Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На кои Албанци им се додворува Левица

Пораките за оправдување на поклонението на гробот на Енвер Хоџа на Апасиев се само поттик младото албанско „малцинство“, како Апасиев го нарекува, да остане на позициите на одбрана на своите национални и колективни интереси со што Левица си остава простор за ултранационализмот кој Апасиев му го продава на македонското „мнозинство“. Тоа нема никаква врска со наводна идеолошка лева матрица со која Левица му се додоворува на сиромавиот Албанец кој наводно му бил помил на лидерот Апасиев од богатиот Македонец.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Во политичкиот дискурс во Македонија веќе е формирано мислење дека најдесничарска македонска партија е токму Левица. Левица, која де факто се залага за враќање на комунизмот, само ја потврдува тезата на Албанците дека комунизмот беше најнационалистичкиот систем на сите времиња во Македонија како дел од поранешна Југославија (и се разбира и Албанија), поради што и Албанците на овој македонски простор во процесот на распаѓање на Југославија, формираа еднонационални партии за оригинерно да се борат за своите колективни права, наместо тоа да продолжи да го прави некоја друга политичка структура за која Албанците беа само малцинство (народност, националност) во кое имаше и добри поединци, поданици на комунистичкиот систем.

Оттаму сегашното залагање на лидерот на Левица за укинување на еднонационалните партии е токму на истата позиција на ЦК КПМ и е само потврда за нивното постоење. Апасиев отворено вели: „Ние сме против моноетнички партии, тие се забранети во Бугарија и во Франција и ако одиме кон Еврипа и ние треба да ги забраниме.“

Фино тоа звучи кога си мала опозициска партија која знае дека нема да биде власт. Можеби ќе се замеша во власта, но самата таа нема да носи тешки одлуки од кои се останува или се губи власта, а не дај боже да одлучува за опстанокот на државата.

Поклонувањето на гробот на албанскиот комунистички диктатор според Апасиев било наводно „подавање рака кон младите Албанци“ да се ослободеле од, како што вели, „клеро фашистичките идеи на бализмот“ присутен кај партиите на „албанското малцинство“ во Македонија.

Напротив, овие пораки на Апасиев се само поттик младото албанско „малцинство“, како Апасиев го нарекува, да остане на позициите на одбрана на своите национални и колективни интереси со што Левица си остава простор за ултранационализмот кој Апасиев му го продава на македонското „мнозинство“. Тоа нема никаква врска со наводна идеолошка лева матрица со која Левица му се додоворува на сиромавиот Албанец кој наводно му бил помил на лидерот Апасиев од богатиот Македонец.

Тие пораки на Апасиев не се наивни и не се воопшто упатени до младите Албанците, туку до оние Македонци кои мислат дека „Македонија ја губиме токму поради доминација на Албанците“, „дека ние како мнозинство сме загрозени и дека нам ни треба заштита“.

Или кон оние Македонци кои Македонија сѐ уште ја гледаат како „држава само на македонскиот народ, а останатите етнички заедници се малцинства кои треба да знаат каде им е местото“, и до сите оние кои заборавиле дека токму поради овие причини во земјата во 2001-та имаше воен конфликт во кој настрадаа голем број македонски бранители, но кои можеби се надеваат на „второ полувреме“.

Ако тие и заборавиле, Левица не заборавила дека по сето тоа во Македонија се промени општествено политичкото миље во кое земјата стана мултиетничка држава и дека не ги памети почетоците на плурализмот кај нас, кога сѐ што таа го „вергла“ сега, сме го поминале уште тогаш.

Но, „правејќи се Тошо“, таа историја Левица ја користи во сегашната политичка битка во која малку слушаме економски решенија за подобар стандард на граѓаните што би требало да биде изворна програма на Левица, туку главно е фокусирана на етничка агенда.

Што се однесува до Енвер Хоџа, Апасиев лесно го амнестира од сѐ што овој диктатор ѝ го направи на Албанија и на Албанците со зборовите „Енвер Оџа не правел етнички дистинкции, правел идеолошки дистинкции, такво било времето, морал да ги прави“.

„Такво било времето“, „морал да ги прави“! Така е, сто стапа по туѓ грб не болат. Лесно е од ова време и од ова место да оправдуваш нешто што и таму во Албанија нема оправдување. А немаш ни право во името на Албанците да го амнестираш Енвер Хоџа.

Сепак, во едно е во право Апасиев кога вели дека свесно го направиле тоа и дека ја постигнале целта од ПР аспект, затоа што таа партија живее во меѓупросторот на нападите што ги добива и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен