Пругата Битола-Лерин не е во приоритетите на Владата, 7 години на слеп колосек. Зошто?

Битола-Лерин

Седум години во ќор-сокак е пругата од Битола за Лерин (Флорина). Обновена е во 2019 година, но до денес не свирна воз за Грција, иако беше изградена за таа намена. Изградбата чинеше 17,2 милиони евра, од кои 6 милиони евра средства од ИПА-фондовите на ЕУ, а 11 милиони евра од  буџетот на државата.

Пругата на македонска страна се изгради за 4 години, градбата почна во 2016  година, откако проектот претходно предизборно беше инициран од ексградоначалникот Владимир Талески. Но, градбата беше придружена со проблеми. Тогашниот бугарски конзорциум избран како главен изведувач, не им ги исплати парите на подизведувачите и изградбата запре. Потоа, државата распиша нов тендер, на кој беше избрана австриска компанија што ја направи пругата. 

По неа, наместо меѓународна линија, во 2023 година неколку месеци беше пуштен воз на релација Битола – Жабени, кој потоа запре поради неисплатливост.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, деновиве на потпишувањето на Договорот за грант со Светска банка, кој ќе послужи за комплетна промена на железничкиот сообраќај во државата, не ја спомна пругата од Битола за Грција.

Николоски пред два и пол месеци при посета на Пелагонија рече дека во догледно време не е за очекување дека таа ќе проработи.

„Таму, за жал, не стои добро работата. Со тројца министри за транспорт од Грција сум разговарал, тројца се сменија откако јас сум министер. На нивната страна пругата не е во добра состојба и по несреќата што им се случи пред две години, кога имаше голем број жртви, нивниот железнички систем е во криза. И директно беше одговорено дека во овој момент немаат средства да ја репарираат“, рече Николоски на 16.4.2026 година во Битола.

До пред четириесетина години имаше железничка врска меѓу Битола и Лерин, но македонскиот воз превезувал патници до граница, а таму се префрлувале во грчки воз и патувале до Лерин, каде што повторно се преместувале во трет за Солун.

Пруга од Битола за Солун имало уште во 1884 година, а до денес безуспешни останаа обидите за возобновување на оваа железничка врска.

Содржината е преземена од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на заедницата од пелагонискиот регион.

Најчитано