Петрит Малај предложен за нов амбасадор на Албанија во Македонија, Мејдани заминува во Приштина

Албанската дипломатија подготвува рокада меѓу амбасадите во Скопје и Приштина. Петрит Малај, кој во изминатите три години е амбасадор на Албанија во Косово, е предложен за нов амбасадор во Македонија, додека актуелниот амбасадор во Скопје, Денион Мејдани, треба да ја преземе амбасадата во Приштина.

Според информации на „Топ чанел“, двајцата дипломати на 9 октомври треба да бидат сослушани пред Комисијата за надворешни работи на албанскиот парламент. Мејдани ќе ја претстави својата кандидатура за дипломатската мисија во Приштина, а Малај платформата со која би ја водел амбасадата во Скопје.

Засега не е објавено образложението на министерот за Европа и надворешни работи Ферит Хоџа за причините поради кои е предложена рокадата меѓу двете соседни земји. Назначувањето на Малај сè уште не е завршено и треба да ги помине предвидените институционални процедури.

Идејата за промена на амбасадорите во Скопје и Приштина се појави уште во мај. Тогаш во албанските медиуми имаше тврдења дека од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН до Тирана стигнале забелешки за однесувањето на Мејдани и неговиот однос кон студентските протести во Скопје. Албанското Министерство за Европа и надворешни работи тогаш ги отфрли тие наводи како целосно неосновани.

Министерството соопшти дека одлуките за именување и преместување дипломати се носат согласно законските процедури и врз основа на професионални и институционални анализи и приоритетите на надворешната политика на Албанија.

Мејдани во моментов ја предводи албанската амбасада во Скопје, додека Малај околу три години ја извршува амбасадорската функција во Косово. Тој и на 23 септември сè уште настапувал во Приштина во својство на амбасадор на Албанија во Косово.

Промените во Скопје и Приштина се дел од пошироките поместувања во албанската дипломатска мрежа. Минатата недела пред Комисијата за надворешни работи бил сослушан и досегашниот амбасадор во Лондон, Уран Феризи, кој е предложен да ја преземе албанската мисија во ОБСЕ во Виена.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?