На КРИК гостува Шејла Камериќ која МСУ ќе го претвори во простор на будност, сеќавање и заедничка ранливост

Камериќ

Во рамки на годинешната програма на КРИК – фестивал за критичка култура, Контрапункт во Музејот на современа уметност, во петок (18 септември) со почеток во 18 часот, ќе биде поставена исклучителната инсталација на една од меѓународно најзначајните уметници од регионот, Шејла Камериќ.

По меѓународното претставување на инсталацијата „AWAKE” во април годинава, во MuseumsQuartier во Виена, имаме чест да го прикажеме овој комплекесен политички и интимен проект во присуство на уметницата. Камериќ овојпат го претвора Музејот во простор на будност, сеќавање и заедничка ранливост, преку просторно респонзивна/партиципациска светлосна инсталација.

Јавното обраќање на авторката и организаторите ќе се одржи во 19,30 часот.

Уметноста на Шејла Камериќ повеќе од две децении отвора простор за размислување за она што Балканот, Европа и светот воопшто, често се обидуваат да го потиснат: сеќавањето, траумата, насилството, идентитетот, политичката одговорност и кревкоста на заедничкиот живот.

Камериќ создава дела што зборуваат од конкретно историско и лично искуство, но, отвораат и прашања кои се однесуваат на сите нас: Како се сеќаваме? Што значи да бидеме сведоци? Како да останеме чувствителни на туѓата ранливост во време кога насилството, кризите и неизвесноста стануваат дел од секојдневието?

За инсталацијата:

Кураторска изјава од Астрид Петерле

Живееме во сегашност дефинирана од забрзувањето, во време во кое изворите на анксиозност се чини дека немилосрдно се множат и тоа со сè поголема брзина: катастрофи предизвикани од човекот, исцрпувачки неизвесности и безброј причини за песимистички предвидувања за иднината. Многумина од нас кои ја имаме привилегијата да не бидеме директно соочени со војна, уништување, насилство и егзистенцијални стравови на секојдневна основа, сепак сме придружувани од чувство на очај, беспомошност.

Нормализацијата на ужасот е алармантен симптом на кој мора да му се спротивставиме под сите околности. Искушението да се приклучиме кон дигиталниот хор на анонимни коментари често е огромно, иако тоа толку често не произведува ништо повеќе од дополнителна омраза и поделби.

Истовремено, покрај овие пошироки реалности, постои и она длабоко лично: приватните секојдневни грижи, загуби, стравови и интимната тага. Оваа збунувачка мешавина од емоции придружува многумина од нас и, повеќе од кога било, треба да се уверуваме едни со други дека не сме сами во оваа состојба што ја нарекуваме сегашност.

Особено сега, потребни ни се посветени чинови на заедничка емпатија и солидарност во нашата споделена ранливост. Шејла Камериќ ни нуди токму таква можност: привремен простор за заедништво и внимателно, почитувачко преиспитување.

Повеќе од дваесет и пет години, Камериќ создава дела преку своите уметнички проекти – особено во јавни, слободно достапни урбани простори – дела и интервенции кои не само што ја прават реалноста акутна туку го поттикнуваат и мислечкиот процес, отворајќи простори за граѓански отпор кон репресијата, насилството и омразата.

Овие уметнички чинови не мора да имаат форма на гласни гестови или пароли, кои често само ги потврдуваат методите на моќта. Напротив, тие претставуваат сојузи на отпорот кои се појаваат тивко, преку чин на заедничко постоење втемелено во меѓусебното почитување и признавање – такво кое остава простор за противречност и различност.

