Прилеп го одбележува јубилејот на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој шест децении е столб на националната култура. Оваа година, под мотото „Храбриот нов театар“, фестивалот ги преиспитува општествените кризи преку богата програма, изложби и почит кон доајените на македонската театарска уметност, потврдувајќи ја својата улога како средиште на театарската мисла.
Со претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар Скопје, вечерва свечено се отвора 60. МТФ „Војдан Чернодрински“. Претставата ќе биде изведена во Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп во 20 часот.
Основан во 1965 година, фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп прерасна во најзначајна институција за афирмација на македонската драмска продукција.
Под водство на уметничката директорка Ана Стојаноска, оваа година фестивалот се одржува под мотото „Храбриот нов театар“, фокусирајќи се на темата за кризата на човекот во општеството. Официјалната програма вклучува 13 претстави, од кои 9 се во конкуренција за награди.
Шеесетото јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, ќе започне вечерва во 19 часот со изложба 60 години „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Станува збор за хибридна изложба на артефакти од долгогодишната традиција на фестивалот. Во неа ќе се следи приказната за фестивалот визуализирана со конкретни сведоштва за луѓето и настаните што ги обележале овие години фестивалски живот. Изложбата е поддржана од „Витаминка“ – Прилеп во рамки на заедничката прослава „70-60-50“ (70 години „Витаминка“, 60 години МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и 50 години заедничка соработка). Патеката ќе започне од Театарот „Војдан Чернодрински“, ќе продолжи кон Музејот на икони, Градскиот саат, Реклами, и ќе заврши во Центарот за култура „Марко Цепенков“.
– Сакаме да им оддадеме почит на тој начин што ќе ги споменеме заедно со сите фотографии, постери, документи, предмети кои ќе го осведочат времето што поминало, но и ќе направат одличен простор за времето што ќе дојде. Изложбата има и перформативен дел – студентите од ФДУ под менторство на режисерката Шенај Мандак играат перформанс на драмите од Дејан Дуковски. Патот на фестивалот е симболична патека на која преку нарација и аудиовизуелен контакт ќе може да ја следиме историјата на фестивалот и да ја видиме секоја значајна меморабилија – вели Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.
Годинашен „Автор во фокус“ е истакнатиот драмски писател Дејан Дуковски, чие творештво е централна точка на фестивалските дискусии. Неговото влијание е видливо и во затворањето на фестивалот, кога Београдско народно позориште ќе ја изведе претставата „Црно злато“. Овој потег ја нагласува регионалната поврзаност и важноста на размената на идеи во современиот театар. Покрај изведбите, фестивалот вклучува научни трибини и тркалезни маси, каде што стручното жири, составено од Дарко Лукиќ, Аида Буквиќ и Снежана Конески-Руси, ќе ги оценува естетските дострели на продукцијата.
Оваа година фестивалот се реализира со поддршка на компанијата „Витаминка“, која исто така слави 70 години постоење, симболизирајќи ја долгогодишната соработка меѓу бизнис секторот и културата во Прилеп.
