Македонската народна песна „Што ми е мило“, позната и преку стиховите „На Струга дуќан да имам“, стана дел од музиката на холивудскиот филм „The Rivals of Amziah King“, во кој играат Метју Меконахи и Курт Расел.
Во филмот не е користена нова македонска снимка направена специјално за продукцијата. На официјалната листа на музика е наведена верзијата на американскиот женски вокален ансамбл „Kitka“, аранжирана од Етел Рејм, со Шира Камен и Питер Маунд. Песната во одјавната шпица е заведена едноставно како „Shto mi e milo“.
Интересно е што снимката е многу постара од самиот филм. „Kitka“, ансамбл со седиште во Оукленд во Калифорнија, ја објавил песната уште во 1999 година на албумот „Nectar“, посветен на балканската и словенската вокална традиција. На самиот албум „Što Mi E Milo“ експлицитно е означена како песна од Македонија.
Верзијата на „Kitka“ има и подолга американска историја. Во мај 2000 година ансамблот ја изведувал „Shto Mi E Milo“ во познатата американска радио-програма „A Prairie Home Companion“, каде песната повторно била наведена како традиционална македонска композиција.
„The Rivals of Amziah King“ е криминалистичка драма на режисерот Ендрју Патерсон. Меконахи го игра Амзаја Кинг – пчелар, музичар и централна фигура во мала заедница во рурална Оклахома, чиј живот се менува кога повторно се појавува неговата поранешна згрижена ќерка Катери. Покрај Меконахи и Курт Расел, во филмот играат Анџелина ЛукингГлас, Роб Морган, Кол Спраус и Тони Револори.
Филмот првпат беше прикажан на фестивалот SXSW во март 2025 година, а во американските кина пристигна во август 2026 година. Музиката има значајна улога во самата приказна, а меѓу песните на саундтракот, покрај американски фолк и блуграс композиции, се најде и македонската „Што ми е мило“.
Песната има повеќе варијанти во македонската народна традиција. Една од најпознатите е „На Струга дуќан да имам“, а се среќаваат и верзии поврзани со Велес и други места. Во македонската музичка традиција ја изведувале и Александар Сариевски, Васка Илиева, Никола Бадев и други познати интерпретатори.
Така, песна што со децении живее во македонската народна музика, а повеќе од четврт век и во репертоарот на американски вокален ансамбл, сега стигна и до големо холивудско платно.

