Канада во ЕУ? Кога Европа изнаоѓа креативни решенија (2 дел)

Канада

Понудата кон Канада има стратегиска логика. Од Северна Македонија, сепак, тешко се слуша без да се помисли на стерилноста на политичката условеност на пристапувањето и на водењето на процесот до сега.

Андреја СТОЈКОВСКИ

Предлогот на Урсула фон дер Лајен Канада да стане првата „асоцијативна членка“ на Европската Унија отвора најмалку три различни прашања.

  • Каков поширок европски поредок се обидува да изгради Комисијата?
  • Како оваа понуда звучи во земја што повеќе од две децении чека полноправно членство?
  • Kолку од ветеното воопшто може да се изведе врз основа на постојните договори?

Во оваа колумна ја пренесувам перспективата на македонскиот граѓанин и политичката болка што настанува кога Унијата покажува институционална имагинација за можните партнери, а процедурална воздржаност кон кандидатите. Додека во останатите ја анализиравме стратешката можност: Европа да организира поширок круг демократски партнери околу сопствениот економски, технолошки и безбедносен простор, односно правните граници за таквиот статус.

Земени заедно, трите колумни тврдат дека понудата кон Канада може истовремено да биде стратегиски оправдана, политички болна, правно недефинирана и демократски ризична. Токму затоа заслужува повеќе од воодушевување или отфрлање. Таа бара разговор за типот на Европа што се создава, за местото на државите кандидатки и за тоа кој има право да ја одобри таа промена.

Кога Урсула фон дер Лајен ја покани Канада да стане првата „асоцијативна членка“ на Европската Унија, канадскиот премиер Марк Керни седеше во протоколарниот ред во Европскиот парламент. Сцената ги имаше сите елементи на сериозен политички театар: внимателно избран гостин, нов поим, громогласен аплауз и ветување дека односот меѓу Европа и Канада ќе се издигне на највисокото можно рамниште.

Од Канада, понудата веројатно звучеше како признание. Од Северна Македонија, звучеше поинаку.

Не ми беше тешко да ги предвидам реакциите што ќе следуваат: „А виде Канада…“, „Кога сакаат, можат“, „Знаеме како е, за нас тоа не важи“. Не ми е тешко ниту да ја разберам стратегиската логика зад понудата. Канада е демократија, сојузник во НАТО и природен европски партнер во безбедноста, енергијата, критичните минерали, технологијата и Арктикот. Во време кога економската зависност сè почесто се користи како инструмент на политичка присила, и Европа и Канада имаат сериозни причини да се доближат. На Европа ѝ се потребни сигурни партнери. На Канада ѝ е потребен поширок простор за суверен избор во услови на сè понеизвесен однос со Соединетите Американски Држави.

Не гледам причина да се противиме на таквото приближување. Напротив, доколку Европа сака да биде посилен политички и стратегиски субјект, мора да изгради поширок круг демократски партнери околу својот економски, технолошки и безбедносен простор. Но, едно е да ја разберам понудата, а друго е уверливо да им ја објаснам на луѓето околу мене. Луѓето што велат „за нас тоа не важи“ немаат обврска да ги познаваат сите договорни разлики меѓу членство, асоцијација и стратегиско партнерство. Тие не мора секојдневно да ги следат институционалните надлежности, односите меѓу Комисијата и Советот или ограничувањата на европските договори. Но многу добро го паметат сопственото искуство со Европа.

Северна Македонија ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001 година, поднесе барање за членство во 2004 и стана држава кандидатка во 2005 година. Оттогаш нејзините граѓани гледаат како државата исполнува услови, спроведува реформи и прифаќа компромиси што допираат до најдлабоките прашања на националниот идентитет, додека политичките правила на пристапувањето се менуваат околу неа. Ветувањето за членство останува, но патот постојано се продолжува. Сега истата Унија покажува способност да замисли статус што сè уште не постои затоа што на важен стратегиски партнер му е потребен нов однос. Кога Европа препознава геополитичка итност во Канада, креира ново решение. Кога Северна Македонија се соочува со нова блокада, добива објаснување дека процедурите, билатералните спорови и едногласноста оставаат малку простор за движење.

Правниците со право ќе кажат дека двата случаи не се исти. На Канада не ѝ се нуди пристапување според член 49 од Договорот за Европската Унија. Северна Македонија е европска држава кандидатка со формално признаена перспектива за полноправно членство. Канада, најверојатно, би добила некаков облик на длабока асоцијација надвор од институционалното јадро — без право на глас и без уставната положба на држава членка. Овие разлики се суштински. Но тие не го поништуваат политичкиот впечаток.

