Традиционално, со врачување на највисоките фестивалски признанија и меѓународното поетско читање „Мостови“, вечер, 28 јуни, на Мостот на поезијата завршува 65-тото издание на Струшките вечери на поезијата.
На манифестацијата, на холандската поетеса Анеке Брасинга ќе ѝ биде врачен „Златниот венец“, највисокото фестивалско признание. Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата ќе и биде доделена на македонската поетеса Николина Андова Шопова за збирката „Во куќата“.
Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант му беше врачено на Даниел Хајндс од Обединетото Кралство.
По завршување на меѓународното поетско читање „Мостови“ ќе биде прогласен и добитникот на наградата „Енхалон“.
Денеска ќе се реализира и традиционалниот излет со брод до манастирот Свети Наум, каде што ќе се одржи поетско читање. Поетите ќе имаат несекојдневна можност да уживаат со вината на винарската визба „Тиквеш“, а на бродот ќе биде доделена и награда за најдобра песна посветена на виното „In vino veritas“.
Во рамките на фестивалската програма утре (29 јуни) предвидено е „Поетско матине“ во винарската визба „Тиквеш“ во Кавадарци.
Струшките вечери на поезијата свечено беа отворени во средата (24 јуни) со традиционалното палење на фестивалскиот оган и садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатот за 2026 година, поетесата Анеке Брасинга од Холандија.
Манифестацијата Струшки вечери на поезијата се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а е финансирана од Министерството за култура и туризам.
