По успехот на претходните изданија, годинава повторно ќе се одржи регионалната иницијатива „Meet Prespa 2026“, настан што има за цел да ги поврзе граѓаните од Северна Македонија, Албанија и Грција преку заеднички активности, дружење, спорт, култура и промоција на природните убавини на Преспанскиот Регион. Според организаторите, настанот претставува симбол на добрососедство и пример како прекуграничната соработка може да ги надмине административните граници и да создаде нови можности за локалните заедници.
На трети јули започнува шестото издание на фестивалот Meet Prespa.
Свеченото отворање ќе биде во 20:00 часот со училишниот двор во село Брајчино, по што ќе следи настап на групата Песриди. Забавата насловена како „Ноќ на интерпукции“ ќе трае со до 4 часот наутро.
Следниот ден, четрти јули ќе има богата културно уметничка програма која ќе започне на пладне и ќе трае се до три часот по полноќ.
Според досега најавените активности, во фокусот се:
- промоција на природните убавини на Преспанското Езеро и Националниот парк Галичица;
- велосипедски и пешачки тури низ преспанските села;
- презентација на локални земјоделски производи, особено преспанското јаболко;
- гастрономски понуди и дегустации на традиционална храна;
- културни настани и средби со учесници од Северна Македонија, Албанија и Грција;
- активности поврзани со одржлив туризам и прекугранична соработка.
„Meet Prespa“ се затвора на петти јули со традиционален летен поздрав до гостите со „Брајчинско котле“.
Преспа е еден од ретките региони во Европа каде што три држави делат заедничко природно и културно наследство. Токму затоа, иницијативи како „Meet Prespa“ се сметаат за важен придонес во градењето доверба меѓу луѓето од трите земји и во развојот на туризмот, културната размена и економската соработка. Последниве години регионот станува сè позначаен пример за прекугранично партнерство, поддржано и од европски програми за одржлив развој, заштита на природата и туризам.
Настанот доаѓа во период кога се интензивираат иницијативите за подобро поврзување на преспанскиот регион. Во тек се проекти за подобрување на прекуграничната инфраструктура меѓу Северна Македонија и Грција, вклучително и воспоставување нов граничен премин во областа Маркова Нога – Лемос, што значително би го олеснило движењето на луѓе и туристи во регионот.
Покрај инфраструктурното поврзување, Преспа сè повеќе се позиционира и како простор за заеднички културни и еколошки иницијативи. Регионални организации од трите држави преку мрежата „PrespaNet“ работат на зачувување на биодиверзитетот и природното наследство на Преспанското Езеро, додека бројни фестивали и културни настани ја промовираат Преспа како место на средба на различни традиции и култури.
