Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кога би биле Европјани во ЕУ во 2024 година – Писмо од Берлин

Кога би биле Европјани во ЕУ во 2024 година, би можеле да бидеме оптимисти и заради новиот парк во Антверпен со 30.000 растенија, за новиоте проекти за обнова на шумите во Германија, Шпанија, Шведска, Португалија и Хрватска. За новите трамваи во Талин, Фиренца и Барселона. За новиот музеј посветен исклучиво на женски уметници на југот на Франција. Заради прославата на 100-годишнината од смртта на Франк Кафка во Прага, што ќе биде можност да се прослави неговото пишување, толку важно за денешниот свет. Заради уредбата еден полнач за сите мобилни уреди со кој ќе заштедиме пари и ќе го намалиме отпадот.
Тоа е богатството на најстариот континент на кое треба да бидеме горди и ние Македонците. Само кога би биле Европјани во ЕУ во 2024 година.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Кога би биле Европјани во ЕУ во 2024 година, би се радувале и би ги користеле новите железнички услуги, би биле горди домаќини на Олимписките игри и би имале еден полнач за било кој мобилен уред. Во услови на големи кризи, од витално значење е да се цени напредокот што сè уште се случува и да се биде оптимист, иако Европејците традидиционално низ историјата повеќе му се препуштале на „интелектуалниот гламур на песимизмот“, како што еднаш рече Баросо, поранешниот претседател на Европската Комисија.

Добро, во ред, со оглед на тоа каква беше 2023 година во Европа и глобално, Европјаните имаа причини да бидат песимисти: трагедии од природни катастрофи, несигурност, закани од сиромаштија и зголемен авторитаризам, дури и во воспоставените демократии, Украина во војна со агресорот во срцето на Европа, хуманитарната катастрофа на Блискиот Исток, во Израел, со што повторно изникнаа антисемитизмот и исламофобијата потсетувајќи на едно темно и не толку далечно минато… Мигрантската криза и Лампедуза…

Целата оваа недовршена листа не е за да се затворат очите пред овие настани и процеси, но, сепак, кога би били Европјани во ЕУ би имале зошто да бидеме оптимисти.

Новата година ќе донесе почеток на преговорите за членство во ЕУ за Украина и соседна Молдавија. Тоа е доволна причина да се биде оптимист и да се поздрави надежта што им се даде на граѓаните на овие земји. За формалните преговори ќе биде потребно време, но зошто да не се радуваме на процесот за ново проширување на ЕУ.

Останува можноста да се забрзаат изгледите за продолжување на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ  и за забрзување на процесот за другите земји од Западен Балкан.

Кога би биле Европјани во ЕУ во 2024 година би се радувале на реформите во ЕУ, особено на промените во внатрешното одлучување во унијата за да се избегне континуираниот ќор-сокак додека клубот се проширува.

Унгарија е причина за постојана загриженост, бидејќи контролата на власта на Виктор Орбан станува посилна и ги задушува демократските институции и слободата на медиумите во оваа земја, но да бидеме оптимисти зашто победата на Доналд Туск во Полска е оптимистичка лекција за европскептиците, како и за оние коие не веруваат дека има доволно Европјани кои можат да застанат во одбрана на граѓанските слободи.

Во ЕУ најавуваат можности за повеќе патувања со воз низ Европа, симбол на одржлив раст, можности и културна размена. Ќе има поголема конкуренција на рутите низ Европа и нови услуги што ги поврзуваат Париз и Берлин, Минхен и Варшава, Милано и Љубљана.

Кога би биле Европјани во ЕУ во 2024 година би биле оптимисти дека и најавениот заеднички железнички премин меѓу Македонија и Србија, со можности за обнова на железничкиот коридор 10, ќе го извлече регионот од железничката комуникациска изолација.

Кога би биле Европјани во ЕУ во 2024 година, би учествувале на изборите за Европскиот парламент би се погрижиле да го запреме продорот на екстремната десница. Се разбира, изборите се е една од најважните придобивки на демократијата кога граѓаните одлучуваат, но оптимизмот може да го оправдаме ако Европјаните излезат во колку што е можно поголем број на изборните места.

Кога би биле Европјани во ЕУ во 2024 година, би можеле да бидеме оптимисти и заради новиот парк во Антверпен со 30.000 растенија, за новиоте проекти за обнова на шумите во Германија, Шпанија, Шведска, Португалија и Хрватска. За новите трамваи во Талин, Фиренца и Барселона. За новиот музеј посветен исклучиво на женски уметници на југот на Франција. Заради прославата на 100-годишнината од смртта на Франк Кафка во Прага, што ќе биде можност да се прослави неговото пишување, толку важно за денешниот свет. Заради уредбата еден полнач за сите мобилни уреди со кој ќе заштедиме пари и ќе го намалиме отпадот.

Тоа е богатството на најстариот континент на кое треба да бидеме горди и ние Македонците. Само кога би биле Европјани во ЕУ во 2024 година.

Знам, знам, сега доаѓаме до моментот кога традиционалниот балкански мајндсет се активира и вели „а што имаме ние од сето тоа“, зашто веќе го заборавивме условот од насловот на оваа колумна – Кога би биле Европјани во ЕУ во 2024 година.

Кога би биле Европјани во ЕУ во 2024 година и оптимисти, еден полнач, музеј или парк во некој од нашите европски градови може да изгледаат како мали достигнувања во големата слика на војната и на популизмот, но тие се пример за тоа како рутинскиот напредок продолжува да се случува без разлика на нашата неактивност, или намерна опструкција, со цел да го запреме тој напредок.

Само треба да размислуваме европски и да бидеме Европјани. Затоа велам, ако во 2024 година, оние со кои ja делиме идејата дека сме дел од овој континент, а кој постојано мрчат, не веруваат, полни се со скепса или со празни зборови за Европа, би прифатиле да им пристапат на предизвиците со помалку мрачен и песимистички пристап, надежта, сепак, може да биде и реална.

Зачлени се на нашиот е-билтен