На еден од најпознатите трикови со куферите на европските аеродроми му се броени деновите. Европската унија со новите правила за амбалажа и отпад постепено ја укинува еднократната пластична фолија со која патниците го обвиткуваат багажот пред лет, а забраната треба целосно да се применува од 1 јануари 2030 година.
Обвиткувањето на куферите со проѕирна фолија со години се користи како дополнителна заштита од нечистотија, гребаници, отворање на патентите и можни кражби. Услугата стана вообичаена на голем број аеродроми, но создава значително количество пластичен отпад по секој лет.
Според објавата на Феникс магазин, новата европска регулатива ја опфаќа и еднократната пластична амбалажа што се користи за заштита на куферите и патничките торби на аеродромите.
Фолијата не е проблем само поради отпадот. Таа може да се одвитка, набере или заглави во автоматизираните системи за сортирање багаж, а во одредени случаи им го отежнува и ракувањето на аеродромските работници. Аеродромот во Хановер веќе ги советува патниците да не го обвиткуваат багажот со фолија.
Како замена, патниците можат да користат повеќекратни заштитни навлаки од ткаенина, сигурносни ремени за багаж или катанци одобрени за безбедносна проверка. Навлаките може повторно да се употребуваат, додека ремените помагаат куферот да не се отвори при транспортот.
Забраната нема истовремено да ја промени практиката на секој европски аеродром. Динамиката ќе зависи од примената на правилата и од одлуките на аеродромските оператори, па патниците пред лет треба да проверат дали обвиткувањето на багажот со фолија е дозволено на аеродромот од кој патуваат.

