Нов удар по џебот на граѓаните: Од јули автомобилите поскапи и до 1.500 евра

автомобилите
By Marek Slusarczyk, CC BY 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=116381370

Од 7 јули во Европската Унија стапува во сила последната фаза од новите безбедносни стандарди за возилата, што ќе донесе дополнителни трошоци за производителите, а со тоа и ново поскапување на автомобилите.

Според проценките, цените на новите возила би можеле да се зголемат од 400 до 1.500 евра, зависно од моделот и нивото на опременост.

    Станува збор за целосна примена на директивата на ЕУ 2019/2144, позната како Општа регулатива за безбедност. Со завршувањето на преодниот период, од јули повеќе нема да може да се регистрира ниту еден нов автомобил во Европа доколку не ги исполнува сите нови безбедносни стандарди, без разлика кога бил дизајниран моделот. Тоа практично значи дека многу постари платформи и поевтини модели ќе мора дополнително технички да се надградуваат за да останат на пазарот.

    Меѓу задолжителните системи што отсега ќе мора да ги има секое ново возило се автоматското итно сопирање со препознавање пешаци и велосипедисти, како и адаптивното стоп-светло кое брзо трепка при нагло сопирање.

    Адаптивното стоп-светло, односно „ESS“ („Emergency Stop Signal“), е систем што многу премиум производители со години го нудат во своите модели. „Mercedes“, „BMW“, „Audi“, „Volvo“ и други брендови го вградуваат како стандардна опрема во повисоките класи уште од пред една деценија.

    Овие технологии досега беа стандард претежно кај поскапите и премиум модели, но отсега ќе мора да ги има и кај најевтините градски автомобили.

    Автоматското сопирање во итни ситуации („AEB“), со детекција на пешаци и велосипедисти покрај возилото, беше воведено уште во јули 2024 година, но не го поседуваа сите модел. Сега ќе мора да биде вграден и кај најевтините автомобили на пазарот.

    Иако безбедносните системи треба да придонесат за намалување на бројот на сообраќајни несреќи, експертите предупредуваат дека најголем товар ќе падне врз купувачите на поевтини автомобили. Дополнителни 1.000 евра кај автомобил вреден околу 15.000 евра значат раст на цената од речиси седум проценти, додека кај луксузните модели тоа ќе биде многу помал удар врз конечната цена.

    Автомобилската индустрија веќе подолго време предупредува дека европските регулативи значително ги зголемуваат производствените трошоци. Во изминатите години производителите алармираа и за дополнителни поскапувања поврзани со еколошките стандарди „Еуро 7“, при што дел од компаниите проценуваа дека некои модели би можеле да станат поскапи и за неколку илјади евра.

    На удар најмногу би можеле да се најдат малите градски автомобили и моделите од пониската класа, бидејќи кај нив секој дополнителен трошок значително ја менува конечната продажна цена. Дел од аналитичарите предупредуваат дека токму поради новите стандарди некои евтини модели би можеле целосно да исчезнат од европскиот пазар.

    Зачлени се на нашиот е-билтен