Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Види кој зборува!

Во склоп со колективниот комплекс на пониска вредност, колективот си го распосла ВМРО-ДПМНЕ како гајда на разглас да жалопои за уште подалечното минато – кој тоа смее да има поголеми маки од Македонците, а? ВМРО-ДПМНЕ, пак, за себе тоа го капитализира финансиски како најбогата партија во Европа, притоа постојано одземајќи од хуманите социјални и демократски вредности во својата „работа 24/7“.

Емилја ЦЕЛАКОСКА

Во Македонија е сменето значењето на тоа што е слобода, во однос на едукацијата во југословенскиот социјализам. Или никогаш не било разбрано, не сум сигурна. Извлекувањето без огромни трагедии после распадот на СФРЈ е никулец на сегашната слобода, која сега медиумите и ДПМНЕ имплицитно, но секојдневно ја третираат како одмарање на денот после лумпување во кафеана, а не како освоена вредност. Како да ни следувала, како да се подразбирала од што сме лични-убави, па сега можеме да ја „трошиме“! Овој разгален сентимент се гледа, генерално, од извитоперениот формат на „дебатите“ и „интервјуата“ по телевизиите. Просто, дозволено е ништо да не може да се научи: Си се дозволило да се простачки, на ниво на личност версус личност, а не ориентација кон вредност, дури и со стрелање кон вредностите. На тој начин овде се конзумира демократијата – поимно заменета со „заслужената слобода“ на мамурлук. Не малку „информативни“ текстови се исто такви – прошетка по слепа улица со 5-6 ‘ркнувања шлајм. А доволно е само да се види какви треба да бидат – во Европа не недостигаат реномирани емисии во разни формати (дебати, интервјуа)… Па сигурно нема да се претвориме во бубалици ако дискутираме КАКО да се одржат вредностите, или дури, воведат! (Си велите ли сега – „Ма кои вредности“?!)

Вредностите слобода, правда, еднаквост, солидарност не се од сега, повикот за нив потекнува уште пред Христа. Тие се повиците и слоганите во Француската Револуција, тие се легалните основи на Обединетите Нации, тие се јадрото на Повелбите за човековите права. Истите се вградени во многу устави, вклучувајќи го и македонскиот. Благородноста на идејата за Европска Унија е токму заради нив. Цел свет се стреми кон нив, историски се движиме кон нивно практикување прво преку законите, додека да станат доброволни, посакувани како стандард за сите, не само за некои. Уставите служат токму за тој преод, да ја пружат рамката за реализација на тие човекови вредности низ законите: „Сите човечки суштества се раѓаат еднакви по достоинство и права“ – многу неслучајно пишува во сите нив, спротивставувајќи се на дискриминаторските, но и економските обесправувања.

Не може само да си д’ткаме овде „не, не, овде не може никогаш да има правда, солидарност, еднаквост, види ни го судството, види ја власта, види ги овие, оние…“. Има да мозгаме – КАКО да направиме за да ги има!

Не може само да си д’ткаме овде „не, не, овде не може никогаш да има правда, солидарност, еднаквост, види ни го судството, види ја власта, види ги овие, оние…“. Има да мозгаме – КАКО да направиме за да ги има! Просветителството пред 200 години направило исчекор, а ние и веќе сме ги практикувале тука, во социјалистичка Југославија. Тие се социјалистички, во основа. Слоганот Братство – Единство беше еден од најексплицитните и најмоќните, без да се претвори во клишѐ. Многу од нас се жални што не се споменува како што му е место тука – би додал вредност сѐ уште, а тогаш многумина сме го прифатиле со задоволство, затоа што интуитивно сме чувствувале дека е во ред, дека тоа би морало да е дел од светското движење напред.

Стрелањето по сите овие вредности ни влијае на секојдневниот нормален живот кога очекуваме еднаквост, солидарност, правда, права, остварувања на слободите и нормален тек на животот. Сите се согласуваме дека насоката е – најмногу за најлишените, сиромашните, луѓето со посебни потреби, особено за децата од овие категории, а не „едно тебе, едно мене“ трговии на персонално ниво или билети за рајот за привилегирани, без алгоритам како до благосостојба, најпрво за најпогодените категории.

