Силвестер Сталоне откри досега непознати детали за физичката и психичката цена што ја платил во годините кога го градел изгледот по кој стана препознатлив во „Роки“ и „Рамбо“. Во ново интервју за „Њујорк тајмс“, 80-годишниот актер зборува за булимија, употреба на стероиди, повторливи панични напади и бројните операции што ги имал по децении снимање акциони сцени.
Сталоне вели дека неговото тело со текот на времето станало своевиден „оклоп“. По првиот „Роки“, сакал физичкиот изглед на ликот постепено да се менува, а за Рамбо замислувал тело кое нема да биде масивно како она на Арнолд Шварценегер, туку поатлетско, поагресивно и подвижно.
Но стремежот кон таквата форма постепено прераснал во опсесија.
Актерот за првпат јавно откри дека во периодот на снимањето на „Роки III“ развил булимија. Според неговите зборови, процентот на телесни масти тогаш му паднал на 2,6 отсто, а бил толку опседнат со одржувањето на формата што не сакал или не можел да ја задржи храната што ја внесувал.
Сталоне отворено зборува и за употребата на стероиди во тој период. Тој вели дека екстремната физичка форма што ја барале ваквите улоги не можела да се одржува природно со месеци и признава дека таквиот начин на живот оставил сериозни последици врз неговото тело.
„Го злоупотребував своето тело“, признава актерот.
Последиците ги чувствува и денес. Во текот на животот имал девет операции на грбот, две на рамената и три интервенции на вратниот дел од ‘рбетот. Иако и на 80 години останува физички активен, Сталоне вели дека тоа дошло со „страшна цена“ и дека, кога би можел повторно да избира, не би ги изведувал самиот сите опасни каскадерски сцени.
Но проблемите не биле само физички.
Во интервјуто Сталоне зборува и за паничните напади кои првпат почнале кога имал 36 години. Додека гледал работен материјал од снимање, ненадејно почувствувал топлина, косата на вратот му се кренала и бил убеден дека умира.
„Умирам. Тоа е тоа. Ова е мојот крај“, се сеќава Сталоне на мислата што му поминала низ глава пред да падне на подот. Паничните напади потоа се повторувале, исчезнале неколку години, а подоцна повторно се враќале, особено пред јавни настапи и во простории исполнети со луѓе.
Откритијата се дел од едно од најотворените интервјуа што актерот ги дал за својот живот. Покрај здравјето, Сталоне зборува и за тешкото детство, односот со родителите, годините пред успехот во Холивуд и чувството на жалење за дел од одлуките што ги носел во животот. Интервјуто доаѓа пред објавувањето на неговите мемоари „The Steps“, најавени за 29 септември.
Половина век по премиерата на „Роки“, Сталоне сега вели дека на својата кариера гледа поинаку. Физичката сила која со децении беше дел од неговиот имиџ повеќе не ја гледа како оклоп, а на 80 години најмногу размислува за времето, семејството и работите што би сакал да ги исправи.
„Никогаш не си престар за љубов и никогаш не си престар да танцуваш со убавите спомени што си ги имал“, вели Сталоне.

