Освен моќната и грандиозна музичка структура на кантата „Кармина Бурана“ на Карл Орф, германски композитор кој создавал во триесетите години на минатиот век, поемите од големата колекција на средновековни записи од 12 и 13 век, кои биле музички напеви користени од секојдневните луѓе во секојдневниот живот, звучат и денеска, во 21 век, исклучително актуелно.
Се верува дека се пишувани и компонирани од страна на таканаречените „Патувачки интелектуалци“, кои во најголем број биле студенти по теологија на универзитетите низ Германија, Франција, Англија и Италија, кои со своето поетско творештво изразувале силно негодување против големите проблеми во Католичката црква, како пропаста на Крстоносните војни и финансиските малверзации.
Тоа била интелектуална елита на учени и ученици кои патувале низ средновековна Германија од еден училиштен центар до друг. Овие „патувачки интелектуалци“ ги ставиле под силна критика паднатите вредности на средниот век: аморалниот пристап кон сексот, уживањето во земните задоволства и конзумирањето на пороците (пиење, коцка).
Посебно биле насочени кон критиката кон црквата и црковните догми, ги исмевале човековите слабости, се исмевале со тогашните државни институции.
Храбро влегувале во отворен конфликт доколку некоја работа не им се допаѓа и сето тоа укажува многу повеќе на современа парафраза и став кон општеството во 20 или 21 век.
Особено интересно е што кантата на Карл Орф, напишана во перидот од 1936 до 1937, во екот на нацизмот во Германија, ги вознемирила нацистите поради фактот дека премногу експлицитно се вметнати еротски и сексуални елементи, но се воздржале од тоа да го забранат или санкционираат Орф кога го увидуваат ентузијазмот со кој народот го прифатил делото.
И додека уметноста не препознава режими и граници, популарноста на Кармина Бурана продолжува да добива на углед и после војната, па до шеесеттите години на 20 век кога станува етаблирано дело во класичниот репертоар на секој симфониски оркестар.
