Со ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе се промени парадигмата, ќе живееме буквално како во апартхејд на најелементарно ниво
Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ
Во оваа земја постои еден сензибилитет што може да го дефинираме и како „култура на сеќавање“. Е, таа и таква култура, денес, не убедува дека Македонија не постоеше претходно, туку се испили откако на власт се денешните „плави“, или „црвени“, или откако на власт се денешните „комуњари“. А претходно, нели, Македонија не постоеше, што во основа претставува замена на тези преку кои се градат „опозициони“ политички наративи.
Во недостаток на самопочит (што да правам, и јас имам некогаш криза на идентитетот: духовен, „интелектуален“, љубовен!), синоќа го (и)слушав интервјуто на Христијан & Мицкоски. И, каков е, што мисли, што сонува и што му се случува, ќе праша некој. Па, како за кого, за мене, освен што беше облечен како рицар, со држење типично за сите осуетени, наакани и напернати десничари, во политичка смисла беше страшно неавтентичен и млак, повторно типично за сите десни популисти, со една задршка која го зачеша мојот нос, драг господине Вотсон!
Се обидуваше да делува како помирувач, а таа индикативна „каписла“ го зачеша мојот нос. Зборуваше за мир, за дијалог, зборуваше за некоја питома Македонија, замислете, мајку вам божју! Откако го слушнав тоа, враќав на „рипит“, си велам на себе: кој е бре овде пијан, избезумен; потоа си велам на себе да не ме акнал мозочен удар, пу, пу, скраја било! Нема ништо од тоа, здравјето ми е релативно добро, така и снимката вели, односно така вели устата на Мицкоски: мир, дијалог, убаво се слуша, тој зборува, Мицкоски е, чесна пионерска!
Вели сè најлошо за оваа влада, ама со оној мирен тон на рамнодушен човек, очигледно е дека се чувствува комотно во својата „лидерска“ позицијата. И провејуваше таквиот индикативен тон кој од нас треба да направи луѓе кои не се сеќаваат што вчера вечерале, а камо ли да се сеќаваат за некое подолго време од ова денес. Во интервјуто Мицкоски се обидуваше да нè убеди дека пред оваа власт, Македонија не постоеше. Немаше пљачка, инфлација, беда… Туку важно било само кој тендер на кому му бил дoделен. Кога со одвратни тези ги дефинираш и ги поставуваш прашањата, тогаш разбирливо доаѓаш до констатација – дојдоа „плавите“ и сè испокрадоа.
Па, добро, по ѓаволите, што украдоа? После единаесет години власт на ВМРО-ДПМНЕ нема што да се искраде. За нешто да се краде, најпрво мора нешто да се создаде. Нели? И тука доаѓаме до „културата на сеќавање“, како што доаѓаме и до тоа филтрирано заборавање.
Луѓето се сеќаваат на работи кои не се случиле, ама не се сеќаваат на работи кои се случиле. Луѓето почнуваат да создаваат алтернативна реалност. Сопственото сеќавање и искуство го прилагодуваат на она кое во моментот би било посакувано или се прилагодуваат на она сеќавање и искуство од кое може да имаат корист. Тие мислам дека од нив се очекува, да бидат пофалени или да добијат работа, па затоа зборуваат: од 2017 години до денес, овде владеат некои мафијаши и лопови, а од утре натаму треба да дојде царот Мицкоски, најпрекрасниот и најчесниот. Мицкоски ќе ни даде возови, фекaлани канализации, книги во основните училишта, патишта, болници. Денес ништо од тоа немаме, или ако имаме, овие „плави“ сè уништија, и кога јас ќе дојдам, ќе имаме сè.
Е, дотаму дофрла опозиционата критика на лидерото на ВМРО.
Искрен да бидам (а може ли поинаку?), јас сум за СДСМ и Ковачевски. Зошто? Затоа што тоа е подобро за Македонија. И верувам дека на Македонија нема повторно да ѝ се случи тектонско пореметување. Знам, овие не се совршени луѓе, далеку од тоа, ама единствениот „јавен интерес“, пристојност и мир, може да го генерира Социјалдемократската партија. И никој друг. Не затоа што нема други луѓе, туку затоа што милион пати ни покажаа дека може и подобро и почевечки. Во сета криза, војни и беда по светот, колку-толку се покачуваат плати за сите, се афирмираат како-така човековите права, медиумската сцена е „либерализирана“, има некаков релативно нормален дијалог на медиумите, дури, ете, јас не сум слушнал Влада која вели (а тоа го вели премиерот Ковачевски) судиите и обвинителите се оставени сами да отвораат случаи и се занимаваат со својата примарна и основа работа, а тоа е да го спроведуваат законот. Па каде сте го слушнале тоа од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски?
Со ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе се промени парадигмата, ќе живееме буквално како во апартхејд на најелементарно ниво. Слободната мисла ќе биде изопштена, твоето име ќе биде дискредитирано, никаде повеќе нема да бидеш поканет, викнат, а ако бидеш поканет, со сигурност ви тврдам дека некој уредник или така некоја слична личност, ќе биде рибачена зошто го викнала тој некој проклет „Ненад Јовановиќ“.
Оваа моја проекција за можното идно владеење на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е само тоа, чиста проекција. Затоа што знам што од оваа земја ќе биде ако се вратат на власт. Знам и што ќе ѝ направат на опозицијата ако се вратат на власт: ќе им ја скршат кичмата, е тоа ќе направат. Прво ќе ги соберат сите „прелетачи“ кои живеат и егзистираат „во сите режими“, а на оние кои нема да им се дадат, ќе им ги скршат кичмите. За спротивставени мислења нема да стане збор, за проветрување уште помалку.
Ние и ВМРО-ДПМНЕ живееме две одвоени реалности. Сè стана банално и досадно. И затоа со искрено срце и голема верба велам: Ковачевски и СДСМ се нeшто сериозно и нормално во политиката. Ќе направам сè, барем тоа што можам (а можам да пишувам и зборувам) нашата земја и нашите луѓе да не отидат повторно во неизвесност, страв и декаденција. А ако некој друг има подобра варијанта од мојата, слободно. Само немојте после да се правдаме дека никој не ни кажал или не сме биле доволно информирани. (Фронтлајн)