Над 741 илјада туристи ја посетиле Македонија за седум месеци

Македонија

Македонија во првите седум месеци од 2026 година ја посетиле 741.446 туристи, што е раст од 1,5 отсто во споредба со истиот период минатата година. Најголем дел од растот доаѓа од странските гости, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Од јануари до јули во земјата биле регистрирани 523.751 странски туристи, наспроти 517.041 во истиот период во 2025 година. Тоа е зголемување од 1,3 отсто.

Домашните туристи биле 217.695, или 1,8 отсто повеќе во однос на првите седум месеци од минатата година.

Во истиот период биле остварени вкупно 1.760.335 ноќевања, што претставува раст од 0,5 отсто.

Странските туристи оствариле 938.113 ноќевања, или два отсто повеќе од истиот период лани. Кај домашните гости, пак, е забележан пад од еден отсто, со вкупно 822.222 ноќевања.

Меѓу најбројните странски гости во првите седум месеци биле туристите од Турција, Германија, Србија, Романија и Албанија, соопшти Министерството за култура и туризам по повод Светскиот ден на туризмот.

Податоците за јули покажуваат уште поизразен раст. Само во тој месец Македонија ја посетиле 223.711 туристи, што е за 6,6 отсто повеќе од јули 2025 година.

Од нив, 127.418 биле странски, а 96.293 домашни туристи. Странските гости во јули оствариле 260.702 ноќевања, што е раст од 9,8 отсто на годишно ниво. Вкупниот број ноќевања во месецот достигнал 795.083.

Најмногу странски туристи во јули дошле од Турција – 50.955, што е околу 40 отсто од сите странски гости во тој месец. Следуваат Србија со 13.074 туристи, Германија со 5.393 и Романија со 5.090 посетители.

Податоците беа објавени во периодот кога се одбележува 27 септември – Светскиот ден на туризмот.

Од Министерството за култура и туризам посочуваат дека меѓу приоритетите за натамошен развој се промоцијата на културното и природното наследство, подобрувањето на квалитетот на туристичките производи и услуги и поголемата примена на дигиталните технологии.

Годинешната тема на Светскиот ден на туризмот е посветена на дигиталната агенда и вештачката интелигенција и нивната улога во редизајнирањето на туристичкиот сектор.

Од Министерството оценуваат дека дигитализацијата и вештачката интелигенција можат да придонесат за подобро управување со туристичките дестинации, попрецизно планирање и создавање поквалитетни и поперсонализирани услуги за посетителите.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?