Со „AWAKE“, Камериќ создава атмосфера која потсетува на бдение. Ваквите бденија обично настануваат од конкретна причина, како јасно артикулирани протести или изрази на жалост како одговор на одреден настан. Овде, меѓутоа, намерно нема сигурност, нема фактички повод, нема фиксиран наратив, нема именувано сеќавање.::

——–
Искра Гешоска „AWAKE”, извадок од текстот за изложбата

„Awake создава мост помеѓу приватното и колективното, кревка архитектура изградена од светлина, сенка и сеќавање. Овде, тагувањето станува заеднички чин. Гледачот не е надвор од рамката, туку е вткаен во неа. Погледот повеќе не консумира. Тој учествува, трепери, дише. Сликите и просторите на Камериќ дејствуваат како огледала во кои на сопствениот одраз му се придружуваат безброј други: исчезнатите, ожалостените, заборавените.

Да се биде буден, во вокабуларот на Камериќ, значи да се одбие вкочанетоста. Таа инсистира дека свесноста е етички гест – дека препознавањето на туѓата болка е почеток на отпорот. Ова будење не ветува спасение. Тоа е жестоко, сурово, понекогаш неподносливо. Како мигот пред да потечат солзите, како секундата пред зори, кога светот го задржува здивот. Уметноста на Камериќ го прави тој лиминален простор опиплив: мостот суспендиран меѓу сонот и будењето, смртта и опстојувањето, заборавањето и сеќавањето. Шумот на заедничката загуба е насекаде. А, сепак, тука е и нежната отпорност на живите – шепотот дека самото преживување е чин на пркос. Awake трепери меѓу отсуството и присуството, и едното и другото како тивок бунт против бришењето. Камериќ ја преобразува жалоста во форма на будност.“

За Шејла Камериќ

Шејла Камериќ (родена 1976 година, Сараево) е меѓународно призната визуелна уметница чии дела ги истражуваат сеќавањето, идентитетот, политиките на наследството на конфликтот. Меѓу нејзините позначајни јавни проекти се „EU/Others“ (Биенале Манifesta, 2000), „Bosnian Girl“ (2003), „Ab uno disce omnes“ (Wellcome Collection, Лондон, 2015) и „CEASE“ (Венеција, 2024).

Таа е позната по своите интимни, социо-политички коментари кои се проткајуваат низ нејзината разновидна уметничка практика. Втемелена во емпатијата како основен начин на комуникација меѓу уметникот, субјектот и гледачот, нејзината практика истовремено ги открива и ги конструира просторите на моќ и политичко ангажирање.

Камериќ изложувала во голем број значајни институции, меѓу кои Tate Modern (Лондон), Centre Pompidou (Париз), MACBA (Барселона), Musée d’Art Moderne de la Ville de Paris, Museum Boijmans Van Beuningen (Ротердам), Istanbul Modern и MMCA (Сеул).

Во 2026 година, нејзината работа ќе биде претставена во рамки на Manifesta 16 Ruhr и Mardin Biennial. Камериќ е добитничка на наградата ECF Routes Princess Margriet Award for Cultural Diversity (2011).

****
Мотото на КРИК и понатаму останува втемелено во размислата на Ален Бадју:
„Заедницата која се заснова врз политичка култура на критичко дејствување и соочување преку конфронтација, е заедница на слободата, на взаемноста, на храбрата пловидба кон новите хоризонти на општеството со едра придвижени од ветриштата на креативната уметничка конфронтација и на политичката имагинација.“

Програмска уредничка и организаторка на КРИК – фестивал за критичка култура: Искра Гешоска
Програмски консултанти и организатори:
Тијана Ана Спасовска и Артан Садику
Соработнички тим:
Петар Милат, Зорица Зафировска, Стефан Богески, Кома дизајн студио.
Волонтери: Теона Танурева Каранфилова

За повеќе информации:
https://kontrapunkt-mk.org/
https://www.instagram.com/critical.culture/
https://youtube.com/@ngokontrapunkt3837?si=iUuGWynjhBAVMZJ5

Партнерства и поддршка:
KРИК – фестивал за критичка култура е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.

КРИК – фестивал за критичка култура е поддржан од ПроПис Северна Македонија, Фридрих Еберт Штифтунг Скопје, Швајцарската агенција за развој и соработка, Future Bright Art Foundation, Гете Институт Скопје и Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?