На употребата на методите на капитализмот, очигледно различно се гледа зависно од идеологијата. Десните, во име на индивидуализмот, во основа го прифаќаат ефектот на неолиберален аздис, пазарен фундаментализам и воедно неинтервенционизам – и таму кадешто не му е место. Ова е на светско ниво. Но тој се претвара во егоизам бидејќи сфаќањето за сѐ-пазарност неолиберализмот се обидува да го прикачи и на бесценетите социјалистички вредности. Ова резултира со поигрување со човекови судбини, уште повеќе уназадувајќи луѓе родени во несреќни околности. Левите, пак, ги презираат методите на капитализмот и остануваат на многу теорија и ич пари.. Капитализмот може да се скроти конечно со историски и светски признатите економски методи за таа работа – социјалдемократските на левиот центар, конгруентни воедно и со гореспоменатите социјалистички вредности, и со економските методи на капитализмот. Само таа светска идеологија го има спасувано светот (Шери Берман, Универзитет Колумбија) и изгледа – пак ќе мора. Во САД, Франклин Рузвелт има дојдено до многу од истите заклучоци на европските социјалдемократи и тие темели стојат, без оглед на рамноземјашките (антипросветителски) потреси денес и неолибералното подразбирање на светот. Капитализмот може да биде само техника како да се обезбедат добра, но не и идеологија – тој мора да е придружен со вредностите што Рузвелт ги има сфатено – социјалистички и демократски во едно. Технологијата нека оди напред, но само социјалните и демократските норми заедно се духовната технологија со која човештвото може да продолжи напред.

Технологијата нека оди напред, но само социјалните и демократските норми заедно се духовната технологија со која човештвото може да продолжи напред.

Ова е навлегување во начинот како да ги отстраниме елементите во македонското општество кои пречат во враќањето во хуманиот светски тек. Од Шерлок Холмс знаеме – „Откако ќе го елиминираш невозможното, што и да остане, без разлика колку е неверојатно, мора да биде вистина.“ Прво, видовме колку ѝ е невозможно на една десничарска ВМРО-ДПМНЕ да прави хумана социјална политика –децата со посебни потреби и сирачињата фрлени на купови, сегрегирани. Освен неинклузивноста, осакатија генерации со образование со проколнатиот кембрич. Да не зборуваме за заробената правда, или барем за зачеток на идеја за екологија (само за преполни или запалени контејнери се зборува кога ВМРО-ДПМНЕ се „вклучени“ на темата), како и ударите на солидарноста и слободата. Треба, мора да го елиминираме тоа. Горните ешалони на ВМРО-ДПМНЕ се со сфаќања во дијапазон од примитивните робовско-феудални односи, преку експанзивно неолиберални, до опортуно-социјалистички (дејства и политики маскирани како убави социјални реформи, но со фокус на подразбирање на користољубието на персоната што „ја овозможува“ услугата).

Во таков колосек се неслучајно: Десничарството, конзервативизмот, традиционализмот итн., суштински, не се идеологии со алгоритми за решавање на проблемите на луѓето, туку очигледно се само (или се претвориле во) опортун отпор кон „нијагарата“ од сѐ појасните идеи за имплементација на социјалната еднаквост и другите светски социјал-демократски хумани идеи преку државно администрирање на (или со) капитализмот. Заради ограничувањата за пазар што самите гореспоменати вредности ги наметнуваат по својата смисла, отпорот кон хуманата социјал – демократичност во многу бивши комунистички земји е дури и поголема отколку во старите капиталистички технолошки развиени земји како САД и основачите на ЕУ, на пример. Имено, бившите комунистички земји, зависно од минатата малеволентност / беневолентност на својот комунистички диктатор, на колективно ниво лечат различни комплекси од контрастот на немањето на методска капиталистичка пракса од една страна и новооткриениот свет на слобода за омраза за секаква ситница – од телесна (каде што многу социјални категории страдаат), до идеолошка („демократија само за привилегирани“). Таа комбинација, со сите степени на манипулативни колективни психологии измеѓу, генерира голема нерамномерност во концентрирањето на пари, па поединци „вредат“ споредливо со државата.

Таму се и македонските десничари, само во споредба со другите, Македонија нема многу на што да се жали со оглед што се извлече од конфликт. А само малку пред тоа живеела под беневолентниот Тито, сосем слободна да премине од социјализам на социјалдемократија, и економски (иако тука почнаа маките со приватизацијата), и во имплементацијата на социјалните политики (можеше без проблем). Но, во склоп со колективниот комплекс на пониска вредност, колективот си го распосла ВМРО-ДПМНЕ како гајда на разглас да жалопои за уште подалечното минато – кој тоа смее да има поголеми маки од Македонците, а? ВМРО-ДПМНЕ, пак, за себе тоа го капитализира финансиски како најбогата партија во Европа, притоа постојано одземајќи од хуманите социјални и демократски вредности во својата „работа 24/7“. И до ден денес шири една срамотна фама кон социјалдемократијата – класичниот десничарски опортун начин за самодефинирање: Десното не е десно, туку е анти-центарлево (оти левото што си се нарече така, си сврте крукче накај десното). Притоа е со тенденција да го меле и центарот, кадешто многумина смирени кои искрено сакаат да бидат непристрасни и објективни, остануваат измамени дека се „на средина“, а парализирани од страв, млитави од безволност, откажани и од своите хумани права и слободи, и од туѓите. И не забележуваат дека се тргаат од централно-левиот брег каде што објективноста навистина е вредност. Така, десните ги дефинираа и „неутроните“, суштински анти-центарлеви т.е десни, преку најпосакуваната интелектуална  (ја претворија во глума-за-интелектуална) и медиумска вредност – објективноста. Да заклучиме тука, македонското десно не е способно ни за одржување, а камоли унапредување на хуманите социјални и демократски норми, и емпириски и теоретски потврдено, а медиумите претежно се кљашкаат во плиткото на десниот брег.

