Македонскиот филигран со векови се создава од тенка сребрена жица, трпение и знаење што се пренесува од генерација на генерација. Денес, тоа исто знаење добива нов живот како современ уметнички јазик способен да комуницира со други култури, пејзажи и европски традиции.
Проектот „Филигрански архипелаг 249°“ токму тоа го покажа на хрватскиот Јадран. Наместо Македонија да биде претставена преку очекуваните национални симболи, во центарот беше ставен филигранот – дел од културниот код кој со векови се пренесувал низ рацете на македонските мајстори.
За Рацин.мк уметницата Марија Милошевска вели: „Имаме што да споделиме со светот. Богати сме, а често не знаеме колку многу имаме. Треба повеќе да го цениме и да го чуваме она што нè прави свои – нашиот културен код“, која е и една од пораките зад проектот.

На Јадранот, македонската филигранска традиција се сретна со Корнатите – со морето, каменот, островите, рибарската традиција и сеќавањата на луѓето кои со генерации живеат со тој простор.
Така „Филигрански архипелаг 249°“ стана повеќе од македонски проект инспириран од Хрватска. Две различни наследства создадоа нешто ново.
Брошот станува остров, телото море
Името на проектот ја носи неговата основна идеја. Бројот 249 се однесува на островите, островчињата и карпите на шибеничкиот архипелаг кои биле појдовна точка на истражувањето, додека знакот за степен ја претвора бројката во правец и движење.
249° станува уметнички компас – пат од вистинскиот пејзаж кон неговата интерпретација во сребро.
Наместо минијатурни географски копии на островите, филигранската жица пренесува нешто подлабоко: карпа, сол, песок, едро, вода, рибарска традиција, вера, човечки профили скриени во каменот и локални сеќавања.

Така настанува имагинарна карта исцртана со сребро.
Во неа брошот станува остров, а човечкото тело море. Кога некој ќе го стави на себе, островот ја напушта својата фиксна точка на картата и почнува да патува.
Истата идеја важи и за традицијата – ако сакаме да остане жива, не е доволно само да ја чуваме. Мора да ѝ дозволиме да се движи, да влегува во нови контексти и да создава нови приказни.

Истражувањето на Корнатите започнало преку соработката со етнологот Јадран Кале од Музејот на град Шибеник и Универзитетот во Задар.
Постепено, секој остров отворил различна тема. Пишкера ја донела рибарската традиција, Лавса солта, Леврнака песокот, Вруље средбата на слатката и морската вода, Рашип човечките лица препознаени во карпите, а Муртер традиционалната гајета како симбол на животот и опстанокот на островите.
Од истражувањето произлегла една од главните идеи на проектот: островот не е само географска форма. Него го создаваат луѓето, јазикот, работата, имињата, верувањата, сеќавањата и приказните.
Корнатите и филигранот зборуваат ист јазик
На прв поглед, Корнатите и филигранот изгледаат како спротивности. Едниот свет е груб, каменест и соголен, другиот нежен и создаден од речиси невидлива сребрена жица.
Но и двата почиваат на линијата, празниот простор и односот меѓу цврстото и кревкото.
Од таа врска настанале 11 авторски сребрени брошеви, секој инспириран од конкретен остров, локалитет или приказна.

На Муртер нив не ги носеле професионални модели, туку мештани од корнатскиот простор. Луѓето од местата што ја инспирирале колекцијата станале дел од самото уметничко дело.
На симболично ниво, островите им се вратиле на своите луѓе.
Шикина рива била природната сценографија – море, камен, традиционални бродови и големи латински едра. Изложбата прераснала во спој на филигран, wearable art, перформанс, музика и поезија.
Во посебен перформанс, публиката го гледала самиот процес на создавање филигран – рацете што ја виткаат жицата, издвоени од работилницата и претворени во сценска слика.
Вечерта ја надополниле песните на Иве Шикиќ Балара во изведба на Ведранко Балара, како и настапот на виолончелистот Виктор Ходак.
Но можеби најважниот момент дошол по официјалниот дел.
Луѓето останале покрај брошевите, ги гледале одблизу, ги препознавале островите и локалитетите, раскажувале сопствени приказни и создавале нови врски со делата.
По една година во која фрагменти од Корнатите биле претворани во сребро преку македонскиот филигран, тие повторно им биле вратени на луѓето од кои потекнувале приказните.
Токму тука е и потенцијалот на македонскиот филигран во современата европска уметност.
Не како занает што треба само да се зачува непроменет, туку како жив културен јазик што може да разговара со други средини, да создава нови форми и да ги поврзува луѓето далеку над границите на Македонија.
Македонија има што да сподели со светот. Предизвикот е прво самите да ја препознаеме вредноста на она што веќе го имаме.
Фото: Игор ТУРЧИНОВ

