ЕПП и либералите бараат ЕУ да замрзне 770 милиони евра за Романија

Вајц

Европската народна партија и либералната група „Обнова на Европа“ побараа од Европската комисија да разгледа замрзнување на 770 милиони евра европски средства за Романија, поради спорниот закон за интегритет кој, според нив, може да биде искористен за смена на градоначалникот на Темишвар, Доминик Фриц.

Лидерите на двете европски политички групи, Манфред Вебер и Валери Аје, испратиле писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во кое предупредуваат дека исплатата на парите од европскиот Механизам за закрепнување и отпорност би можела индиректно да придонесе за нарушување на демократијата во Романија.

Во центарот на спорот е закон за интегритет на јавните функционери кој помина во романскиот парламент. Една од одредбите предвидува функционерите за кои постои конечна одлука за конфликт на интереси, а тригодишниот период на санкција сè уште не е истечен, да ја изгубат функцијата во рок од 30 дена од стапувањето на законот во сила.

Таквата одредба може директно да го погоди Доминик Фриц, градоначалник на Темишвар и лидер на реформската партија Сојуз за спас на Романија, УСР.

Фриц, кој е германски државјанин и првпат беше избран за градоначалник пред шест години, има конечна судска одлука поврзана со административен конфликт на интереси. Случајот се однесува на урбанистички документ од 2020 година кој бил изработен од компанија во сопственост на архитект и локален советник од УСР, кој претходно ја поддржал неговата изборна кампања.

Вебер и Аје тврдат дека ретроактивното применување на новата одредба би било спротивно на романското и европското право. Тие ги обвинуваат Социјалдемократската партија, ПСД, и крајнодесничарската Алијанса за обединување на Романците, АУР, дека законот го користат за политичка пресметка со Фриц.

Според писмото, Европската комисија треба јасно да стави до знаење дека исплатата на европските средства зависи и од почитувањето на владеењето на правото.

Конечната одлука за законот треба да ја донесе романскиот Сенат во среда. Доколку биде усвоен, тој може брзо да стапи во сила, а истовремено е дел од реформите што Букурешт треба да ги заврши до крајот на август за да добие пристап до преостанатите европски средства.

Европската комисија потврди дека го добила писмото од Вебер и Аје и најави дека законот за интегритет ќе биде оценуван во рамките на последното барање на Романија за исплата на средствата.

Тоа не значи дека 770 милиони евра автоматски ќе бидат замрзнати. Доколку Комисијата оцени дека Романија не исполнила дел од договорените реформски цели, земјата може да изгуби дел од сумата, во зависност од тоа кои обврски не се исполнети.

Романскиот план за закрепнување и отпорност располага со вкупно 21,41 милијарда евра, од кои 13,57 милијарди се грантови, а 7,84 милијарди евра заеми. По исплатата од 2,25 милијарди евра во јуни, Романија имаше добиено околу 60,6 отсто од вкупната распределена сума.

Крајниот рок за исполнување на преостанатите цели од европскиот механизам е 31 август, а земјите треба да ги достават последните барања за исплата до крајот на септември.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?