Најавите за можно преиспитување на евтината тарифа и блок-тарифите за струја отворија силна дебата во јавноста, особено меѓу граѓаните кои токму преку овие механизми успеваат да ги намалат месечните трошоци за електрична енергија. Новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика Ацо Ристов смета дека сегашниот модел треба да се анализира, бидејќи, како што вели, „не може да постојат пет цени за ист производ“.
Според најавите, РКЕ ќе го преиспитува системот на блок-тарифи што беше воведен во екот на енергетската криза во 2022 година, кога државата се обидуваше да ги заштити домаќинствата од ценовен шок.
Моделот овозможуваше граѓаните со помала потрошувачка да плаќаат пониска цена за струја, додека повисоките потрошувачи влегуваат во поскапи тарифни блокови. Истовремено, евтината дневна и ноќна тарифа за многу семејства стана начин како да го задржат домашниот буџет под контрола.
Ристов вели дека ќе се бара „поправичен модел“, но дел од експертите предупредуваат дека целосното напуштање на сегашниот систем може најсилно да ги погоди токму семејствата со пониски приходи.
Енергетскиот експерт Константин Димитров оценува дека блок-тарифите и евтината струја не се само економска, туку и социјална мерка.
„Граѓаните што се во пониските тарифни блокови плаќаат поевтина струја и имаат пониски сметки, додека оние со поголема потрошувачка плаќаат поскапа електрична енергија. Тоа е социјалната компонента“, изјави Димитров.
Тој предупредува дека целосно препуштање на цената на пазарната логика би било на штета на потрошувачите.
„Пазарот може да се остави сам да се регулира, но тоа би било на штета на потрошувачите“, вели Димитров, посочувајќи дека евтината тарифа има важна улога и во подобро распределување на потрошувачката на електрична енергија.
Реакции веќе има и кај граѓаните, особено на социјалните мрежи, каде многумина предупредуваат дека укинувањето на евтината струја директно ќе удри врз семејниот буџет.
Дел од коментарите посочуваат дека токму блок-тарифите ги натерале луѓето да штедат струја и да внимаваат на потрошувачката, а нивното евентуално укинување би ја избришало разликата меѓу оние што рационално трошат и оние со значително повисока потрошувачка.
Политички реакции исто така не изостанаа. Од партијата Левица предупредија дека евентуалното укинување на евтината тарифа ќе значи дополнителен удар врз најсиромашните категории граѓани. Според нивните проценки, семејствата што успеваат да останат во првиот тарифен блок би можеле да плаќаат значително повисоки сметки на годишно ниво.
Во моментов, домаќинствата плаќаат струја според четири тарифни блока, а евтината тарифа и понатаму важи во определени часови од денот и ноќта. Податоците на ЕВН Македонија покажуваат дека евтината тарифа останува важен механизам за намалување на трошоците кај домаќинствата, особено во услови на континуиран раст на животните трошоци.
Иако од РКЕ засега не најавуваат директно укинување, туку анализа на моделот, самото отворање на темата веќе создаде страв кај граѓаните дека сметките за струја би можеле дополнително да растат.
Во услови кога голем дел од домаќинствата и онака тешко ги покриваат основните месечни трошоци, евтината струја и блок-тарифите за многумина не се привилегија, туку една од ретките преостанати заштити на домашниот буџет.