Нафтата стигна до 94,7 долари, тензиите со Иран ги креваат цените

Цената на нафтата продолжи силно да расте на светските берзи, а Брент во текот на тргувањето достигна 94,71 долари за барел, највисоко ниво во последниот месец. Главен двигател на растот се новите тензии меѓу САД и Иран и стравувањата од дополнително ограничување на испораките од Персискиот Залив.

На лондонскиот пазар Брент во еден момент се тргуваше над 94 долари, додека американската WTI нафта се искачи над 87 долари за барел. По пет последователни дена раст, во петокот следуваше благо повлекување поради прибирање профит, при што Брент се движеше околу 93,4 долари, а WTI околу 86,8 долари. И покрај тоа, двете референтни сорти бележат неделен раст од над седум, односно осум проценти.

Пазарите особено ја следат состојбата во Ормутскиот Теснец, една од најважните енергетски рути во светот. Пред почетокот на конфликтот низ теснецот минуваше речиси една петтина од глобалната трговија со нафта и течен природен гас, но сегашниот сообраќај е значително намален. Во четвртокот биле регистрирани само седум бродови со стоки што минале низ теснецот, наспроти 14 претходниот ден.

Дополнителен притисок врз цените создаде и најавата од Вашингтон за ново заострување на санкциите против Иран. Американскиот секретар за финансии Скот Бесент најави „најстроги санкции во историјата“, по претходната порака на претседателот Доналд Трамп за економска војна против Техеран и последици за земјите што му помагаат.

Обединетите Арапски Емирати во меѓувреме ги суспендираа економските и финансиските односи со Иран, што дополнително ги намали надежите за брзо смирување на кризата. Аналитичарите предупредуваат дека продолжениот застој во извозот од регионот може дополнително да го стесни снабдувањето на глобалниот пазар.

Американските податоци истовремено покажаа пад на залихите на дестилирани горива третпат по ред, додека резервите на сурова нафта неочекувано се зголемиле за 4,4 милиони барели. Кошницата на ОПЕК, според последните објавени податоци, достигнала 91,27 долари за барел.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?