанските организации и граѓаните јавно да ги изнесат своите аргументи и забелешки за условите под кои цементарницата ќе може да работи во наредните 7 години.
Станува збор за процес што директно влијае врз идните обврски на компанијата во однос на контролата на загадувањето, мониторингот и заштитата на животната средина.
Од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ порачуваат дека, иако јавната расправа се одржува во период кога голем дел од јавноста и медиумите се во летен режим, токму затоа е особено важно таа да биде проследена од што поголем број новинари за информирање на јавноста.
Јавната расправа што ја организира Министерството за животна средина има за цел објективно и транспарентно информирање на јавноста и за запознавање на аргументите и ставовите на сите засегнати страни за прашања за потенцијалното влијание на новата дозвола врз животната средина и здравјето на граѓаните.
