Војната и топлотните бранови се закануваат на цените на лебот и тестенините: Колку голем би можел да биде ценовниот шок?

цените

Се очекува глобалните цени на храната да пораснат двоцифрено во 2026 година, бидејќи влошувањето на руската војна во Украина го зголемува влијанието на другите нарушувања што веќе влијаат на цените на храната, според „Оксфорд економикс“. Пченицата веројатно ќе се соочи со најголем притисок, што би можело да доведе до повисоки цени на лебот и тестенините.

Се очекува глобалните цени на храната да пораснат за 11,8 проценти оваа година и за 4,8 проценти во 2027 година, при што земјоделските култури – житарки, овошје и зеленчук – како и млечните производи ќе бидат најтешко погодени, според „Оксфорд економикс“. Ова доаѓа во време кога екстремната топлина и суша во Европа ги оштетија посевите, додека земјоделците истовремено се соочуваат со високи цени на енергијата и ѓубривата, дополнително погодени од војните на Блискиот Исток и Украина, објавува „Еуроњуз“.

По топлотниот бран во Европа, „Коцерал“, европското здружение за трговија со житарки и маслодајни растенија со седиште во Брисел, објави вонредна проценка во јули и ја намали својата прогноза за вкупната жетва на житарки во ЕУ-27 и Велика Британија од 295,5 милиони тони на 286,6 милиони тони. За споредба, во 2025 година беа собрани 310 милиони тони.

Се очекува жетвата на жито во Германија да биде за седум проценти помала оваа година поради силната суша и топлотните бранови, соопшти АФП, повикувајќи се на предупредување издадено од Германското здружение на земјоделци во вторник. Прогнозирано производство изнесува 41,9 милиони тони.

Иако топлотниот бран предизвика значителна штета, земјоделците се соочуваат и со повисоки трошоци поради прекини во снабдувањето со нафта и други суровини по блокадата на Ормутскиот теснец поради војната со Иран.

Влијанието на војните

Оксфорд Економикс наведува дека најголемото влијание врз глобалните цени на храната е „војната меѓу САД и Иран и нејзиното влијание врз влезните материјали потребни за производство на храна, првенствено нафта (дизел), природен гас и ѓубрива“, изјави за Euronews Business Томас Дворак, виш економист.

Според Оксфорд Економикс, глобалните цени на дизелот се зголемија за 36 проценти на годишно ниво во јули, делумно поради прекините во Ормутскиот теснец, додека се очекува цените на ѓубривата да пораснат за 22 проценти оваа година.

Во исто време, војната во Украина има значително влијание и врз глобалните цени на храната.

Житарките сочинуваат 25 проценти од глобалниот индекс на цени на храната, а Русија и Украина „заедно сочинуваат нешто помалку од 30 проценти од вкупниот светски извоз на пченица и повеќе од 10 проценти од извозот на пченка“, рече Дворжак.

Нападите врз руските и украинските пристаништа, терминали за товарење и бродови, како и прекините во извозот на жито преку Црното и Азовското Море, би можеле да загрозат 86 милиони тони годишен капацитет за извоз на жито – 52 милиони тони од Русија и 34 милиони тони од Украина. Тоа е еквивалентно на речиси 17 проценти од светскиот извоз на жито, се вели во извештајот.

Според податоците од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), глобалните цени на прехранбените суровини беа за еден процент повисоки во јули отколку претходната година. Цените на житарките се зголемија за 6,9 проценти, додека цените на растителното масло се зголемија за приближно 17,3 проценти.

Глобалниот индекс на цени на храната на „Оксфорд економикс“ ги следи цените на прехранбените производи, па затоа неговиот пораст не значи автоматски пораст на цените во супермаркетите.

Прогнозираниот раст за 2026 година е сè уште помал од зголемувањето од 14,2 проценти забележано во 2022 година.

Цената на пченицата е под најголем притисок

„Најголемото влијание ќе биде врз земјоделските култури – житарки, овошје и зеленчук – како и млечните производи“, изјави Дворак за „Еуроњуз бизнис“, додавајќи дека токму овие категории се најтешко погодени од сушите и топлината.

„Тоа ќе се прелее и врз цените на преработените производи – леб, сирење, вино и масло“, рече тој. Од друга страна, се очекува производи како месо да бидат помалку погодени.

Како култура која бара големи количини ѓубрива, пченицата е под најголем притисок. Според истражувачите, се очекува нејзината цена да порасне за 36 проценти годишно на 6,92 долари за бушел – еквивалент на околу 27 килограми пченица – во третиот квартал од 2026 година.

Пченицата се користи во широк спектар на преработени производи, од леб и тестенини до житарки за појадок и бисквити.

„За свежата храна, првенствено овошјето и зеленчукот, влијанието ќе биде релативно брзо и веројатно видливо кај потрошувачките цени за два до три месеци. За преработената храна, доцнењето е обично подолго, со оглед на времето потребно за берба и преработка. Таму очекуваме најголемото влијание врз потрошувачките цени да биде за околу шест до девет месеци“, рече Дворжак.

Ова значи дека цените на свежата храна би можеле да почнат да ги одразуваат нарушувањата помеѓу октомври и ноември 2026 година, додека најголемиот ефект врз цените на преработената храна би можел да се почувствува помеѓу февруари и мај 2027 година.

Џед Картлеџ, економист за земјоделски производи во „Оксфорд економикс“, рече дека шокот врз цените на храната би можел да биде потежок од моментално прогнозираното, бидејќи целосното влијание на нападот врз регионот на Црното Море сè уште се одвива, додека силниот Ел Нињо ги загрозува земјоделските култури надвор од Европа.

Сепак, тој додаде дека цените на пченицата би можеле да ги направат поскапите алтернативни извозни правци комерцијално одржливи, што би помогнало да се компензираат дел од нарушувањата.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?