Речете си еднаш: Чекај, анти-социјалдемократска партија како ВМРО-ДПМНЕ замера за – правда, образование, здравство, социјала и против корупција?! Види кој зборува!

Речете си еднаш: Чекај, анти-социјалдемократска партија како ВМРО-ДПМНЕ замера за – правда, образование, здравство, социјала и против корупција?! Види кој зборува! Прво-ешалонка на ВМРО-ДПМНЕ вели дека реализаторите на македонската социјал-демократија се повеќе од канцер, ковид, Чернобил?! Пишува акроним (СДС), затоа што е лага и срамота да се каже дека социјалдемократијата е канцер-ковид-Чернобил. Ако сметаат дека македонските социјалдемократи не ја реализираат социјалдемократијата доволно добро, тогаш зошто самите не предлагаат поиздржани идеи, кои ќе мораат да се уште по-социјалдемократски, па да бираме меѓу подобри и полоши остварувачи на социјалдемократските вредности – оти и од ВМРО-ДПМНЕ во своите (отровни) комуникации се фалат со тие вредности.

Може ли конечно да се вратиме на правецот во кој ориентираноста кон ЕУ како социјален и демократски идеал, со социјалните, образовните, итн. ќе бидат стабилно важни како и економските политики? И да не знаеме, просто, кој е на власт? Ако бираме, може ли веќе еднаш да бираме меѓу реализатори на ДОБРА и реализатори на ПОДОБРА социјална, економска, итн. – европска, односно социјалдемократско-вредносна политика? Зошто на секои пар години сме соочени само избор меѓу какви-такви социјалдемократи (што не ги комуницираат своите постигнувања) и – организиран брутален атавизам?! Елиминацијата на „невозможното“ според сократски структурираната идеја на А. Конан Дојл може да се реши со алатките кои ни се на располагање нам, на „обичните“ граѓани, додека не ни се укинале, а тоа е гласањето против креативниот примитивизам на ВМРО-ДПМНЕ. Мора да се надгласа тоа зло со голем удел над нивната слепа база, за која било друга опција само не ВМРО-ДПМНЕ и конечно да се дефакторизира во општествово.

Ако некогаш воопшто требаше да се направи голем споменик, тоа е споменикот за пензионерите во Капиштец во 2013 кои за инает на злото што им ги расипа лифтовите, по скали се симнуваа од 20-ти кат за да го надгласаат и – успеаа! „Бомбата“ број 9 беше во врска со тоа: за победа на изборите во општина Центар беа користени повеќе методи: намерно се исклучувани лифтовите во повисоките згради во општината; носени се гласачи од Пустец; биле договарани неважечки ливчиња; биле правени притисоци врз наставници да донесат по еден дополнителен глас за ВМРО-ДПМНЕ, итн. Во 2014 г., пак, бил заговаран увид во избирачкиот материјал и во списокот, со цел да се направи притисок врз оние кои не гласале во првиот изборен круг, гласање од мртви души, итн. Тука, од 25-тиот извештај за следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, се запишани многу од грозоморните криминални „муабети“ на челниците на ВМРО-ДПМНЕ). Не се сосем истите реализатори, ама нема дисконтинуитет. Ниту со ванчо-михајловизмот, ниту со груевизмот. Зошто оваа структура сѐ уште е камен на кој се сопнуваме во нашите секојдневни обврски, во нормалниот живот?!

Сега може да го искористиме паметот од лесната лекција за „зезнувањата“ на автобускиот превоз, (иако истата лекција се влече од БРТ наваму, на многу сличен начин како лицемерието за сакањето-нејќењето во ЕУ) и да избегнеме ужасен и болен начин за учење во иднината како требало да направиме оваа пролет, кога веќе сме „имале среќа“ во 90-тите…  

Треба да знаете
Moже да ве интересира