Граѓаните не ја доживуваат европската политика како вежба по правна класификација. Ја мерат преку волјата за политичка креативност. Гледаат кои пречки предизвикуваат институционална креативност, а кои се прогласуваат за непроменливи. Забележуваат кој добива нов стратегиски речник, а кој повторно слуша дека неговата иднина е европска — доколку ги исполни сите услови, вклучително и оние што не постоеле кога процесот започнал. Токму затоа симболиката на понудата кон Канада може да биде подеднакво важна за Западниот Балкан како и нејзината идна правна содржина. Изразот „асоцијативна членка“ покажува дека Унијата знае да ги преобликува односите кога ќе процени дека тоа е стратегиски потребно. Тој ја соголува разликата меѓу недостигот од инструменти и недостигот од политички договор тие инструменти да се употребат.

Точно е дека фон дер Лајен ги спомена Украина, Молдова и Западниот Балкан. Ја повтори определбата дека нивната иднина е во Унијата и најави патокази за најнапредните кандидатки. Сепак, асиметријата остана јасно видлива: Канада доби именувана политичка иновација и конкретна стратегиска агенда. Западниот Балкан повторно доби познато ветување, условено со заслуги и вредности. Тоа е тешко да се објасни без да се создаде впечаток дека европската инвентивност не е еднакво достапна за сите.

Сепак, би било нечесно сета одговорност за македонскиот застој да се префрли врз Европската Унија. Не секој наш неуспех е увезен и не секој застој е последица на вето. Северна Македонија не прави доволно за сопствениот напредок. Предолго ги одложуваме реформите што не зависат ниту од Бугарија, ниту од едногласноста во Советот, ниту од каква било одлука во Брисел. Усогласувањето на законодавството е бавно, институциите остануваат слаби, а владеењето на правото почесто назадува во извештаите отколку што напредува во секојдневниот живот. Билатералните спорови и блокади се реални и неправедно го попречуваат пристапувањето. Но, истовремено станаа и удобно домашно алиби. На владите им овозможуваат секој неуспех да го објаснат со надворешната пречка, наместо да одговорат зошто не е направено она што можело да се направи и без отворање на следниот кластер. Не можеме од Европската Унија да бараме политичка храброст и инвентивност, а дома да се помируваме со застој. Но и обратното е точно: домашната неодговорност не ја ослободува Унијата од одговорноста за сопствената недоследност.

Овие две вистини мора да можеме да ги кажеме истовремено. Северна Македонија мора посериозно да се европеизира, а Европската Унија мора поуверливо да покаже дека пристапувањето сè уште води кон членство. Во спротивно, европската недоследност и домашната неодговорност ќе продолжат меѓусебно да се хранат. Брисел ќе ни дава причини да се чувствуваме изневерени, а ние тоа чувство ќе го користиме како оправдување да не се менуваме. Последиците од таквиот круг не се само дипломатски или процедурални. Тие се демократски. Продолженото чекање ги наградува оние што тврдат дека европското ветување никогаш не било искрено. Ги принудува проевропските партии и поединци да бранат процес чиј крај веќе не можат да го определат. Ги поттикнува владите секое мало процедурално поместување да го претставуваат како историски успех, затоа што вистинскиот напредок станал редок. Со текот на времето, разочарувањето може да прерасне во нешто поопасно од гневот — во рамнодушност.

Токму затоа што останувам убеден Европеец барам и од нашата држава и од Европската Унија да бидат доследни на обврските што самите ги презеле. Погрешно е да ѝ се замери на Канада или да се бара Европа да остане институционално крута кон сите. Канада не е причината за нашето чекање. Нејзиното приближување кон Европа може да биде добро и за двете страни, а можеби и за поширокиот демократски простор што се обидуваат да го сочуваат. Но, понудата кон Канада открива принцип што Унијата повеќе не може да го игнорира: кога постои стратегиска нужност, сосем нормално и секако возможно е да се најдат смели, постепени и секторски облици на интеграција. Истата политичка имагинација мора да биде достапна и за државите кандидатки што веќе се усогласуваат со Унијата и сакаат да станат нејзини полноправни членки.

На Северна Македонија не ѝ е потребна чекална со ново име. Потребно ѝ е порано и суштинско учество во европските политики, програми и во обликувањето на одлуките — врзано за проверени реформи, мерлив напредок и јасни услови. Постепената интеграција може да ја врати веродостојноста на реформите само доколку секоја нејзина етапа води кон полноправно членство. Не смее да стане надомест за неговото бесконечно одложување.

Затоа, централното прашање не е зошто Канада треба да се приближи кон Европа. Тоа приближување го разбирам и го сметам за оправдано. Прашањето е зошто способноста на Унијата за политичка инвентивност е толку нерамномерно распределена — и како да продолжиме уверливо да ја браниме европската идеја пред граѓаните што сè почесто чувствуваат дека таа важи за сите, освен за нив.

Европа можеби има добри причини да се подотвори за Канада. Сега има обврска да им покаже на граѓаните на државите кандидатки дека нивната сопствена врата, додека чекале пред неа, незабележливо не станала ѕид.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?