Германија станува сѐ поуспешна во привлекувањето квалификувани работници на својот пазар на труд. Но проблемот останува: многумина не остануваат трајно во земјата. Што тргнува наопаку, прашува Дојче веле во својата неделна анализа.
„Нашиот заклучок е дека секој што сака успешно да го обликува доселувањето мора да ја разбере и појавата на иселување. Станува збор за тоа луѓето долгорочно да се задржат преку фер можности, сигурни процедури, добра поддршка и средина во која можат да изградат долгорочна перспектива“, изјави Лаура Госнер од Институтот за истражување на пазарот на труд и професиите (ИАБ) на прес-конференција во Берлин.
Институтот онлајн анкетирал лица на возраст меѓу 18 и 65 години кои до април 2025 година се доселиле во Германија, прашувајќи ги зошто ја напуштиле земјата и кои причини биле пресудни за тоа.
Според резултатите, иселувањето не е последица на само еден фактор. Особено голема улога играат семејните причини. Како важни фактори се наведуваат и искуствата со дискриминација. Голем дел од причините, според авторите на студијата, можат да бидат предмет на политички мерки, како што се бирократијата, домувањето и учењето на јазикот.
Младите иселеници најчесто се селат во Шпанија и Швајцарија
Но кои се луѓето што најчесто повторно ја напуштаат Германија?
„Иселениците во просек се помлади. Тие пократко живееле во Германија и почесто имаат партнери и деца во странство. Освен тоа, поретко зборуваат германски, но почесто имаат добро познавање на англискиот јазик“, објаснува експертката на ИАБ, Тереза Кох.
Додека 60 проценти од иселените се враќаат во својата матична земја, 40 проценти продолжуваат да живеат во други држави.
Најпопуларни дестинации се Шпанија, Швајцарија, Италија и Хрватска.
„Се наоѓаме во конкуренција со други европски земји во борбата за квалификувана работна сила“, истакна Јулија Косјакова, раководителка на секторот за миграција, интеграција и меѓународни истражувања на пазарот на труд при Институтот за истражување на пазарот на труд и професиите.
Бирократијата е една од главните причини за заминување
Голем дел од критиките што иселениците ги упатуваат кон Германија не се нови.
Тие се однесуваат на долгите рокови за обработка на барањата за државјанство, дозволи за престој, визи и признавање на странски дипломи. Често мора да чекаат долго време за германските институции да одговорат на нивните дополнителни прашања. Проблем претставуваат и високите административни такси, како и недоволната поддршка кога станува збор за работа и кариера, било преку центрите за вработување, локалните власти или работодавците.
Според Лаура Госнер, сето тоа го отежнува долгорочното планирање, пристапот до вработување и чувството на поврзаност со Германија.
Административните постапки влијаат врз тоа како доселениците ја гледаат својата иднина во Германија.
„Кога процедурите се доживуваат како долги, неразбирливи или тешко достапни, тоа може директно да влијае врз перспективата за останување во земјата“, анализира Госнер.
„Гледаме дека доселениците кои имаат повеќе негативни искуства со ваквите постапки во просек поретко се чувствуваат добредојдени во Германија.“
Јазикот останува клучот за успех на германскиот пазар на труд
Тилман Франк, претседател на Германското здружение за привлекување меѓународни стручни кадри, воедно е и директор на компанијата „ТалентОранџ ГмбХ“, која досега регрутирала и поддржала илјадници медицински сестри, воспитувачки и физиотерапевти за работа во Германија.

Тој добро знае кога луѓето по кратко време решаваат повторно да ги спакуваат куферите.
„Јазикот е клучот за снаоѓање во Германија, а особено на пазарот на трудот“, вели Франк.
Според него, проблем настанува кога уште од почетокот патот кон Германија е погрешно поставен, кога не се одбираат вистинските кандидати и кога учењето на јазикот не е соодветно поддржано.
„Ако тоа не функционира, шансите овие луѓе повторно да заминат се релативно големи. Но, ако им се овозможи добро изучување на јазикот и ако се изберат вистинските луѓе, кои се доволно подготвени за живот во Германија, тогаш стапката на останување е многу висока“, вели тој.
И понатаму недостига кадар во грижата за стари лица
Франк раскажува дека во моментов особено луѓе од Кенија, Индија и Виетнам се обидуваат да изградат кариера во Германија.
Кенија е значаен извор на работна сила бидејќи тамошното Министерство за труд го поттикнува заминувањето на младите невработени лица. Во Индија и Виетнам, пак, родителите ја гледаат германската можност за стручно образование како привлечна перспектива за своите деца.
Потребата од кадар и натаму е особено голема во секторот за нега на стари лица.
Поради тоа Франк бара германската влада да го поддржи изучувањето на германскиот јазик уште во земјите од кои доаѓаат кандидатите.
„Сите овие обиди луѓето да пристигнат тука без познавање на германскиот јазик не даваат долгорочни резултати. Добар пример се меѓународните студиски програми што функционираат на англиски јазик, каде што студентите се надеваат дека потоа ќе можат да работат во Германија. Тоа, сепак, не успева.“
Една од причините за иселување, според него, е и тоа што дел од доселениците не добиваат работа што одговара на нивните квалификации.
„Луѓе кои во својата земја биле обучени за акутна болничка нега потоа овде, без тоа јасно да им биде објаснето однапред, завршуваат во домови за стари лица каде работат основна нега.“
Нов пристап: агенции „Работи и остани“
Франк е запознаен и со бројните негативни приказни за германскиот бирократски лавиринт во кој многу доселеници не успеваат да се снајдат.
Неговата компанија дури води Ексел-табела со примери за апсурдни ситуации и административни грешки што можат да се случат. Како пример наведува случај во кој двајца службеници испратиле различни решенија и различни рокови за истата постапка за издавање виза.
Според него, затоа е неопходна професионална поддршка на доселениците.
Сепак, Франк смета дека политиката веќе сфатила оти меѓународните стручни кадри не треба само да дојдат, туку и да останат во Германија.
„Во Германија има и позитивни и негативни примери”, заклучува тој.
„Сојузната агенција за вработување воведе централен систем кој е побрз и посигурен. Покраината Хесен воспоставува централна служба за странци. Планирано е и формирање агенција ‘Работи и остани’ на сојузно ниво.”
Но, во секојдневното работење многу работи и понатаму се комплицирани поради недостигот од персонал во администрацијата.
„Со дигитализацијата напредуваме, но многу бавно и преку поединечни иницијативи на сојузните покраини или општините. Сѐ уште недостига единствено национално решение”, вели Франк.
