Фон дер Лајен можеби гради поширок европски стратегиски поредок. Неговата надворешна сила, сепак, може да биде платена со висока домашна демократска цена.
Андреја СТОЈКОВСКИ
Предлогот на Урсула фон дер Лајен Канада да стане првата „асоцијативна членка“ на Европската Унија отвора најмалку три различни прашања.
- Каков поширок европски поредок се обидува да изгради Комисијата?
- Како оваа понуда звучи во земја што повеќе од две децении чека полноправно членство?
- Kолку од ветеното воопшто може да се изведе врз основа на постојните договори?
Во оваа колумна ја испитувам стратегиската можност: Европа да организира поширок круг демократски партнери околу сопствениот економски, технолошки и безбедносен простор. Додека во следните ќе ги анализираме погледот и политичката болка на македонските граѓани, односно на граѓаните од Западниот Балкан и правните граници за таквиот статус.
Земени заедно, трите колумни тврдат дека понудата кон Канада може истовремено да биде стратегиски оправдана, политички болна, правно недефинирана и демократски ризична. Токму затоа заслужува повеќе од воодушевување или отфрлање. Таа бара разговор за типот на Европа што се создава, за местото на државите кандидатки и за тоа кој има право да ја одобри таа промена.
Најлесно е понудата на Урсула фон дер Лајен кон Канада да се прочита како уште едно преголемо ветување на Европската комисија. Поимот „асоцијативно членство“ не постои во договорите, неговата институционална содржина не е утврдена, а Комисијата нема овластување со говор да создава нови категории на припадност кон Унијата. Но, таквото читање на предлогот, не само што ја потценува фон дер Лајен, туку и политичкиот проект што преку Комисијата таа го гради.
Урсула Фон дер Лајен е политичар со силен инстинкт за проширување на просторот во кој Комисијата дејствува. Во нејзиниот мандат Комисијата купуваше вакцини, координираше заедничко задолжување, воведуваше санкции, насочуваше индустриска политика и сè подиректно влегуваше во политиките гарантирани за државите членки, безбедноста и одбраната. Криза по криза, Комисијата престана да изгледа само како чувар на договорите и сè повеќе почна да настапува како извршен центар на геополитичката Европа.
Канадската понуда се вклопува токму во таа траекторија. Светот во кој Европската Унија можеше да се потпира врз отворени пазари, американска безбедносна гаранција и релативно стабилен меѓународен поредок исчезнува. Денес пристапот до енергија, критични минерали, полупроводници, податоци, вештачка интелигенција и одбранбени капацитети се претвора во инструмент на моќ. Во таква средина, Канада не е само пријателска држава од другата страна на Атлантикот. Таа е демократски партнер што располага со ресурси, простор, технологија и безбедносна тежина потребни за европската отпорност. Оттука, „асоцијативното членство“не значи дека Канада треба да влезе во нешто што веќе постои, туку дека Европската Унија се обидува да организира нешто пошироко околу себе.
Таквиот поредок би можел да личи на низа концентрични кругови. Во јадрото би останале државите членки со целосни права и обврски. Државите кандидатки би учествувале постепено во одделни политики додека се движат кон членство. Стратегиските партнери како Канада би се вклучувале во избрани економски, технолошки, енергетски и безбедносни системи без да бараат место во институционалното јадро. Обединетото Кралство, Норвешка и други блиски партнери би имале сопствени, различно уредени позиции. Ова не е нужно лоша визија. Напротив, таа може да ѝ даде на Европа досег што денешната Унија го нема. Не секој близок партнер сака или може да стане членка, а европската безбедност и економска отпорност одамна не завршуваат на надворешната граница на ЕУ. Ако со различни договори може да се создаде мрежа на држави што ги споделуваат основните демократски определби и вложуваат во заедничка отпорност, Европа би можела да стане посилен субјект во светот што се прегрупира.
Овој модел може да има и позитивно прелевање врз проширувањето. Наместо кандидатите со години да ги исполнуваат обврските, а придобивките да остануваат концентрирани на далечниот крај на процесот, постепената интеграција може да овозможи порано учество во единствениот пазар, програмите, енергетската политика, безбедносните механизми и обликувањето на одлуките. Реформата тогаш не би носела само нов извештај или отворен кластер, туку видлива промена во секојдневниот живот и во политичката тежина на државата кандидатка. Впрочем, за ова, за секторска интеграција се зборува во последно време во Брисел и во другите главни градови. Но, концентричните кругови можат да бидат и мостови и бариери. За државите членки што не сакаат ново проширување, диференцираната интеграција може да биде привлечна токму затоа што нуди голем дел од практичните придобивки без обврската да се примат нови членки. Кандидатите би добиле пристап до пазари, програми и состаноци, но би останале надвор од институциите во кои се создаваат правилата што ќе мора да ги применуваат. Привремената станица лесно може да стане трајна периферија.
