На 03 јуни 2026 година, со почеток во 18:00 часот, во Мобилната галерија во Паркот на Франкофонија, ќе се отвори изложбата „Меѓу нас“ на Горан Костовски – Индог, негова 8-ма самостојна изложба.
Проектот произлегува од долгогодишното истражување на темата „Славење на животот“, започнато во 2011 година, и во оваа фаза се фокусира на емпатијата, љубовта и колективната грижа како двигатели на подобра иднина.
Преку илустрации, платна и графики создадени во последниве години, изложбата ја истражува емоционалната состојба на човекот и неговата поврзаност со природата и заедницата. Цветот како централен мотив се појавува како симбол на раст, ранливост и трансформација, носејќи состојби на љубов, тага, радост и надеж.

„Меѓу нас“ отвора прашања за менталното здравје како заедничка одговорност, повикувајќи на дијалог, поврзување и солидарност. Изложбата функционира како терапевтски и ангажиран простор што поттикнува чувство на припадност и можност за промена преку мали, но значајни гестови на грижа.

Горан Костовски – Индог е илустратор, дизајнер, уличен уметник, DJ и активист. Во својата практика ги спојува визуелната уметност, музиката и активизмот, соработувајќи со бројни организации, компании и уметници.
Во 2011 година ја основа DIY (Doing Yourself In), како и унисекс етикетата Celebrate Life – платформа за позитивни пораки и урбана култура, чиј концепт го продолжува и преку своите винил dj сетови. Од 2020 година го води и подкастот посветен на менталното здравје, со над 100 реализирани епизоди. Активно изложува и настапува во земјата и странство. Повеќе за неговата работа може да се погледне на www.indog.info
