Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пензионерите протестираат, но не се најсиромашните во државата

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, пензионерите како категорија имаат стапка на сиромаштија од 7 отсто, што е значајно пониска од вкупната стапка на сиромаштија, која изнесува 21,8 проценти. Или за три пати помалку

Пишува: Љубиша НИКОЛОВСКИ

Последниве недели протестите на пензионерите станаа главен политички настан со кој се занимаваат сите медиуми. Новинарите неуморно информираат за барањата за зголемување на пензиите, а самите тие се категорија која работи во лоши услови и со ниски плати.

Општата оценка е дека повеќето новинари имаат договори на определено време или договори за дело, а просечните плати во медиумите се под просечните во државата и изнесуваат 28.860 денари (приближно 470 евра). Згора на тоа, платата на околу третина од младите новинари е значително пониска од оваа сума.

Но, ете, одредени групи пензионери, политички мотивирани, се наметнуваат како најранлива категорија граѓани во целата оваа економска криза со која се соочува државата.

А всушност не се. И никогаш и не биле гледано 10-15 години наназад.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика, пензионерите како категорија имаат стапка на сиромаштија од 7 отсто, што е значајно пониска од вкупната стапка на сиромаштија, која изнесува 21,8 проценти. Или за три пати помалку.

Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштијата на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца е 20.7 %.

Според најфреквентниот статус на економската активност, стапката на сиромашни вработени лица е 7.9 %, додека стапката на сиромашни пензионери е 7.0 %.

И така е со децении.

За разлика од пензионерите, стапката на сиромашни вработени била и поголема како во 2016 кога била 9.0%, но стапката на сиромашни пензионери била иста – 7.1 %.

Доколку се погледне стапката на сиромаштија по возрасни групи, ќе се забележи дека ризикот од сиромаштија кај категоријата граѓани со над 65 годиншна возраст  изнесува 4,1%, додека ризикот од сиромаштија за возрасната група под 65 години изнесува 16,9%

Стапката на сиромаштија пред распределба на социјалните трансфери и пензиите стагнира во текот на последните десет години. Во 2010 година таа изнесувала дури 42,8% од населението, додека во 2020 година изнесувала 21,8.

Оваа стапка значително се намалува по распределба на пензиите и тоа за 15,4 процентни поени и во 2020 година. Со други зборови, пензиите ја намалуваат стапката на сиромаштија.

Но, наместо да се бунат оние најсиромашните, тоа го прават пензионерите, или некои пензионери. При тоа сите имаат некакви некоординирани барања. Почнаа со барање за зголемување на пензиите од 3500 денари линеарно, но сега гледаме дека кај некои пензионерски „здруженија“ тоа барано зголемување е за 5000 денари, како што има и разлики во барањата за минимална и просечна пензија. А всушност и тие што протестираат немаат иста пензија и не верувам дека би сакале да имаат иста затоа што некои се со поголем стаж и придонеси, а другите со помал.

Инаку еве како растеле пензиите низ годините.

Просечната пензија во април 2015 година изнесува 12.432 што на годишно ниво претставува зголемување од 0,1%.

во 2016 година, просечната пензија изнесуваше 13.754

Во моментов просечната пензија изнесува 19.106 денари

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска вели дека легитимно е да се протестира, а прашањето за линеарно зголемување е уставна категорија. Таа постави прашање, во однос на тоа дали 16 или 18.000 минимална е праведно за сите пензионери, ако имаме предвид дека најголем дел од пензионерите со минимална пензија имаат пократок работен стаж, а останатите што примаат околу 20.000 денари имаат подолг работен стаж и нивниот влог да го изедначиме со оние кои немаат влог како нивниот.

Таа уште еднаш потенцираше дека со популистички мерки, како линеарно покачување на пензиите ќе се доведе во прашање стабилноста на пензискиот систем. Таа порача и дека оваа Влада е насочена да креира политики со кои се обезбедува стабилен пензиски фонд, редовни пензии кои ќе продолжат да се исплаќаат предвреме.

И од „Фајнанс тинк“ посочуваат дека повремените зголемувања на пензиите надвор од законското усогласување, особено во предизборни и изборни години, доведоа до значајно продлабочување на дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој потоа мора да се покрива со средства од централниот буџет.

Од клучна важност, сметаат од „Фајнанс тинк“, е да се продолжи со стабилизацијата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, заради стабилноста на пензиските финансии и за добростојбата на сегашните и идните генерации.

„Тоа имплицира дека моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени“, се вели во анализата.

Барањата за зголемување на пензиите, како што посочуваат од „Фајнанс тинк“, меѓу другото се поттикнати и од зголемувањето на платите на функционерите за 78 отсто.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи потсетува дека такво зголемување добиле 1260 функционери, иако пензионерите протестираат само пред Владата. Но, додава тој, Владата нашла решение како да се надмие овој проблем, а да не се дерогираат законите. Едноставно, вели Битиќи, функционерите нема да се откажат од платите, но Владата ќе одлучи да нема зголемување на нивните плати.

Тренчевска апелираше и до општините, во рамки на нивните надлежности како што креираат мерки за ранливи категории, да креираат мерки и за пензионерите кои имаат пониски пензии. За таа цел се воспоставени и социјалните совети при општините кои можат да предлагаат мерки за граѓаните во нивните локални заедници.

„Износот на пензија зависи од периодот кога е остварено правото на пензија и должината на пензискиот стаж. Постојат девет групи на минимални пензии и најнискиот износ на старосна пензија во октомври 2019 година изнесува 8.971 денар“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Ова, како што објаснуваат од ресорот за труд и социјала, значи дека државата гарантира дека во земјава ќе нема пензионер што ќе зема пензија пониска од овој износ, 8.971 денар. Или, дури и ако одредени пензионери, според пресметките, би требало да имаат пензија од, на пример, 5.000 денари, тие нема да го добиваат тој износ, туку оваа загарантирана минимална пензија.

Од Министерството за труд за Фактор велат дека работат на анализи за утврдување на едно ново ниво на минимална пензија.

Зачлени се на нашиот е-билтен