Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На половина пат кон добро владеење со Републиката

Податоците од истражувањето упатуваат и на генерален заклучок дека сме на половина пат кон добро владеење со Републиката, и дека пред нас е втората половина од ова патување. Позитивен исчекор во процесот на пристапување кон ЕУ би требало ова наше патување да го направи многу поефикасно. 

Тони ПОПОВСКИ

Спроведувајќи истражување во рамки на еден проект кај нас, а поврзано со доброто владеење во заштитата на животната средина и климатските промени, се навратив на “Светските индикатори за владеење“ на Светската Банка каде се опфатени над 200 држави и има временска серија од 1996 до 2022 година. Управувањето или владеењето (според Светската Банка) се состои од традиции и институции преку кои се остварува власта во една земја. Ова го вклучува процесот со кој владите се избираат, надгледуваат и заменуваат; капацитетот на владата ефективно да формулира и спроведува здрави политики; и почитувањето на граѓаните и државата кон институциите кои ги регулираат економските и социјалните интеракции меѓу нив.

За 2022 година, резултатите беа објавени пред три дена.

Во прашање се шест композитни индикатори каде оценките се дадени на скала од минус (-) 2.5 до плус (+) 2.5, и се засновани на истражување на перцепции на голем број претпријатија, граѓани и други испитаници опфатени со 30-тина релевантни глобални и континентални – регионални анкети, како и други извори на податоци. Индикаторите се наведени во табелата подолу каде ги внесов оценките од 1996, 1998, 2002, 2006, 2015, 2021 и 2022 година. Се одлучив за овие години како последни години на мандат на премиери од иста или различна политичка провиниенција, и според моја проценка и на свој начин, пресвртни години. Исклучок се првата година на мерење (1996) и последната година (2022) бидејќи мандатот на Димитар Ковачевски е во тек.

Индикатори1996199820022006201520212022
Контрола врз корупцијата– 0.61– 0.63– 0.82– 0.40– 0,26– 0.37– 0.32
Ефективност на Владата– 0.64– 0.72– 0.57– 0.13– 0.02– 0.12– 0.08
Политичка стабилност– 0.48– 0.71-1.03– 0.73– 0,29+ 0.06+ 0.11
Квалитет на регулатива– 0.34– 0.36– 0.16– 0.09+ 0.35+ 0.40+ 0.45
Владеење на правото– 0.30– 0.33– 0.57– 0.53– 0,23– 0.09– 0.09
Глас и отчетност– 0.38– 0.16– 0.16+ 0.17– 0.18+ 0.13+ 0.15

1996 година е четврта година од мандатот на Бранко Црвенковски, а 1998 е последна година од тој мандат. 2002 може да се смета за последна година од мандатот на Љубчо Георгиевски (замина од власт на 01 ноември, 2002). Крајот на август 2006, е последна година на манадатот на СДСМ – мандат во кој се променија тројца премиери. 2015 е последна година од мандатот на Никола Груевски (замина од функцијата кон крајот на јануари 2016). 2021 е последна година од мандатот на Зоран Заев, а 2022 година е првата комплетирана година од тековниот мандат на Димитар Ковачевски. Секако, при атрибуирање на оценките во предвид треба да имаме дека кај нас во континуитет владите се коалициски.

Поради ограничениот формат на колумната само неколку погенерални толкувања на трендот на оценките. Наспроти впечатокот во јавноста дека особено поврзано со доброто владеење и довербата на јавноста во оние кои владеат, а преку нив и во државата, очигледно е дека кај сите 6 композитни индикатори во изминатите 26 години имаме напредок, и покрај периоди на осцилација кај секој поединечен индикатор. Неодминлив заклучок е дека во споредба со 1996, сепак во моментов подобро се управува со државата, ова и покрај целосно оправданите очекувања на јавноста за посилен и континуиран напредок во доброто владеење.  Притоа да не забораваме и на тешките странични околности за владеење, нестабилниот Балкан од 90-тите кој се рефлектираше и на раните години од првата декада на 21 век, предизвиците со блокади од соседите (Грција и Бугарија), неодлучната ЕУ да го реализира проширувањето (до пред некое време) и поврзаното разочарување, а од 2020 година и повеќекратна криза, здравствена, социо-економска, енергетска вклучувајќи и нараснати безбедносни ризици поради војната во Украина.

Кај три од индикаторите имаме пресврт кон позитивно – добро владеење и тоа кај квалитетот на регулативата (последна година од мандатот на Груевски) со продложен тренд од страна на Заев и Ковачевски, и кај политичката стабилност, и гласот и отчетноста  – како пресврт кој настана за време на мандатот на Заев, а овој позитивен тренд го продолжува и Ковачевски. Воопшто, прв пресврт кон позитивна оценка има кај индикаторот за глас и отчетност во 2006, на крај на мандатот на триото на премиери на СДСМ. 

Од друга страна, кај три индикатори (контролата врз корупцијата, ефективноста на Владата и владеењето на правото) во континуитет имаме минусни – негативни оценки. На крајот на мандатот на Зоран Заев има влошување на оценката кај контролата врз корупцијата и ефективноста на Владата но истовремено и подобрување кај владеењето на правото. По однос на овие три индикатори, владата на Ковачевски демонстрира напредок кај контролата врз корупцијата и ефективноста на Владата но и статус кво кај владеењето на правото. Впрочем, барем од овие податоци очигледно е дека токму овие области претставуваат предизвик или упатуваат на потреба од посилни политики и нивно ефикасно спроведување.

Според ова истражување, со најдобри резултати кај контролата на корупцијата и ефективноста на Владата, својот мандат го завршува Никола Груевски. Претпоставка е дека овој наод ќе предизвика интересна полемика кај нас, но заслужува подлабока анализа. Според мене предвид треба да се имаат барем четири аспекти, прво – популарноста на Груевски која резултираше и со поединечна победа на неговата партија на изборите после кои не успеа да состави Влада, второ  – перцепцијата за недоволна борба против корупцијата наспроти ветеното од страна на Зоран Заев како нареден премиер и поврзаните очекувања од јавноста („Нема правда, нема мир“), трето – корупциските скандали за време на владеењето на Зоран Заев и покрај санкционирањето на најблиските соработници како нешто невидено претходно, и четврто, перцепцијата на голем дел од Македонците, не мал дел од Албанците, па и делови од другите заедници за владеењето на ДУИ како најсилен коалициски партнер на СДСМ (иако партијата беше најсилниот партнер и на Груевски). Од своја страна, за другите четири индикатори (политичката стабилност, квалитетот на регулативата, владеење на правото и глас и отчетност) Зоран Заев го завршува својот мандат како премиер со споредбено највисоки оценки до тој момент. Тековното владеење на Димитар Ковачевски заклучно крајот на 2022 го одбележува позитивен тренд на покачени оценки кај сите индикатори со исклучок на статус кво по однос на владеење на правото.

Податоците од истражувањето упатуваат и на генерален заклучок дека сме на половина пат кон добро владеење со Републиката, и дека пред нас е втората половина од ова патување. Позитивен исчекор во процесот на пристапување кон ЕУ би требало ова наше патување да го направи многу поефикасно. 

Зачлени се на нашиот е-билтен