Медиумите се одговорни во ставањето крај на насилството врз жените

Борбата против насилство врз жените е истовремено и борба против стереотипите и предрасудите за жените. Медиумите имаат одговорност да помогнат во намалување на ризиците од појава од насилството и заштита на жените.

Љуан ИМЕРИ

Никој не се раѓа насилен. Насилството се учи. Не постојат насилни култури, оние кои во сите свои аспекти би содржеле насилство, но постојат култури на насилство. Култури кои толерираат насилство. Постојат и аспекти од културата кои се искористуваат за оправдување или легитимирање на директното и/или структурното насилство односно прекршување на основните човекови права. Решавањето на системските бариери е од суштинско значење за поттикнување вистинска родова еднаквост. Стереотипите и предрасудите постојано им ги наметнуваат на жените традиционалните улоги и го попречуваат нивниот напредок но и напредокот на општеството во целина.

Насилството врз жените е манифестација на историски нееднаквите односи на моќ меѓу жените и мажите кои довеле до доминација и дискриминација врз жените од страна на мажите.  Остварувањето на de jure и de facto еднаквост меѓу жените и мажите е клучен елемент во спречувањето на насилството врз жените. Насилството врз жените и семејното насилство се длабоко вкоренети во социјалните и културните вредности на општествата, како и во обичаите и традицијата. Борбата против насилство врз жените е истовремено и борба против стереотипите и предрасудите за жените.

Пораките кои граѓаните ги добиваат преку целодневното следење на медиумите, во најмала рака дискутабилни. Родовите стереотипи и културните норми често се користат за да се оправда насилството врз жените. Овие норми можат да станат културно вкоренети ставови кои водат до сериозни последици.

Неодамна, за проектни потреби требаше да ги гледам и да ги анализирам прилозите во телевизиите кои ја обработуваат темата „Родово засновано насилство“. Гледав многу телевизија и следев сè што се случува. Иако не беше директно поврзано со истражувањето, не можев а да не се изначудам и загрижам од тоа што го видов и слушнав во телевизиските програми. Но, најпрво да кажам дека несомнено имаше многу одлични прилози, професионално обработени и кои ги следат сите стандарди, но истовремено забележав дека по медиумите неретко провејуваат и многу стереотипни изјави, има говор на омраза кон жените и дискриминација. Пораките кои граѓаните ги добиваат преку целодневното следење на медиумите, во најмала рака дискутабилни. Родовите стереотипи и културните норми често се користат за да се оправда насилството врз жените. Овие норми можат да станат културно вкоренети ставови кои водат до сериозни последици.

Па така, неретко ми се случуваше додека ги средувам емоциите од одлично изработен прилог во некој од информативните блокови или некоја емисија, веќе во следната емисија (било тоа да е детска емисија, забавна емисија, верска емисија, народни приказни и сл.) да слушам вакви изјави: „Прво па машко“ (за првороденото дете во Скопје), „Од цвеќе до шамар“ (наслов на емисија по повод 8. март); „Фудбалот не е за жени! Ќе ти се искриват нозете“; „Сакате вие да танцувате? Посебно вие девојчињата…“ (коментар на водителка во детска емисија), „..црвеното е за девојчиња, синото за момчиња… како компромис, декорацијата за Нова година ќе се прави во двете бои“ (детска емисија), „..ти девојче што сакаш како подарок? Една барбика? А ти момче? Еден робот? (детска емисија); „…твојот син ја загрози честа на мојата ќерка, крвта со крв се пере.. честа со крв се ќе се испере“ (народни приказни), „..ти тато знаеш дека овој се плаши од жена му, не е храбар како тебе“ (народни приказни)…

Во овој дел ќе потсетам дека според Истанбулската конвенција, државите не смеат да прифатат дека културата, обичајот, религијата, традицијата или „честа“ се оправдување за која било форма на насилство, но наспроти ова, многу често следејќи ги дел од медиумите може да добиеме впечаток дека овие елементи сепак можат да оправдаат некоја форма на насилство.

Бариерите за пријавување на насилството од страна на жртвите се резултат на социјално-културните норми, економската моќ на жените, правните пречки и психосоцијалната состојба на жената. Социјално-културните бариери за пријавување насилство се поврзани со поддршката на жртвата од страна на семејството и пријателите, но исто така и со тоа како заедницата и/или религијата гледаат на ова прашање. Па така, замислете како може да се охрабрат жените да пријават насилство доколку на телевизија по неколку пати на ден ја слушаат следнава порака: „Господ не ѝ опростува на сопругата која поради својата тврдоглавост не прави отстапки кон мажот..“  (изјава од свештено лице во верска емисија која се емитува по неколку пати во еден ден). Општ проблем е што жртвите не се охрабруваат доволно да пријават насилство. Процесот на осамостојување на жртвите и излегување од средината на семејно насилство е особено тежок ако нема поддршка од околината. Тука улогата на медиумите може да биде клучна во насока на охрабрување и сензибилизирање.

Општествените норми и очекувања ги обликуваат искуствата на жените, кои влијаат на изборот на кариера, семејната динамика и личните аспирации. Редефинирањето на овие норми за да се приспособат на различни патишта и избори е клучно за зајакнување на жените. Во оваа насока мора да се работи на подигнување на свеста дека насилството врз жените не смее да третира како изолирана појава или исклучок која ги засега индивидуалните права на жените и девојчињата, туку е глобален проблем и редовна појава во патријархалната матрица на стереотипни родови улоги и злоупотреба на моќ. Треба да се нагласат сериозните краткорочни и долгорочни физички, психолошки, сексуални и економски последици кај жените и дека насилството сериозно го попречува нивното учеството и придонес кон општествениот развој и напредок.

Патот кон постигнување на суштинска рамноправност подразбира недискриминација, атакување на стереотипите, надминување на предизвиците и преобликување на општествените норми. Со колективно решавање на овие аспекти, општеството може да го отвори патот кон иднината каде жените ќе уживаат еднакви можности, ослободени од ограничувањата на дискриминацијата и општествените очекувања. Жените се најпогодени од родовите норми и стереотипи а предизвикувањето на „традиционалните“ родови норми не е секогаш лесно.  Медиумите имаат одговорност да помогнат во намалување на ризиците од појава од насилството и заштита на жените. Мора да се дадат јасни пораки за неприфатливоста на насилството и да се атакува верувањето дека “насилните” методи функционираат.

Треба да знаете
Moже да ве интересира