Луѓево во 2026 година барем овде кај нас не бараат повеќе вистина и веројатно нема потреба да се убедуваат дека треба да ја бараат. Тешко е да убедите некој дека вреди да се бара вистината. Всушно бадијала е да убедуваш некој во тоа.
Миле БОШЊАКОВСКИ
Пред неколку дена налетав на текст на факт чекерите од Вистиномер во кој детално се анализира една вирална фотографија од црква во Сирија. Линкот од текстот ќе го поставам најдоле во колумнава за да имате увид за што станува збор. Во текстот на Вистиномер е разбиен како што треба школски еден мит на социјалните мрежи за фотографија од Сирија од петтиот век или приказната дека истата претставува доказ за постоење на македонски јазик / глаголица, 500 години пред истата да е создадена.
Текстот е напишан по сите стандарди како што би требало да изгледа секоја проверка на факти. Со извори, објаснувања, историски контекст и со јасно наведени аргументи кои лесно можат да се проверат дека се точни.
Како што правиме сите вообичаено кликнав на коментарите да ги прочитам. Има над сто и се зголему нивниот број. Тоа што сфатив е дека „приказната“ воопшто не е за Сирија, за македонскиот јазик и глаголицата во петтиот век. Приказната е за нас луѓето.
Ниту еден коментар не укажува дека текстот бил прочитан, дека нешто научил или дека има сериозна расправа со фактите. Не постои контратеза или не дај боже научна дебата. Коментарите се движат меѓу „Гомна собрани на едно место.“, накај „Ебаве клатикури недоквакани.“, па следува „Душебрижници“ и се разбира на „На факт-чекери не им верувам.“
Интересно е што најголемиот дел од коментаторите не го оспоруваат текстот. Тие го оспоруваат правото некој воопшто да проверува факти.
Тука доаѓаме до суштинското прашање. Што им се случува на луѓето?
Дали е неписменост? Мислам дека не ! Барем не техничка поголемиот дел знаат да читаат. Дали е недостаток на интелигенција? Не би рекол ниту ова бидејќи глупоста ретко е доволно објаснување за сложени општествени појави.
Проблемот за жал е подлабок и никаков вистиномер нема да го реши. Убеден сум дека во ерата на социјалните мрежи луѓето барем повеќето престанаа да бараат што е вистина. Наместо нејзе луѓето го бараат тоа што им одговара да биде вистина.
Или уште појасно – ако некоја информација го потврдува она во кое што тие веќе веруваат, ја прифаќаат без сомнеж. И, обратно – ако некоја информација го загрозува нивниот поглед на светот, ја доживуваат како напад.
Резултатот е дека фактите повеќе не се факти. Ова е посебно изразено кога се зборува на теми поврзани со националниот идентитет. Веројатно е така бидејќи не се само обична информација постојат слоеви на емоција, припадност, гордост и секогаш лична приказна.
Идентитетот не е иста тема за муабет како поскапувањето на бензнот. За бензинот и сакаме да грешиме дека не поскапува. Ама кога некој ќе Ве р’чне во љубовта кон Дениција или можеби ќе ви каже дека Дениција пред вас имала поубав дечко е тогаш идеме жестоко. И, во овие случаи нема да помине приказната дека аргументот е слаб. Нема повеќе одбрана со аргументи туку со агресија. Затоа што да бидеш насилник е полесно отколку да се сомневаш во нешто. За да прифатиш дека не си во право за одредена информација или убедување потребен е карактер, а за агресија доволно е да напишеш предавник, платеник и слично.
Луѓево во 2026 година барем овде кај нас не бараат повеќе вистина и веројатно нема потреба да се убедуваат дека треба да ја бараат. Тешко е да убедите некој дека вреди да се бара вистина. Всушно бадијала е да убедуваш некој во тоа.
Сепак да бидам чесен и вистинољубив треба да кажам дека се ова е познат психолошки и социолошки феномен. Имаме истражувањата во когнитивната психологија кои утврдиле дека луѓето не ги обработуваат информациите исклучиво рационално. Еден од најпознатите механизми е таканаречената „пристрасност на потврдување“ (confirmation bias). Поединците имаат тенденција да прифаќаат информации кои ги потврдуваат нивните постојни верувања и да ги отфрлаат оние што им противречат. Кога некој веќе верува дека постојат скриени докази за древноста на македонскиот јазик, секоја фотографија, мапа или цитат што ја поддржува таа теза се доживува како потврда. Наспроти тоа, секој факт што ја оспорува тезата се доживува како закана.
Да не одиме во академски крајности, но мора уште еден феномен да се истакне овде а тоа е когнитивна дисонанца односно концепт развиен од психологот Леон Фестингер уште во 1957 година. Се работи за момент кога кога човек ќе се соочи со информација што е во директен судир со неговите убедувања. Наместо да ја промени својата позиција, човекот често избира да ја отфрли информацијата или да го нападне изворот. Причината е едноставна: признавањето дека сме грешеле создава психолошка непријатност.
Многу полесно е да се заклучи дека „факт-чекерите лажат“ отколку да се преиспита став што сме го бранеле со години.
И, се завршува со агресија како знак за загрозен идентитет.
