Не е тајна дека голем дел од македонските пензионери живеат со ограничени месечни приходи. Во услови на растечки трошоци за храна, лекови и комуналии, сè повеќе луѓе од третата доба бараат начин како да обезбедат дополнителна заработка без да ја напуштат удобноста на својот дом.
Добрата вест е дека интернетот денес нуди можности кои до пред само десетина години речиси и не постоеја.
Сè повеќе пензионери ширум Европа работат од дома, користејќи го своето животно и професионално искуство. Истите можности се достапни и за граѓаните на Македонија, бидејќи најголемиот дел од овие работи се извршуваат преку меѓународни интернет-платформи.
Што можат да работат пензионерите?
Долгогодишното работно искуство на пензионерите што сакаат да се впуштат во нови можности е само предност, а не пречка.
Поранешните наставници можат да држат часови по македонски јазик, математика, историја или странски јазици преку интернет. Поранешните инженери, економисти, правници или сметководители можат да нудат консултантски услуги, додека административните работници можат да работат како виртуелни асистенти, помагајќи им на компании со електронска пошта, внесување податоци или организација на документи.
Дополнителен приход може да се оствари и преку преведување, пишување текстови, лекторирање, обработка на документи, внесување податоци, транскрипција на аудио-снимки или корисничка поддршка.
За пензионерите кои имаат хоби, интернетот отвора можност за продажба на рачно изработени производи, плетени предмети, уметнички слики, домашни украси или дигитални производи. Тие производи не мора да бидат нивни. Само треба претходно да се вклучат во пребарување и да ги лоцираат оние што имаат такви производи, а имаат потреба од „продавачи“ на интернет.
Не се потребни големи инвестиции
За најголемиот дел од овие активности доволни се компјутер, стабилна интернет-врска и основно познавање на работа со електронска пошта и видео-повици.
Повеќето платформи не бараат никаква членарина за регистрација. Заработката зависи од времето што ќе се вложи и од вештините што ги поседува лицето.
Експертите советуваат почетниците да започнат со помали проекти за постепено да стекнат искуство и доверба кај клиентите.
Upwork и Fiverr можат да помогнат
За оние кои никогаш не работеле преку интернет, првиот чекор е отворање бесплатен профил на некоја од најпознатите светски платформи за фриленсери, како Upwork и Fiverr. На нив секој може да понуди услуга или да конкурира за работа, без разлика дали станува збор за преведување, пишување текстови, онлајн часови, административна помош, сметководствени услуги, графички дизајн или консултации во професијата во која работел пред пензионирањето.
Постапката е релативно едноставна: потребно е да се отвори корисничка сметка со електронска пошта, да се пополнат основните лични податоци, да се опише професионалното искуство и вештините, а по можност да се постави и фотографија и кратка биографија. На Fiverr корисниците објавуваат услуги што ги нудат, додека на Upwork најчесто се конкурира на огласи објавени од компании и поединци од целиот свет.
Предноста на овие платформи е што нудат одредено ниво на заштита и за работникот и за клиентот. Исплатите се вршат преку самите платформи, а системот на оценки и коментари им помага на новите корисници постепено да изградат доверба и да дојдат до подобро платени ангажмани. Иако на почетокот заработката најчесто е скромна, со стекнување позитивни препораки многумина успеваат да обезбедат редовна дополнителна работа од дома.
Најголемата опасност се измамите
Но, таму каде што има интерес за дополнителна заработка, се појавуваат и измамници.
Тие најчесто користат реклами со пораки како:
„Заработете 500 евра дневно без никакво искуство.“
„Платете 100 евра за регистрација и почнете веднаш да заработувате.“
„Инвестирајте малку, а ние ќе ви гарантираме огромен профит.“
Експертите за сајбер-безбедност предупредуваат дека токму ваквите понуди се најчеста форма на интернет измама. Целта е да се земат пари однапред или да се украдат лични и банкарски податоци.
Како да препознаете измама? Постојат неколку едноставни правила:
- никогаш не плаќајте за да добиете работа;
- не испраќајте фотографија од лична карта или банкарска картичка на непознати лица;
- проверете дали платформата има реални корисници и добри оценки;
- избегнувајте понуди што ветуваат „лесни пари“ без никаква работа;
- ако некој бара да комуницирате само преку WhatsApp или Telegram и избегнува официјални договори, бидете особено внимателни.
Што треба да знаат македонските пензионери?
Дополнителниот приход не значи дека треба да се работи „на црно“.
Приходите остварени преку интернет подлежат на законските правила за оданочување, па пред започнување на редовна онлајн работа препорачливо е граѓаните да се информираат за своите обврски кон Управата за јавни приходи. Во Македонија постојат и домашни ресурси што објаснуваат како легално се пријавуваат приходи од фриленс работа и работа со странски клиенти.
Интернетот не е чудо, туку можност
За многу пензионери дополнителната заработка нема да значи голем бизнис или високи приходи.
Но, неколку стотици евра месечно можат да направат разлика во семејниот буџет, особено ако се заработени користејќи знаење и искуство стекнувано со децении.
Во време кога работата сè повеќе се преселува на интернет, возраста сè помалку е пречка. Она што останува најважно се знаењето, трпението и внимателниот избор на можностите што навистина вредат.
