Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Со путиновите системи на вредности – „мрш од тука“, ќе ја бранат Македонија

Христијан Мицкоски ја замислува Европа според рецептот на Виктор Орбан: Од Брисел ќе земаме сериозни пари, а нема да примаме никакви ‘добранамерни’ совети, сугестии, стандарди и регулативи. Јок, море!

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Антиевропејците во земјава не ја поддржуваат Украина, ставајќи ги на своја страна своите хомофобични, ксенофобични, евроскептични и авократски карактеристики на луѓето и појавите. И ВМРО-ДПМНЕ ја игра истата тактика: ја искористуваат руската инвазија, како што го искористуваат субверзивното делување на Москва на Балканскиот полуостров, за елиминација на политичките противници.

Денеска ништо така дисквалификационо и штетно не делува како оптужбата дека „шурувате“ со Москва; затоа огромен дел на македонското и албанското граѓанство, храбро и доследно ѝ помага на Украина, верувајќи во слободниот свет на кој се спротивставува Русија со нејзините сателити.

Ако ги следите изјавите на Христијан Мицкоски, ќе видите дека кон Украина е воздржан, бранејќи се себе и својата партија дека има поважни домашни работи, што значи опседнат е со СДСМ и ДУИ, само како не би кажал ништо за Украина. Истата логика ја следи и Виктор Орбан со неговиот клеп/клеропопулистички режим во Унгарија.

Дозволете да се обидам со пластично објаснување: Христијан Мицкоски ја замислува Европа според рецептот на Виктор Орбан: Од Брисел ќе земаме сериозни пари, а нема да примаме никакви ‘добранамерни’ совети, сугестии, стандарди и регулативи. Јок, море! Такви керефеки нема да правиме! Ние ќе си ја уредиме земјава по наш терк, односно по мој, и точка. Од прилика така Мицкоски ја гледа Европа, а од досегашното поведение, така и Виктор Орбан ја гледа Европа. Едниот, овој нашиот и домашен, на антиевропска политика ќе збира гласови, така што ќе зборува само за Ковачевски и СДСМ, како што ќе зборува само за ДУИ и Ахмети, останатите работи се „останати работи“ за некое друго и догледно време. Европски вредности, човекови права и слободи, тоа е екслузивно право за „нашите“ кои ќе дуваат за мене, сè друго ќе биде прогласено за странско платеништво, соросоидна багра, слуги на „империјалниот поредок“ итн.

Само една работа Мицкоски не разбира, а таа работа, разбирливо, Орбан не му ја кажува – многу е полесно да се перчите кога сте постоечка земја-членка на Европската унија отколку да бидете земја која преговара за влез во ЕУ. Многу е полесно кога сте во топло, на сигурно и безбедно, отколку да сте надвор, на влага, на студ, на снег, на ветрометина.

Може и Мицкоски се залага за Европа, кој ќе го знае (?), ама Европа која ќе биде Орбанизирана. Што практично би значело тоа? Па, прво, нам освен пари од Европа друго и не ни треба, така размислува „високото кошаркарско место“. Никакви слободи, стекнати права, јок, море! Има ли поголема слобода од слободно јуришање на касите на даночните обврзници? Нема! Ако ги освоиме касите од даночните обврзници, па, ви се молам, каде ќе најдете поголема слобода? Потоа, апаратот за репресија ќе биде во нивните раце, па нели и тоа е наша извојувана слобода? Образованието, ете, секој понеделник основците ќе ја слушаат нивната „вистинска“ химна, па нели и тоа е слобода? Бугарите во Уставот? Тјах! Тие нас „еден народ во две држави“, а ние нив да ги ставиме во Устав? Море, мрш таму! Ете, зарем кога ги маршираме Бугарите во 3ЛПМ, па нели и тоа е слобода? Слобода на говор? Да, ама наша слобода на говор, па кој да зборува друг кога ние ќе бидеме на власт, па, ви се молам, каде ќе најдете поголема слобода кога овде сè ќе биде наше? Албанците? И тие ќе бидат слободни и наши, ама оние Албанци за кои ние ќе одлучиме да бидат „слободни“ и „наши“, а не оние кои ќе добијат најмногу гласови, па каде ќе најдете поголем и послободен малцински народ од Албанците, оние Албанци кои ние ќе ги одбереме за наш коалиционен партнер?

Последните две години локална власт на Мицкоски, имаме – што? Општеството е страшно фрагментирано, се живее како во ров, едните со едни, другите со други; конфликти на секој чекор, недоразбирања, конфузии и теории на заговор кои се толку живи што би можело да ги допрете со вашата дланка и видите со вашето голо око. Замислете ја вие таа опозициона и конспиративна алтернатива на денешната Социјалдемократска влада? Чист очај и беда! Никакви идеи, никакви вредности, само плукање и омраза, небаре се наоѓаме измеѓу најзакоравените марксисти од времето на Сталин.

И кога им велиш дека не може да бидат алтернатива на Ковачевски, тие јебено се лутат? За да го победат, прво треба да станат луѓе; потоа, во вредносна смисла, треба да бидат подобри од него и СДСМ, да покажат вистинска демократска содржина и да се залагаат за стандарди, оти во спротивно, остануваат испразнети од содржина, како испразнета корупка од банана.

Никогаш не сум рекол дека СДСМ е најдобра политичка партија, како што не е ниту ДУИ, ама овие луѓе – со сите своите слабости и „проклетства“ кои ги следат – се најдоброто нешто кое оваа земја може да го има. Знам, батиња, не сум ви јас од вчера. Ги познавам луѓето, сум акал низ оваа територија „преку трупа“, знам кој за што се залага и кој во што верува. Што би се рекло, ги знам мотивите на „актерите“.

На крајот на краиштата, сè ќе биде до оние кои користат хемиски пенкала. Оние кои ќе ги употребат и оние кои нема да ги употребат. А потоа ќе се пребројуваме за да видиме што сме направиле. И признавам – ќе биде возбудливо – и ќе каже многу за нас. Јас, на крајот, верувам, дека ќе бидам пријатно изненаден. Имам надеж во себе дека нема да отиде сè по ѓаволите. (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира