Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Вашиот глас е значаен за обликување на нашата иднина

Вашиот глас е важен за обликувањето на нашата иднина. Не го потценувајте влијанието на вашиот глас. Активно следете ја изборната кампања, и застанете зад политичка понуда во која што искрено верувате и сметате дека ќе овозможи заштита и унапредување на демократијата, внатрешна стабилност, помалку поларизација и поголемо единство, просперитет и благосостојба.

Тони ПОПОВСКИ

За разлика од изборите во авторитарните политички системи, суштинска одлика на изборите во еден демократски систем е начелото на еднаквост, односно секој од нас има загарантирано право да учествува на изборите и има еднаков глас, без оглед на политичките определби, социо-економскиот статус или етничкото потекло.

Во еден демократски поредок кој го одликува политички плурализам и инклузивност, изборите се можност за граѓаните да слушнат различна политичка понуда за задоволување на нивните потреби и адресирање на предизвиците со кои се соочуваат. Преку давањето на поддршка за политики кои според избирачите се целисходни, граѓанките и граѓаните преку свои застапници го обликуваат нашето општество, политичкиот систем и државата. Секако, покрај репрезентативната демократија, неопходно е токму оние кои ќе бидат избрани да овозможат практикување и на облици на непосредна граѓанска демократија. На тој начин ќе се избегне, придонесот на граѓаните да се поврзе само со изборниот процес, но и демократијата да отклони кон автократија.

Значајна одлика на гласањето и на самите избори е и дека претставуваат платформа за демократски дијалог и дебата низ која се разменуваат различни па не ретко и остро спротивставени гледишта. Во овој контекст и заложбата, изборите да се одвиваат на фер и демократски начин со нулта толеранција за насилство. Да не заборавиме и дека спроведување на фер и демократски избори е предуслов за внатрешна политичка стабилност но и за надворешен кредибилитет на државата.

Накусо да се потсетиме и зошто демократијата е значајна за нас.

Еден вистински демократски поредок треба да биде заснован на заштита на човековите слободи и права. Во оваа смисла, можеби и најзначајната одлика на демократијата е инклузивноста, не само по однос на обезбедувањето на рамноправно учество на сите во изборниот процес туку и подоцна кога се создаваат и спроведуваат политиките. Демократијата е отворен дом за сите без оглед кој владее, и они кои владееат треба да имаат на ум дека демократски избраната власт треба да испорачува јавни услуги за сите без оглед на нивна политичка афилијација или други одлики. Истовремено, една вистинска демократија подразбира и висок степен на одговорност и транспарентност на избраните па оттаму и потребата да се создадат функционални механизми за добро владење, независно судство и слободни медиуми. Само на тој начин може да осигураме дека создаваме праведно општество со еднакви можности за сите.

Надоврзано на претходното, значајно е да се знае дека отворените и демократски општества во споредба со затворените и авторитарните, се’ многу поуспешни во привлекување инвестиции, поттикнување иновации и промоција на претприемништво, што најдиректно придонесува за забрзан економски раст и подобрување на животниот стандард.

Спроведување на фер и демократски избори истовремено е еден од клучните стандарди и критериуми на Европската Унија. Во овој контекст, на самиот процес на интегрирање во Европската Унија не треба да гледаме само како на дел од  политичите програми на партиите туку истиот претставува и силна граѓанска кауза. Демократијата и стандардите поврзани со владеењето на правото и остварувањето на заштитата на човековите права и слободи, социјалната еднаквост, унапредувањето на јавните услуги, заштитата на слободниот пазар, и ефективната заштита на животната средина и природата, во оваа и ваква Европска Унија во најголема мерка се унапредувани преку силен граѓански активизам, и постојана борба, која резултирала со прифаќање на тие стандарди од политичките партии. Истовремено, сите достапни споредбени показатели укажуваат дека интегрирањето во ЕУ најдиректно го унапредува животниот стандард и придонесува за помалку корупција, поефикасни институции  и поквалитетни услуги за сите.

Битно е да се има во предвид дека за легитимно владеење на избраните, неопходна е поголема излезност бидејќи во спротивно се создава објективен ризик, победничката политичка понуда на владеачката коалиција на партии, да не ја одразува волјата на мнозинството граѓани во државата. Социолошките истражувања кои се спроведени во изминатите осум години кај нас, укажуваат на тренд на опаѓање на излезноста, која во моментов се проектира на малку над 50% од регистрираните избирачи и ги адресираат причините. Излезноста на изборите е клучен индикатор за мерење на атрактивноста на политичката понуда но и на потребата истата да се унапредува во квалитет. Еднократна поголема излезност може да обезбедат популистички наративи и реторика но споредбените искуства покажуваат дека доколку тие политики не резултираат со реализирање на ветеното, што е најчест случај, најдиректно придонесуваат за уште поголемо разочарување на избирачите и недоверба во понудата на партиите. Од друга страна, има искуствени наоди дека реалните, неполаризирачки и умерени политики каде дебатата се води со повисок степен на политичка култура, осигуруваат поголема и континуирана излезност на избирачите. Ова е особено значајно во услови на глобална економска и енергетска криза и кога сме соочени со зовриено опкружување и заканувачки геополитички околности.

Демократијата не е совршена како систем но подобар систем, а кој истовремено осигурува мир, внатрешна стабилност и просперитет, нема.  Демократијата е сама по себе, дури и „бизарно“ слободен систем бидејќи во име на слободата на изразување и асоцирање, ги толерира и оние политички групации на краевите на политичкиот спектар кои отворено се залагаат за нејзино укинување односно за премин во авторитарен систем на цврста рака, а не ретко и во диктатура.

Почитувајте ја демократијата, бидејќи го овозможува Вашето право на глас и избор. Да не бидеме само набљудувачи на изборите, туку да земеме активно учество. Вашиот глас е важен за обликувањето на нашата иднина. Не го потценувајте влијанието на вашиот глас. Активно следете ја изборната кампања, и застанете зад политичка понуда во која што искрено верувате и сметате дека ќе овозможи заштита и унапредување на демократијата, внатрешна стабилност, помалку поларизација и поголемо единство, просперитет и благосостојба.

Зачлени се на нашиот е-билтен