Разликата меѓу Канада и Западниот Балкан затоа мора да остане јасна. Канада не бара полноправно членство. Северна Македонија бара и со децении има формално признаена европска перспектива. Модел создаден за доброволно и трајно партнерство со неевропска држава не смее незабележливо да ја преобликува крајната цел на европска, држава кандидатка. Постепената интеграција може да го зајакне пристапувањето само ако правецот кон членство остане изречен, заштитен и политички веродостоен.
Поголем ризик, сепак, е оној внатре, во самите држави членки. Комисијата сè почесто настапува како Европа да мора да има единствен геополитички извршен центар. Но националните влади, парламенти и политички партии и понатаму се местата од кои произлегува најголемиот дел од демократското овластување за таквото дејствување. Просторот помеѓу европската амбиција и националното овластување станува сè поширок. Кога претседателката на Комисијата најавува нова стратегиска категорија пред да се одржи национална расправа, владите и парламентите наследуваат стеснет избор. Можат да ја следат иницијативата и да преговараат за деталите на нешто што не го започнале. Или можат да се спротивстават и да бидат претставени како недораснати на европскиот момент. Комисијата го освојува политичкиот простор преку својата амбиција; додека националните институции ја добиваат обврската да обезбедат согласност и да ги понесат последиците.
Тука се отвора простор за оштетување на националната политика. Владите можат во Брисел да учествуваат во создавањето на одлуките, а дома да ги претставуваат како неизбежни европски обврски. Опозициските партии тешко можат да понудат вистинска алтернатива на политиките договорени меѓу извршните власти. Парламентите ги добиваат сложените договори доцна, кога одбивањето веќе би предизвикало дипломатски или економски последици. Формалното право да се каже „не“ останува, но политичката можност да се употреби станува сè потесна. Антисистемските партии немаат таков товар. Тие можат секоја недореченост да ја претстават како доказ дека неизбран центар тајно создава европска држава над главите на граѓаните. Дополнително, личното поврзување и претставувањето преку претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, несомнено им помага. Колку повеќе Комисијата добива формат на претседателска, толку полесно е Брисел да се претстави како далечна извршна власт против која треба да се мобилизира.
Неодамнешната оценка на хрватскиот аналитичар Божо Ковачевиќ дека фон дер Лајен, иако не го кажала тоа директно, сепак „најавила војна“ е аналитички претерана. Санкциите, одвраќањето и зајакнувањето на одбраната не се исто што и објава на војна. Но политичката можност таквото толкување да звучи уверливо за дел од јавноста е предупредување. Кога целите на европската моќ се изговараат погласно од нејзините граници, демократското овластување и дипломатскиот крај, празнината брзо ја пополнуваат пострашни толкувања. Да се нарече оваа амбиција империјалистичка би било пресилно. Канада е поканета во доброволен однос и ја задржува сопствената сувереност. Но проектот има империјален размер: силен центар што го проширува својот регулаторен, економски и безбедносен простор преку различни кругови на припадност, при што Комисијата се поставува како нивен главен организатор.
Проектот може и да успее. Урсула фон дер Лајен има уште време и не ѝ е потребно целосно уставно решение за фактички да успее. Одбраната, технологијата, енергијата, мобилноста и истражувањето може да се уредуваат со одделни договори. Администрациите може да се поврзуваат, компаниите да инвестираат, а безбедносните интереси да се испреплетуваат. Кога формалниот статус еден ден ќе дојде на дневен ред, голем дел од асоцијацијата веќе може да постои во практиката. Но, успехот измерен со бројот на договори не е исто што и политичка трајност. Поширокиот европски поредок ќе остане кревок ако парламентите, политичките партии и граѓаните го доживуваат како нешто изградено над нив. Надворешната моќ мора да има внатрешна дозвола што постојано се обновува, а не еднаш засекогаш да се претпостави.
Можно е Урсула фон дер Лајен да е во право дека Европа мора да се придвижи пред светот да се затвори околу неа. Но движењето само по себе не е лидерство. Потешката задача е да се изгради Европа способна да дејствува без да ја испразни демократската основа на креираните полити, онаа која и дава легитимност. Во спротивно, Европа може да стане посилна надвор, а многу покревка дома.

