Во Германија, повеќе од четири милијарди евра наводно лежат на таканаречени „заборавени сметки“ во банки и други финансиски институции, објави Сојузното министерство за истражување, технологија и вселена уште во 2021 година. Можно е да станува збор за уште поголема сума – некои други проценки дури споменуваат и до девет милијарди евра. Самите банки досега не објавија никакви бројки.
Во случај на смрт, честопати не е лесно за членовите на семејството и наследниците да пронајдат такви сметки, особено затоа што многу луѓе имаат повеќе сметки. Средствата се особено тешки за откривање кога нема писмени документи или печатени изводи од сметки со онлајн банкарство, бидејќи информациите се чуваат во е-пошта сметки или компјутери. Атипични средства како криптовалути или NFT се уште потешки за следење.
Што се заборавени или неактивни сметки?
Во Германија, не постои официјална дефиниција за такви сметки. Напуштени, заборавени или неактивни сметки, кога станува збор за традиционални финансиски средства, најчесто се банкарски депозити или хартии од вредност – како што се акции и обврзници – со кои долго време немало активност. Ваквите сметки можат да останат неактивни со години.
Со оглед на тоа што не постои законска регулатива, работењето со ваквите сметки во голема мера им е оставено на самите банки. Повеќето институции ги сметаат неактивните сметки ако сопственикот на сметката починал и не е можно да се утврдат наследниците, ако нема контакт со сопственикот со години, поштенските пратки се враќаат, а другите контакт информации се застарени.
Ваквата ситуација остава и одреден простор за банките во однос на тоа колку интензивно бараат сопственици или наследници. Голема пречка се строгите прописи за заштита на податоците во Германија.
Како може да се пронајдат неискористени сметки во Германија?
Неактивните сметки во Германија не стануваат сопственост на банките, ниту се пренесуваат на државата. Банките се должни да ги чуваат таквите сметки на неопределено време, а правата на сопственост – без разлика дали се на оригиналниот сопственик или неговите наследници – не истекуваат. Средствата од сметката може да ги побара германската држава само ако е утврдена како наследник според законот за наследување. Врз основа на правилата за имот без сопственик, сметката не може да ѝ припаѓа на државата.

Најважната мерка би била, според Беатрис Ајзеншмит, член на одборот на Здружението на германски истражувачи на наследство (VDEE) со седиште во Берлин, воспоставување централен регистар на неактивни сметки. Таквиот регистар би можел да помогне во утврдувањето дали некое лице имало сметки некаде.
Во моментов, барањата мора да се испраќаат до различни банкарски здруженија, што е одзема многу време и е скапо. Често е комплицирано за наследниците бидејќи понекогаш тие дури и не знаат дали има имот. „Затоа многу наследници одлучуваат да не испраќаат такви барања“, изјави Ајзеншмит за ДВ.
Обиди за воспоставување национален регистар
Пред речиси една деценија, Норберт Валтер-Борјанс, тогашниот министер за финансии на Северна Рајна-Вестфалија, процени дека во Германија има околу две милијарди евра неактивни сметки и повика на создавање национален регистар на неактивни средства.
Оттогаш, направени се неколку обиди за воспоставување таков регистар. Сегашната федерална влада на канцеларот Фридрих Мерк презентираше нацрт-закон кој предвидува создавање централен, јавно достапен интернет регистар каде што наследниците би можеле да бараат соодветни информации. Но, законот досега не е усвоен. Сè уште е нејасно што ќе се случи со тие пари.
Во некои земји парите секогаш се враќаат
Во Велика Британија, неактивните сметки обично се префрлаат по 15 години во таканаречениот Фонд за враќање на средства, а не во државата. Овој фонд служи за поддршка на социјални и еколошки проекти. Наследниците сè уште имаат право да побараат враќање на средствата за неограничен временски период.
Во Ирска, по сличен период, парите од неактивните сметки се префрлаат во државата, која потоа мора да ги користи за социјални проекти. Пред преносот, институциите се должни да ги објават овие информации во два национални весници. И нема рок за наследниците да вратат пари од сметката, вклучувајќи ја и придружната камата.
Во САД, законите на поединечните федерални држави го регулираат ракувањето со ваквите сметки. Во повеќето случаи, сметката се смета за заборавена по три до пет години неактивност. После тоа, банката е должна да го контактира сопственикот на сметката. Доколку не се пронајде никој, федералната влада ја презема сметката – обично онаа со последната позната адреса на сопственикот. Потоа сметката се чува во канцеларијата за „непобаран имот“, а понекогаш се објавуваат и известувања. Во повеќето случаи, сопствениците можат да побараат враќање на нивниот имот на неодредено време.
Во некои земји, парите одат во државата
Во Франција, од банките се бара да се обидат да контактираат со сопствениците на сметки, но по десет години неактивност, сметките и полисите за животно осигурување се префрлаат во јавната финансиска институција Caisse des Dépôts (CDC). Владата става на располагање база на податоци за сметки, но не бара активно сопственици. По дополнителни 20 години, средствата стануваат сопственост на француската држава и по тоа повеќе не можат да се бараат.
Швајцарија, позната по своите посебни банкарски правила, има сличен пристап. Од банките се очекува да ги заштитат средствата и да продолжат да управуваат со неактивните сметки во најдобар интерес на клиентите. За да им се помогне на наследниците, постои централна база на податоци за вакви сметки. По 60 години без контакт, информациите за сметката се објавуваат, а наследниците имаат една година да поднесат барање. После тоа, правата престануваат, сметката се затвора и се префрла на државата – вклучувајќи ја и содржината на сефовите.
